Комесарот на ОН за бегалци го обвини Израел за конфликтот во палестински територии

 Генералниот комесар на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), Филипе Лазарини, за време на посетата на Мадрид изјави дека крвопролевањето во Палестинските територии го испровоцирал Израел со протерување палестинските семејства од источен Ерусалим и забрана на верниците да влегуваат во џамијата за време на рамазанските празници.

„Ова беше најавена криза, знаевме дека ќе избувне ако ништо не се стори. Во текот на изминатите две недели имаше закани во Шеик Џарах дека ќе се протераат десетици палестински семејства што живеат таму повеќе од 70 години. Во исто време, целосниот влез на верниците беше забранет за време на Рамазан до џамијата Ал Акса. Тоа беа причините за востанието, изјави Лазарини за шпанскиот весник Ел Паис пред состанокот со шпанскиот министер за надворешни работи.

УНРВА е основана пред 70 години за да им помага на палестинските бегалци по Накба, или „катастрофа”, како што Палестинците го нарекуваат погромот што го доживеаја по војната во 1948 година, кога Евреите ги протераа од нивната земја за време на основањето на Израел. Агенцијата на ОН обезбедува едукативни и здравствени услуги на повеќе од 5,6 милиони палестински бегалци во Газа, Западниот брег, Либан и Јордан.

„Две училишта беа оштетени, а исто така и централните канцеларии во Газа. Меѓу убиените деца беа најмалку осум кои одеа во нашето училиште”, рече Лазарини откако израелската армија уби повеќе од 30 деца од околу 130 загинати Палестинци во артилериски и воздушни напади во Појасот Газа оваа недела.

Израел тврди дека ги напаѓа упориштата на палестинското движење Хамас поради истреланите ракети од таму, но уништи цивилни згради како што е зграда на 13 ката, чии снимки од уривањето го обиколија целиот свет.

„Синоќа стотици луѓе во северниот дел од Газа побараа засолниште во нашите училишта. Подготвуваме простор за нови пристигнувања. Складираме вода, храна и средства за хигиена”, рече Лазарини и додаде дека ситуацијата е потешка отколку во 2014 година, кога 300.000 луѓе биле нападнати од Израел и барале спас во нивните училишта.

„Разликата е во тоа што сега сме сред пандемија. Ако бомбардирањето продолжи и има дополнителни бегалци, ќе биде тешко да се спречи ширењето на инфекцијата со коронавирусот”, предупреди тој.

Појасот Газа е мала област со два милиона жители и не може да се стигне ниту да се влезе затоа што е опколена од израелската армија.

„Додека ги посетував бегалските кампови, чувствувам очај, вознемиреност и безнадежност. Луѓето таму чувствуваат дека меѓународната заедница ги напушти. Тие гледаат дека нивниот проблем не е на политичката агенда. Затоа е плодна почва за фрустрација и немири”, рече Лазарини.

Израел не прифаќа резолуции на ОН или јурисдикција на Меѓународниот кривичен суд за истрага и гонење на воени злосторства. Милитантното движење Хамас истрела ракети кон Израел откако израелската полиција повреди демонстранти во источен Ерусалим.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот