Коловозот и велосипедските патеки мора да се чистат паралелно

Велосипедските и пешачките патеки воопшто не се чистат од страна на надлежните или, пак, се чистат откако ќе заврши расчистувањето на снегот по булеварите и споредните улички, обвинуваат велосипедистите. Според нив, многу често на терен може да се забележи како снегот што бил расчистен од главните сообраќајници, се складира на патеките наменети за велосипедисти и пешаци. На тој начин, според нив, дополнително се загрозува нивната безбедност.

Од неформалната група „На точак“ бараат паралелно со чистењето на коловозот да се чистат и велосипедските и пешачките патеки, за велосипедскиот и пешачкиот сообраќај да го добие заслуженото место на пирамидата на сообраќај во Скопје.

– И покрај помпезните промоции на километрите и километри изградени велосипедски патеки во градот, со првиот снег се затрупуваат сите декларативни изјави за значењето и местото на велосипедскиот и на пешачкиот сообраќај во целокупниот сообраќај. Може да се заклучи дека ништо не се сменило во перцепцијата на Градот и покрај изјавите дека Скопје се преобразува во велоград, очигледно е дека дејствата на терен зборуваат друго – стои во објавата на Фејсбук на „На точак“.

Велосипедистите објаснуваат дека на некои велосипедски патеки се фрла сол со лопати од коловозот, но според нив, повеќето пешачки патеки не се ни чистат па пешаците се приморани да газат по кашите на велосипедските патеки и да се ставаат во ризик себе си  и велосипедистите, кои и онака возат по проблематична подлога.

Од Град Скопје информираат дека нивни екипи работеле на терен и пофреквентните велосипедски и пешачки патеки навремено биле исчистени.

Оттаму велат дека покрај расчистувањето на дел од пешачките и велосипедски патеки низ Скопје, нивни екипи работеле и на расчистувањето и на патиштата до Средно Водно, Долна Матка, Усје, Сопиште, Пинтија, Љубанци, Љуботен и Бањани, а им излезе во пресрет и на останатите институции, откако успешно го заврши чистењето на сите градски улици и булевари.

Во обид да се намалат штетите што можат да бидат предизвикани од тежината на снегот, во изминативе неколку денови и екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ имаа „полни раце работа“.

– Викендов екипите на терен интензивно ги ослободуваа натежнатите гранки од снегот што го покри градот, со цел да се избегне кршење и оштетување особено на младите садници и грмушки. Исто така се расчистуваа и пешачките патеки во парковите – информираат од ЈП „Паркови и зеленило“ од каде што додаваат дека немало дојава за паднати дрвја, кои попуштиле под тежината на снегот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот