Кој не може во банка, може да повика нотар дома

банки
Скопје, 18 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Пензионерите кои примаа пензии преку Еуростандард банка, а кои немаа и друга трансакциска сметка, за да навреме ја добијат пензијата, имаат можност уште утре да отворат сметка во некоја банка. Доколку тоа не го направат, пензијата ќе ја добијат дополнително, откако ќе ја регулираат сметката.

Што се однесува, пак, до корисниците на разични социјални примања, вклучувајќи ги и немоќните кои примаат туѓа нега, ако досега биле во Еуростандард банка, а немале трансакциска сметка во друга банка, треба да отворат трансакциска сметка најдоцна до 25 август. Но, како што соопштуваат од Министерството за труд и социјална политика, во исплатата на овие социјални трансфери не е вклучена Охридска банка, така што ако на корисниците им останала на располагање само трансакциската од оваа банка, исто така, треба да отворат сметка во некоја друга банка. Ако навреме отворат трансакциска сметка, корисниците навреме ќе ја добијат исплатата што ќе се врши во септември. Ако отворат трансакциска после 25-ти вгуст, во октомври, ќе добијат пари за двата месеца заедно.

Турканиците пред банките стивнуваат, но во изминативе денови, поради овие рокови имаше големи редици, а најмногу регираа возрасните луѓе кои мораа да чекаат на сонце и во услови на коронавирус. Но, според регулативата, граѓаните сами, или преку полномошник, може да отворат сметка во банка за да ги добиваат сопствените примања.

За да отворат трансакциска сметка преку полномошник, банките имаат урнек за полномошно кој треба да се земе од кај нив и да се пополни во домашни услови. Потоа, по сопствен избор се поканува нотар дома да ја направи заверката на полномошното. Нотарите велат дека им се обратиле граѓани за ваква услуга и дека треба однапред да се закаже тремин. Доаѓањето на нотарот дома чини 1.200 денари, а заверката на готовиот урнек за полномошно 150 денари. Нотарите велат дека доколку банката која е избрана, нема готов урнек,  тогаш може да го изготви и нотар, а тоа чини 450 денари.

Деновиве имаше граѓани кои реагираа дека имаат многу „за шетање“, односно дека откако ќе отворат трансакциска сметка, треба да ја носат во Фондот за пензиско, односно во Министерството за труд. Но, и од двете институции нагласуваат дека тоа не е потребно, односно дека банката кај која отвориле сметка ќе ги извести. Но затоа, при отворање на трансакциската сметка, граѓаните треба да нагласат дека преку неа сакаат да ја примаат својата пензија, или некој од социјалните трансфери. Ова важи и за оние кои досега примале пензија, или социјална помош преку Еуростандард, но имале сметка и во друга банка, И тие треба во предвидениот рок да отидат во таа банка и да ја известат дека преку неа сакаат да ги примат исплатите, за да може банката навреме да го информира Фондот за ПИОМ, односно Министерството за труд и социјална политика.

Ова важи и за оние кои досега имале сметка во Еуростандард, но и во друга банка, а пензијата, или социјалната помош, им биле исплатувани преку Еуростандард. Иако имаат и друга трансакциска сметка, тие треба да отидат во  банкака каде што се види таа сметка, и навремено да ја информираат дека сакаат преку неа да примаат социјална помош, или пензија, за да банката достави податоци до овие институции.

Во Еуростандард банка имаше повеќе од 140.000 граѓани-депоненти. Од нив, околу 30.000 пензионери и 25.000 корисници на социјална помош.

Клиентите од Еуростандард ги „нападнаа“ банките (ФОТО)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот