Кој го украде ова куче од „Бисер“ и дали целта се борбите со кучиња?!

Куче со маркичка на увото кое долго време е миленик во населбата Аеродром, во четвртокот вечерта било украдено од улица и ставено со синџири во гепек на возило со кумановски регистерски таблички, сведочи за „Слободен печат“ очевидец.

-Околу 18 часот и 30 минути две машки лица кои му имаа ставено ланец, го внесоа во гепек од возило со кумановски регистарски таблички. Ја запишав регистрацијата и марката на возилото. Пријавата уредно е доставена до полициска станица Аеродром уште во петокот од страна на „Лајка“. Инаку, јас ги видов како го ставија кучето во гепекот, го врзаа. Кога ме видоа дека фотографирам, едниот излезе да ми рече да ги избришам фотографиите. Рече дека го земаат кучето за да го чуваат. Но јас мислам дека има доволно бездомни кучиња во Куманово, па може да вдомат од таму. Да не се лажеме, го украдоа кучето за да го користат за борби, изјави за „Слободен печат“ девојката што го пријавила настанот во полиција.

Таа додаде дека двајцата мажи што го зеле кучето, се знаат со име и презиме и адреса, благодарение на регистарските таблички, но не ѝ е јасно зошто полицијата не постапува брзо за вакви случаи.

-Беше многу мирно куче и нив некој мора да им го „препорачал“, беше големо куче, мешавина со шарпланинец. Такви бараат за борбите. Беше најголемото куче во „Бисер“ и многу од соседите го хранеа и го чуваа. Имаше маркица на увото, сите го хранеа, додаде девојката.

Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ изјавија дека случајот е пријавен и СВР Куманово презема мерки за негово расчистување.

Инаку вчера од „Лајка“ реагираа дека ликови добро познати на полицијата организираат борби и мува не ги лази. Тие објавија фотографија од лицата кои се организатори и учесници во овие активности но им ги замаглија ликовите, затоа што се плашат за својата безбедност.

„Со пехари, со присуство на лица од други градови и држави (претходно во кампот Андон Дуков се организираа, и ширум други струшки и тетовски села), со цела организираност која е апла воочлива и за полицијата која со години никого не санкционирала (од наши извори дознавме дека еднаш и била набркана кога по пријава отишле на сред една ваква борба полна крвопролевање на недолжни битија) – пишуваат од „Лајка“.

Тие велат дека е недозволиво законите да не важат за вакви дела.

Кутри животинчиња, недолжно измачувани и злоупотребувани заради нечии психички и душевни изместувања. Од овие зла, подлога се создава и за зла учинувани и врз луѓе, тешко таа држава која таа вистина не умее или не сака да ја воочи – додаваат од „Лајка“.

Со реакција се јави и Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“. Тие велат дека низ годините биле сведоци на илјадници вакви громорозни слики, настани каде што несреќните животни го изгубиле својот живот давејќи се во сопствената крв додека група неандерталци, луѓе што го изгубиле основното чувство што ги прави луѓе – емпатија, заработуваат на нивниот победник.

Дел од кучињата кои овие злосторници ги користат и не се „квалификуваат” за умоболните дејствија на кои се приморувани или завршуваат на улица или се немилосрдно убиени од страна на нивните сопственици. Секоја наша, секоја пријава на граѓаните за ваков тип на кривично дело НИКОГАШ не вродила со резултат, никогаш никој не бил фатен, никогаш никој не бил казнет – додаваат од „Анима Мунди“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот