Книжевна рецензија: Шопов низ полски окулар

Изборот на поезијата од Шопов за ова издание е на Јасмина Шопова

Кон изборот поезија од Ацо Шопов, „Од најстара и најчиста сончевина“, препев и вовед Маќеј Кавка / Aco Szopow, Z najstarszego i najczystszego światła słonecznego, przełożył i wstępem opatrzył Maciej Kawka, Universitas, Krakόw 2023)

Пишува: проф. д-р Димитар Пандев

Поетот секогаш знае нешто повеќе, но и лингвистот, исто така. Оваа размисла е мисла водилка низ читањето на едно од најновите двојазични изданија на поезијата од Ацо Шопов, на македонски и на полски јазик, „Од најстара и најчиста сончевина“, токму на стогодишнината од неговото раѓање, во полски превод на Маќеј Кавка, еден од најистакнатите полски лингвисти ‒ македонисти, и во издание на една од најпрестижните полски издавачки куќи „Университас“ од Краков.

Оваа издавачка куќа е препознатлива по монографски изданија од хуманистичките науки, особено од областа на историјата и теоријата на литературата и од лингвистиката од истакнати научници и професори, пред сѐ, од Јагелонскиот универзитет во Краков. А во тие домени во полската филологија истакнато место има македонистот Маќеј Кавка, полски лингвист со најширок опфат лингвистички теми од областа на македонистиката, особено со примената на современите лингвистички пристапи на јазикот и стилот на повеќе современи македонски писатели (Блаже Конески, Живко Чинго, Петре Андреевски и други). Добар дел од неговите научни трудови од областа на македонистиката се претставени во издание на полски издавачки куќи.

Препевот на поезијата на Ацо Шопов на полски јазик е еден од најсериозните творечки зафати на Маќеј Кавка и претставува своевиден дострел во препејувањето на Шопов на други јазици. Да се преведува Шопов не е така едноставно, да се долови филозофското, но и ритуалното, да се протолкува библиското, но и да се има чувство за Шоповите доживеалици и да се осознае ритамот на неговото совремие, од она револуционерното во него до она изобилие од страсти што го понесуваат Шопов во најтајните предели на човечноста. Шопов беше филозоф по струка, па филозофијата на јазикот, и сета онаа лингвистика и поетика што произлегува од неа одлично ја владеел. Да се преведува Шопов е неопходно и тоа знаење. А Маќеј Кавка го има, се гледа тоа и од воведот кон оваа книга. И уште повеќе, од препевот.

Поетот Шопов умеел поетски да ја „долови“ јазичната слика на светот во својата поезија, а лингвистот Маќеј Кавка мунициозно во предговорот ги детектира и ги образложува клучните концепти во поезијата на Шопов, и врз прецизна семантичка интерпретација дава функционален препев на песните поместени во овој избор во девет поглавја. Освен циклусот „Молитви на моето тело“, другите песни се распределени во нови целости, очигледно, врз основа на сите досегашни читања на поезијата на Шопов, па ова ново читање фрла нова светлина врз поезијата на Шопов.

Изборот на поезијата од Шопов за ова издание е на Јасмина Шопова. Во тоа ново читање клучно место има и концептот „сончевина“, еден од оние неологизми на Шопов, што нашол свое место и во македонската поезија, можеби повеќе отколку „небиднина“, зашто таа е лично шоповска. А да се преведе сончевината на Шопов не е така едноставно, зашто Шопов умееше да го варира и сонцето и природата. А Кавка сето тоа успешно да го вклопи во граматиката на поетиката.

Изборот реминисцентно започнува со „Очи“, една од ретките песни, дури и во светската поезија, во амфибрах, но Кавка ја доловува оваа ритмичка стапка и во својот препев. Новото читање на поезијата на Шопов е евидентно во второто поглавје „Гледач во пепелта“, кое завршува со „Небиднина“ што ѝ претходи на стихозбирката „Гледач во пепелта“. Но, така е доловена иманентната, органска врска меѓу овие две стихозбирки, на која толку инсистираше Георги Старделов, еден од најмунициозните проучувачи на поезијата на Шопов.

Иманентната, органска врска што ги спојува реминисцентната „Очи“ и завршната „Дрво на ридот“ функционално опстојува низ редоследноста на ова издание, исто како што во препевот функционално се задржани јазичните и стилските особености на поезијата на Шопов.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 192, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20.8.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот