Книгата „Куќа на духови“ од Изабел Аљенде е дело што одбележа цела деценија

Изабел Аљенде, насловна корица на книгата / колаж

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најави излегувањето од печат на книгата „Куќа на духови“ од Изабел Аљенде. Романот првпат е објавен на шпански јазик во 1982 година и за многу краток период станал интернационална сензација, издигнувајќи ја Изабел Аљенде во нова ѕвезда на книжевното небо, не само во шпанското јазично подрачје туку во целиот свет.

Во следните десетина години книгата доживеала неверојатни повеќе од 400 изданија на десетици различни јазици, како и филмска адаптација од 1993 година со Џереми Ајронс, Мерил Стрип, Глен Клоуз, Винона Рајдер, Антонио Бандерас и Ванеса Редгрејв во главните улоги. Денес книгата се смета за современ класик – своевидна сага за четири генерации на семејството Труеба, нивните драматични семејни односи, успеси и падови.

Естебан Tруеба е конзервативен човек, многу строг и жртва на избувливиот карактер и на политичките амбиции, што ги ублажува само љубовта кон неговата мистична сопруга, Клара, која има дар да ја предвидува иднината и да се поврзе со светот на духовите. Нивната ќерка Бланка е во забранета врска со маж што Естебан го смета за недостоен. Таа на својот татко му создава многу нервоза, но ќе му ја донесе и најголемата радост – внуката Алба. Убава и паметна девојка што ќе настрада поради политичката определба на човекот што го сака.

Во заднината на романот ги следиме општествените превирања во земјата во период што опфаќа голем дел од XX век без да се споменат директно имињата на историските личности, но во ликот на Кандидатот/Претседателот се препознава Салвадор Аљенде, а на Поетот – Пабло Неруда.

Авторката го комбинира натприродното со лична верзија на магичниот реализам создавајќи заплет во кој се испреплетуваат секојдневното и магичното, љубовта и револуцијата, личните идеали и суровата политичка реалност. „Куќа на духови“ е прогласен за роман на годината во Чиле, а на Аљенде ѝ ја донел и националната награда „Panorama Literario“.

Изабел Аљенде (1942) е чилеанска писателка. Повеќе од триесет години била посветена на новинарството, социјалните активности и на правата на жените, од каде што црпи инспирација за своите дела, кои содржат аспекти од магичниот реализам. Таа е внука на поранешниот чилеански политичар Салвадор Аљенде, а „Куќа на духови“ почнала да ја пишува како писмо до својот стогодишен дедо во моментот кога дознала дека тој е на смртна постела.

Романот е меѓу школските примери за магичен реализам и пишуван е под влијание на „Сто години самотија“ на Габриел Гарсија Маркес. Преводот е на Виолета Јагев, а книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура и спорт на Шпанија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 218, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18.02.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот