Киднапирање, сексуално злоставување, убиство – грозоморната вистинска приказна зад новиот документарец на „Нетфликс“

Фото: Профимедиа

„Нетфликс“ неодамна објави нов документарец, „Девојчето на фотографијата“ (Girl in the Picture), базиран на грозоморно вистинско злосторство, а оние кои веќе се запознаени со филмот тврдат дека тоа е „една од најстрашните работи“ што некогаш ги виделе.

Документарецот ги потресе и вознемири гледачите, но во исто време и ги воодушеви, па набрзо се најде на врвот на листата на најгледани дела на овој стриминг сервис.

Фото: Профимедиа

„Во овој документарец, жена пронајдена како умира покрај патот остава зад себе син, маж кој тврди дека е нејзин сопруг – и мистерија која се одвива како кошмар“, е краткиот синопсис со кој „Нетфликс“ го најави „Девојчето на фотографијата“.“

„Апсолутно една од најстрашните, најмачните, најморничавите работи што сум ги гледал“, „Не можам ниту да зборувам за ова, толку е страшно“, „Сум гледал многу криминални документарни филмови, но овој успеа да шокира и згрози“, „Ова те разорува одвнатре“, се само дел од коментарите.

А,  за што, всушност, се работи?

„Девојчето на фотографијата“ започнува со нејасна сообраќајна несреќа и смрт на една млада жена, но набрзо води до страшна мистерија која никој никогаш не можел да ја замисли. Ова е застрашувачка, вистинска приказна за лажни идентитети, злоставување, киднапирање и убиства и ништо не може сосема да ве подготви за она што се случува во документарецот.

Документарецот се фокусира на жена чие тело било пронајдено покрај патот во Оклахома во 1990 година, оставајќи зад себе син и постар маж кој тврдел дека е нејзин сопруг. Полицијата ја идентификувала починатата како 20-годишната Тоња Хјуз, но наскоро оваа смрт се претвора во нерешлива мистерија. Имено, кога мајката на Тоња била информирана за смртта на својата ќерка, таа едноставно им открила дека нејзината ќерка починала уште во детството.

Откако бил оспорен идентитетот на Тоња, полицијата се посомневала во нејзиниот постар сопруг – Кларенс, а како резултат на тоа нејзиниот син Мајкл наскоро наводно бил сместен во згрижувачко семејство. Работите набрзо ескалирале од морничави до сосема бизарни кога „новите родители“ на Мајкл поднеле барање за посвојување, а Кларенс се впуштил во битката за старателство, за да се открие дека тој, всушност, не е биолошкиот татко на детето.

Откако го изгубил старателството над Мајкл, Кларенс еден ден го киднапирал момчето од училиште и двајцата исчезнале… Со години никој не знаело што се случило со Мајкл! Сепак, ова е само почеток на приказната…

Фото: Профимедиа

Полицијата открила дека Тоња всушност била Шерон Маршал, девојка која била популарна и паметна ученичка во училишните денови која добила стипендија за студирање воздушно инженерство на Технолошкиот институт во Џорџија. Но, Шерон криела мрачна тајна – дома ја злоставувал нејзиниот очув Френклин Флојд, кој всушност е Кларенс.

Полицијата открила дека Френклин бил осуден престапник и дека бил во бегство од законот од 1970-тите за киднапирање и злоупотреба на девојче – Сузан Мари Севакис, името Шерон/Тоња го имала при раѓањето! Додека неговата сопруга Сандра Чепмен (мајката на Сузан) отслужувала 30-дневна затворска казна во 1975 година, тој исчезнал со Сузан, нејзините две сестри и братот Филип. Филип се водел како исчезнат до 2019 година, кога се јавил човек кој верувал дека е тој, а една година подоцна бил потврден неговиот идентитет. Сандра никогаш не го пронашла своето најстаро дете – Сузан и најмладото – Филип, но девојчињата Алисон и Ејми ги нашла во локалната црковна заедница.

Кога Шерон (Сузан) забременила со друг маж, Френклин практично насилно ја преселил на Флорида каде што живееле под псевдонимот Тоња и Кларенс. Откако го родила синот Мајкл, Шерон била принудена да работи како стриптизета за да му донесе пари на Френклин и да обезбеди основни средства за живот.

Двојката се венчала во 1989 година во Њу Орлеанс, не многу долго откако Шерон (или Тоња како што била позната во тоа време) родила уште едно бебе, овој пат ќерка, и ја дала на посвојување. Но, бракот со сопствената поќерка не било најгрозоморното злосторство што го направил Френклин. Само една година подоцна, во 1990 година, Тоња бил паронајдена како умира покрај патот, со повреди на главата за кои полицијата заклучила дека не се последица на сообраќајна несреќа. Подоцна се дознало дека некои колешки ја охрабриле Тоња да го остави доминантниот и насилен сопруг и да побегне со синот и со студентот со кого имала тајна врска.

Фото: Профимедиа

По смртта на Тоња, двегодишниот Мајкл бил сместен во згрижувачко семејство кај Ернст и Мерл Бин во Оклахома, а поминал четири години со нив во текот на кои Френклин (во тоа време Кларенс) се обидел да го врати. На крајот, Ернест и Мерл решиле да го посвојат Мајкл, но ДНК-тестирањето покажало дека Френклин не е биолошкиот татко, што го забрзало процесот, бидејќи тој ги загубил законските права. Сепак, Френклин не сакал да го пушти детето така лесно, па на 12 септември 1994 година упаднал во училиштето на Мајкл и го киднапирал откако го држел директорот на установата на нишан и побегнал со момчето во пикапот на директорот.

За жал, Мајкл никогаш повеќе не бил виден потоа.

Френклин Флојд, кој сега има 78, конечно бил уапсен во 1994 година и осуден на смрт, но дури додека чекал егзекуција, полицијата го открила вистинскиот идентитет на жената за која се верува дека е неговата ќерка, а подоцна и неговата сопруга.

Повеќе од 30 години, убиецот и силувачот Флојд извршил серија грозоморни злосторства – вклучувајќи грабежи на банки, сексуална злоупотреба на деца, бројни киднапирања и повеќекратни убиства.

Успешно бегал од законот – постојано се се селел од држава во држава, го менувал името и личниот опис, а во една прилика избегал од затвор.

Фото: Профимедиа

Едно од неговите најгрозни злосторства се случило во текот на 20 години, почнувајќи од 1975 година кога ги киднапирал четирите деца на жената со која се оженил, користејќи лажен псевдоним.

Во 2002 година, Френклин конечно бил осуден на смрт, иако не само за гореспоменатите злосторства, туку и за убиството на Шерил Ен Комези, поранешна колешка на Тоња, која исчезнала во 1989 година и чии  остатоци од скелетот исто така се пронајдени покрај патот во 1995. Но, до ден-денес казната не е извршена, а тој се уште е зад решетки, но жив.

Фото: Профимедиа

Во 2014 година во разговор со ФБИ признал дека го убил и Мајкл по киднапирањето. Тој им ја дал на властите локацијата каде што го закопал телото, но полицијата не успеала да ги пронајде останките, па случајот останува нерешен.

Инаку, во неговите лични работи се пронајдени и фотографии на кои се гледа дека Шерон/Тоња/Сузан континуирано била сексуално злоставувана, а тоа започнало многу рано во нејзиното детство. Пронајдени се дури и нејзини фотографии во сексуално експлицитни пози, почнувајќи од нејзината четиригодишна возраст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот