Каспер Руд за првпат е четвртфиналист на грен слем

Каспер Руд во осминафиналето го елиминираше Хуберт Хуркач/Париз, Франција/30 мај 2022/Фото: EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Осмиот тенисер во светот Каспер Руд денеска се пласираше во четвртфиналето на „Ролан Гарос“. Норвежанецот во осминафиналната фаза го совлада Полјакот Хуберт Хуркач со 3:1 во сетови и го забележа најдобриот резултат во кариерата на вториот Грен слем сезонава.

По сетови беше 6:2, 6:3, 3:6, 6:3 за 23-годишниот Руд за нешто повеќе од два и пол часа тенис на теренот на „Сузан Ленглен“. Следен противник на Руд ќе биде подобриот од дуелот помеѓу Стефанос Циципас (Грција) и Холгер Руне (Данска).

Ова е првпат во кариерата Руд да се пласира меѓу најдобрите осум играчи на Грен слем – тој е во серија од осум победи, а славеше на 11 од претходните 12 мечеви.

Клучно за победата на Норвежанецот беше фактот што имаше точно 20 неизнудени грешки помалку. Во првиот сет три пати му го одзеде сервисот на Хуркач (еднаш го загуби својот), а во вториот забележа само еден брејк – при сервис на Полјакот и водство на Руд од 1:0.

Во третиот сет Хуркач, 13. играч на планетата, се стабилизираше, сигурно добиваше гемови во кои го изведуваше почетниот удар, а во четвртиот, по голема борба, Руд ја искористи втората меч топка во деветтиот гем, прва на свој сервис.

Во женска конкуренција во четвртфиналето се пласираше Русинката Дарија Касаткина која двапати со 6:2 ја елиминираше Камила Џорџи (Италија).

Касаткина за пласман во полуфиналето ќе игра против нејзината сонародничка Вероника Кудерметова која со 2:1 (1:6, 6:3, 6:1) триумфираше над Американката Медисон Кијз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот