Кашмир је срце Индије

Фото: Слободен печат

Мотивиран од веста број еден денеска, онаа со која беше потврдена намерата за укинување на автономниот статус на Кашмир, од страна на државниот врв на Индија, решив да напишам една мирољубива порака и тоа на начин што ќе ја опишам хронологијата на распадот на една друга држава, која исто како и идиската, беше федеративна, многунационална, мултиконфесионална, поделена на републики и автономни области.

СФР Југославија за поголемиот дел од народите беше реализација на националните прашања и социјалните проблеми. Но, не сите се чувствуваа комотно под заедничкиот покрив. Проблеми имаше постојано, иако за тоа не известуваа медиумите.

Денеска слободно можеме да констатираме дека распадот на заедницата започна во 1987 година, со одржувањето на осмата седница на Комунистичката партија на Србија. Слободан Милошевиќ во предвремена пензија го испрати својот кум Иван Станболиќ, промовирајќи се во нов српски вожд, кој напатениот народ од Косово и Метохија треба да го спаси од погром. Кој ќе ги заштити Србите во Босна и Херцеговина, како и оние во Западна Славонија, Далмација, Кордун, Лика и Краина. Таму каде што Слобо ги бранеше Србите, денеска на тие места речиси и да не живаат Срби повеќе.

Националното вриење беше постигнато за време на одбележувањето на 600-годишницата од Косовската битка на Газиместан, кога со класичен партиски митинг, Милошевиќ на Србите им порача дека повеќе никој нема да се осмели да ги тепа, а насобраниот народ му возвраќаше со паролата „Косово је срце Србије“.

Под розевите очила на т.н. „Антибирократска револуција“, беа укинати автономните области на Косово и Војводина, што таа 1989 година ја направи исклучително жешка на внатрешен план, во моментот кога Европа го славеше рушењето на Берлинскиот ѕид и обединувањето Германија.

Две години подоцна, хрватските националсти прогласија нов Устав на Хрватска, во кој од државотворни, Србите беа деноминирани во малцинство, што пак ја предизвика „Балван револуцијата“. Тоа резултираше со класична војна, која по четири исрпувачки години заврши со масовно протерување на српското население од Хрватска. Во Босна, Србите беа прегласани во Собранието од партиите на Бошњаците и Хрватите при прогласувањето на независноста, по што наеднаш се појави Република Српска. Војната на ова тажно парче земја кое можеби најмногу потсетува на Кашмир, беше толку интензивна и крвава, што тешко дека може да се пронајде преседан во историјата.

Југославија се распадна, Србија по интервенценцијата на НАТО го загуби Косово, а Слободан Милошевиќ беше соборен од сопствениот народ, кој не сакаше да му дозволи уште една изборна измама.

„Косово је срце Србије“ и натаму е популарен слоган во Белград, а слични „стихотворби“ се рецитираат и во Приштина, Бања Лука, Сараево, Загреб, Сплит, а секако и во Скопје и Тетово. Војната дојде и помина, не донесе решенија, туку остави еден куп проблеми кои ќе треба да се решаваат со некоја нова војна.

Ќе завршам со објавата на мојот омилен пријател од Фејсбук, Војо Љ. Цветановски, кој неверојатно точно ја објасни бесмисленоста на војната во Југославија, а истото важи и за Индија, Кина, Македонија.

– Денес е 5ти Август, денот на овие простори попознат и како „Олуја“. Едните ја слават, другите ја жалат. И за едните и за другите, по мене тоа е пораз. Сите загубивме.

Загуби духот.

Загуби човечноста.

Загуби Југославија.

Загубивме сите ние.

Олуја. Да не се повтори. Никогаш.

Добро Утро Скопје (Војо Љ. Цветановски).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот