Кампања за јавна свест: Аерозагадувањето предизвикува неплодност и спонтани абортуси

Долготрајната изложеност на загаден воздух во земјите од Западен Балкан може да ја намали плодноста на жените за повеќе од 10 отсто. Шансите за зачнување се намалуваат во деновите со високо аерозагадување, а се зголемува можноста за спонтан абортус, констатира Европскиот фонд за Балканот, кој со партнерите во регионот ја спроведува кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“.

Овој месец, втората фаза од кампањата се фокусира на информирање на граѓаните за падот на плодноста и сѐ повисоките стапки на стерилитет кај жените и кај мажите низ Западен Балкан што се предизвикани од загадениот воздух. Земјите во регионот бележат постојан пад на населението.

Во материјалот испратен до медиумите во врска со кампањата се посочува дека научните истражувања потврдија дека зачестеноста на спонтаните абортуси и мртвородените деца е значително поголема при периоди на изложеност на загаден воздух. Студиите покажуваат дека жените кои живеат во загадени области имаат помалку витални јајце клетки, пониски стапки на плодност и повисоки стапки на неуспех на имплантација на ембрион за време на ин-витро оплодување во споредба со оние кои не се изложени на загадување на воздухот. Ситните честички, ПМ 2,5 ја намалуваат плодноста кај жените, а загадените градови низ регионот во просек испуштаат двојно повеќе од дозволените годишни вредности, што може да ја намали плодноста и до 10 отсто. Кај мажите загадувањето од фините честички стигнува до тестисите, предизвикувајќи намалување на производството на сперма и помала подвижност на сперматозоидите.

Се наведува и дека се случуваат почести спонтани абортуси поради програмирана клеточна смрт. Сулфатните соединенија кои се формираат во процесот на согорување на јаглен го зголемуваат ризикот од спонтан абортус до 13 отсто. Неплодноста, исто така, е предизвикана и од загадувањето со пластика. Полистирен, вид пластика која во својата микро и нано состојба може да се најде во храната, водата и во воздухот, влијае на раниот развој на ембрионот и може да предизвика абнормален развој и предвремено породување. Загадувањето на воздухот со фини честички, тешки метали, микропластика и нанопластика и други супстанции доведува до зголемена стапка на спонтани абортуси и во случаи на ин-витро оплодување.

Учесниците во кампањата го повторуваат својот повик за итно решение на хроничниот проблем со загадувањето на воздухот што ги гуши земјите од Западен Балкан. Тие бараат:

Прекин на употребата на јаглен за производство на електрична енергија е најважната мерка за подобрување на  квалитетот на воздухот, а важна улога може да игра и замената на котлите за домаќинства со почисти решенија.

Ублажување на штетните ефекти од загадувањето на воздухот со намалување на употребата на пластика за еднократна употреба, како и замена на синтетичките влакна со природни.

Надлежните институции да работат на политики за промовирање здрава бременост, со цел да се подобри знаењето на жените и мажите за овој процес и да им се помогне на идните мајки подобро да се заштитат себеси и  фетусот.

Да се обезбедат високоефикасни филтри за воздух во затворените простории, особено за посебни институции кои се занимаваат со третман на неплодност.

Потребно е и подобрување на капацитетите на дијагностичките центри како и спроведување на заеднички студии кои ќе користат податоци за следење и мерење на последиците од аерозагадувањето врз неплодноста, предвременото породување, појавата на болести и смртноста на новороденчињата во Западен Балкан.

Експертска анализа за штетните ефекти од загадениот воздух врз плодноста кај жените и мажите во регионот беше направена за кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ од Миодраг Стојковиќ, истакнат професор по хумана генетика и основач на специјалната болница за третман на неплодност во Лесковац. Тој предупреди дека без активности на законодавците и надлежните органи не може да има успех во спречувањето на болестите поврзани со аерозагадувањето, вклучително и неплодноста.

Сепак, нема напредок во таа област минатата година, а градовите во регионот остануваат на врвот на меѓународните листи за најзагадени градови.

Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ ги повикува граѓаните од Западен Балкан да се приклучат на заедничката борба за подобрување на квалитетот на воздухот, намалување на неплодноста и подобрување на здравјето на децата. Кампањата е иницирана од Европскиот фонд за Балканот во партнерство со организациите: Еко Форум од Зеница, Институт за територијално управување со животната средина од Тирана, Сбункер и Балкан Грин Фондација од Приштина, АирЦаре од Скопје, ОЗОН од Подгорица, Регулаторниот институт за обновливи извори и животна средина и Отворено училиште Белград од Белград. Се одржува втора година по ред, со цел да се подигне свеста на граѓаните во регионот за причините и последиците од загадувањето, можните начини за подобрување на квалитетот на воздухот и борбата за поздрава животна средина. „Обединет Балкан за чист воздух“ ја нагласува неопходноста од регионална соработка за трансформација на енергетската индустрија и системот за заштита на животната средина, што би ја подобрило и економијата и јавното здравје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот