Калевска-Ванчева: Ме снимаше Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ, ќе барам да ми се извини

Фото: МИА

Претседателката на собраниската Комисија за политички систем, пратеничката Снежана Калевска-Ванчева од СДСМ ќе бара извинување од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ која вчера ја снимал со мобилен телефон, но и осуда од Комисијата за еднакви можности, за која што не верува дека ќе биде свикана, и од Клубот на пратенички.

Откако за снимањето на нејзиното деколте денеска проговори премиерот Димитар Ковачевски во изјава за МКД.мк Калевска-Ванчева вели дека воопшто и не забележала дека некој ја снима додека не реагирале нејзините колешки.

„Јас лично не забележав кога пратеникот ме снимал, но забележаа мои колешки и тие веднаш реагираа. Бев преокупирана со заштита на материјалите, и да ја завршам седницата согласно Деловникот.

Ме снимал пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Јованчев од Кавадарци, но тогаш не му се обратив да го прашам зошто го направил тоа, бидејќи во тие моменти друго беше побитно. А потоа, веќе не го видов“, ни изјави Калевска-Ванчева.

Таа додава дека не знае зошто колегата го сторил тоа, ниту пак за неа е разбирливо. Но, како што вели, научени се на многу нелогични и неразбирливи работи.

Премерот Ковачевски денеска од собраниската говорница кажа дека пратеничката била снимена, но не откри кој ја снимал.

„Свесен е народот за деструкцијата која произлегува единствено од опозицијата. Само ако се погледнат снимките од вчерашниот ден, ќе се види пратеник , кој во моментов ми се смее, како со мобилен телефон ја снима претседателката на Законодавно-правната комисија на 15 сантиметри од нејзиното деколте. Не знам што ќе ѝ прави на таа снимка“, рече Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот