Како (о)станавме неписмени

александар шољаковски
Александар Шољаковски, Фото: Архива

Бројките велат дека во Македонија повеќе од половина од населението е функционално неписмено. А тоа преведено значи дека се неспособни да сфатат и прифатат колку толку покомплицирано четиво или мисла од тоа четиво и да ви кажат за што станува збор.

Знаете ли каков е ракописот на вашите најблиски, пријатели, колеги, партнери, оние што ги гледате редовно? Најчесто не! Ретко кој забележува нешто со своја рака. Најчесто се користи смартфонот, па дури и за правење список за во самопослуга.

На времето ракописот беше категорија што ве одредувa: убав ракопис, читок, испишан, се гледа учен човек… Во забавните списанија имаше  рубрики „графологија“, одредување карактер и психолошки профил според ракописот, како читањето судбина од дланка, безмалку. Како пишуваш – таков си! Ако одиме подалеку, да се присетиме и на краснописот, школски предмет што егзистираше до крајот на шеесеттите. Се пишуваше исклучивo со перодршка и мастило, хемиските беа забранети. Колку деца не поминуваа добро на школо поради лошиот ракопис. Беше вообичаена педагошката мерка: помала оценка на писмената задача поради лошиот ракопис.

Сè помалку се комуницира со писма, картички, разгледници, згаснуваат новогодишните честитки. И, зошто би се праќале разгледници, честитки, ако со обично селфи можеш да доловиш повеќе? За помладите генерации  дописната картичка (дописница) е археолошки предмет. И сè до моментот на практичност, брзина, експедитивност, новите времиња и не се така лоши. Но, проблемот настанува кога ќе се стигне до степен на  верификација на писменоста и воопшто за степенот на кој новите можности и техники дозволуваат читањето да се пренебрегне.

Новите генерации читаат сè помалку. Популарни бестселери се печатат во 500 примероци. Библиотеките се најпосетени од продавачки што „тепаат време“ со некоја книга. Магазини речиси и да немаме, весници сè помалку. Една статистика вели дека кај нас, годишно, по глава на жител, паѓа една прочитана книга. Во Унгарија, на пример, доаѓаат по седум книги по глава на жител, а во Израел – триесет! Во развиените општества печатените изданија на весници и некои книги по правило се дотираат. На пример, француските дневни и други весници за секој продаден примерок добиваат одреден, значаен процент стимулација од државата. Во Норвешка рекламните блокови на телевизиите посебно се оданочуваат, а тие пари одат кај печатените медиуми. Објаснувањето е – да не заборави нацијата да чита.

Кај нас, по сè судејќи, проблемот на слаба читаност и малку читање (уште помалку писменост) не се зема сериозно. Она малку весници што останаа се наоѓаат на работ на можноста дефинитивно да згаснат. Или, пак, да работат со едвај комплетни редакции. Хартијата поскапува драстично и на светските пазари се наоѓа многу тешко. Дотациите, кои Владата ги доделуваше во последниве години, прекинуваат.

Притоа во јавната сфера сведочиме за постојано влошување на состојбата. Сè полошо се говори и сè понеписмено се пишува. Во новинарството влегуваат луѓе со многу малку наклоности и способности за работата. За многумина од нив не би можело да се каже дека се  доволно писмени за оваа дејност. А новинарството е последната алка на која може да се закачи и поддржи навиката наречена читање. Новите генерации ја дочекуваат смртта на Гутенберговата галаксија и придонесуваат во  евтаназијата. Практично, ретко кој чита книги, па дури ни во електронска верзија. Оние сублимати на литературни дела се дефинитивно последниот клинец во сандакот на убавата литература. Читањето станува бауч. Сè поминува, никој не се загрижува. Проблемот е воочен, одговорот е само слегање со рамена.

Ние како општество не правиме ништо за да ја поправиме работата. Бројките велат дека во Македонија повеќе од половина од населението е функционално неписмено. А тоа преведено значи дека се неспособни да сфатат и да прифатат колку толку покомплицирано четиво или мисла од тоа четиво и да ви кажат за што станува збор. Не е писменоста само да се потпишете или да прочитате каде е влезот, а каде излезот. И после, ламентации за тоа дека сме го губеле јазикот, сме биле заостанати, светот нè поклопил. Сето тоа можеби е точно, но не ја оправдува нашата негрижа за еден толку важен дел од секојдневието, културата, образованието, науката, технологијата…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот