Како Југославија го спаси ракометот?

Југославија олимписки шампион во ракомет 1972 година/ Фото: Kruliš Jiří / ČTK / Profimedia

Во Германија на спектакуларен начин започна Европското првенство во ракомет. На него учествуваат шест држави од поранешна Југославија. И токму таа земја беше клучна за развојот на ракометот.

„Тимските спортови секогаш беа на врвот на Балканот, а особено во поранешна Југославија. Има огромен јавен интерес за спортот, тоа е еден од регионитe каде спортистите отсекогаш биле соодветно признаени за медалите“, вели за ДВ Михаел Видерер, претседател на Европската ракометна федерација (ЕХФ).

Со овој австриски функционер и поранешен ракометар разговаравме непосредно пред отворањето на Европското ракометно првенство 2024 година во Диселдорф. Турнирот започна во среда, 10 јануари, пред рекордна публика од 53.586 гледачи. Тоа е нов светски рекорд за ракомет во сала. Меѓу 24-те селекции кои учествуваат на овогодишниот шампионат се и шест земји кои беа создадени по распадот на Југославија.

Тајната на ракометниот успех

Која е тајната на ракометниот успех на тие земји?

„Тоа е секако традицијата. Самиот факт што ракометот во поранешна Југославија беше толку успешен во 1960-тите и 1970-тите, па и во 1980-тите, јасно покажува дека постои континуитет, дека традицијата продолжува“, вели Ерик Егерс, германски спортски стручњак кој во својата работа интензивно се занимава со историјата на југословенскиот ракомет. Тој вели дека постарите играчи им ги пренесуваат искуствата на помладите и уверен е дека тоа ќе продолжи и во иднина:

Ракометарите кои доаѓаат од поранешните југословенски републики играат многу важна улога во клубовите од Бундеслигата, која се смета за најдобра ракометна лига во светот:

„Отсекогаш биле многу влијателни во германскиот клупски ракомет. Причината за тоа е фактот што поранешна Југославија всушност го измисли модерниот ракомет во сала во шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век. Тоа беше познатиот систем 3-2-1, кој кај нас го нарекуваа југословенска одбрана“, вели за ДВ Ерик Егерс, кој неодамна го објави своето ново авторско дело: „Златна книга на германскиот ракомет“ (Das Goldene Buch des deutschen Handballs).

Доминацијата на Металопластика од Шабац

Но, тоа не е сè, забележува Егерс. Југословените, вели тој, беа најнапредни и во однос на тактичките финеси, напаѓачката тактика. Сето тоа беа иновации на Југословените во тоа време.

„На пример, Металопластика од Шабац со својот одличен тим и даде посебен печат на ракометната игра во раните осумдесетти. Да се потсетиме на голманот Мирко Башиќ. Може да се каже дека таа извонредна југословенска школа, или балканска школа, сè уште дава изобилен плод од кој има корист и германската Бундеслига“, вели Егерс.

Едноставно затоа што толку многу „легионери“ играат во Германија, и тоа не е случајно, тие играчи имаат многу добра смисла за играта, технички и тактички се многу добро потковани, вели германскиот ракометен стручњак:

„Воопшто не сум изненаден што толку многу нации од поранешна Југославија успеаја да се квалификуваат за Европското првенство во 2024 година. Според мене, тоа всушност беше неизбежно“.

Југословенската ракометна школа

„Неслучајно овој регион произведува толку добри екипи. Неверојатен број добри играчи доаѓаат од Балканот, има многу добри тренери, тој успех е континуиран“, додава за ДВ претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер: „Кога ќе погледнеме малку наназад, во деведесеттите години на минатиот век, во колапсот на Советскиот Сојуз или промените на Балканот, тогаш е јасно дека поради тоа стана многу, многу потешко за новоформираните држави да останат на самиот врв. Но, балканските екипи редовно успеваат да го направат тоа и сè уште се на врвот и во машка и во женска конкуренција“.

Југославија сè уште се нарекува „мајка на модерниот ракомет во сала“ во германските професионални ракометни кругови. Спортскиот автор Егерс вели дека во 1960-тите и 1970-тите, тимовите од Источниот блок биле далеку пред тимовите од Западот во однос на тактиката или методите на работа:

„Во Германија имаше традиција да се игра ракомет на отворено, на голем терен. Има приказни за тоа што се случило по 1972 година, кога Југославија со селекторот Владо Штенцел го освои првиот олимписки златен медал во Минхен и тоа на импресивен, доминантен начин. Тогаш југословенските ракометни функционери рекоа:

„Владо, мора да одиш на Запад, затоа што во спротивно ракометот ќе пропадне!“ Тие рекоа дека на меѓународниот ракомет во сала му треба Западот, а за Штенцел, се разбира, тоа беше привлечно и поради финансискиот аспект.

И така, загрепчанецот Штенцел стана селектор на СР Германија во 1974 година. Само четири години подоцна тој го освои светскиот шампионат со Западните Германци на изненадување на сите. „Владо Штенцел беше исклучително влијателна фигура за развојот на западногерманскиот ракомет во сала. Впрочем, дури би рекол дека тој не беше клучен само за развојот на западногерманскиот, туку и на западноевропскиот ракомет“, заклучува ракометниот стручњак Ерик Егерс.

Извор: Дојче Веле/ Автор: Среќко Матиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот