Јудах бен Москони и Охрид

Настрадин Оџа и Итар Пејо слушнале дека пишував за нив во претходната колумна и дека сум ги вселил во Охрид. Пуштиле абер, сакале да ме видат на кафе. Дојди ми рекоа во 9 наутро, во Аквариус, ден после езерскиот пазарен ден. И самата покана од двајцата итреци беше завиткана во мала загатка.

Дојди после езерскиот пазарен ден?!? Езерото има еден град и две гратчиња, значи три града, значи три пазарни езерски деној. Сите знаеме дека пазарен ден во гратчето Струга е сабота, во гратчето Поградец е во недела а во Охрид е во понеделник. За да сум сигурен дека ќе ги најдам, бев и во недела и понеделник, но ги најдов во вторникот. Се поздравивме, и тие си продолжија со својот муабет, оставајќи ме да ги слушам.

Пејо- Настрадине, до каде сте со минарето?

Настрадин- некни едни момци ми рекоа дека убо сме ја изградиле, изгледала многу секси. Ме прашаа некни едни турски туристи каде е Плаошник, јас не знаев, ги пуштив за Имарет. Заминаа, и ги слушав кај што ме оговараат и гласно се смеат. А вие Пејо, со Имарет, до каде сте?

Пејо- Заплавено е Настрадине, како Плаошник. Богословскиот факултет веќе започна со уписи, но ми кажаа дека невакцинирани студенти нема да примаат.

Настрадин- Вакцинирани против што бе Пејо?

Пејо- против нео-османизам, слушнав се ширел како морбили. Охрид е балкански Ерусалим, не си чул?

Настрадин- Јас мислев дека Солун е балкански Ерусалим, таму имаше евреи и синагоги.

Пејо- А тебе Настрадине што ти смета Охрид да биде балкански Ерусалим? Што ги мешаш сега Солун и евреите?

Настрадин- Јас не ги мешам, тие веќе Охрид си биле и Солун си биле и се измешале. Си чул ли за Јудах бен Москони, познатиот охридски евреин?

Пејо- е како не сум чул, има негов споменик во Охрид, само што не е уште изграден, и на него пишува.  Јудах Леон бен Мозес Москони, роден во Охрид во 1328, познат талмудист кој патувал низ сите три стари континенти. Му бил ученик на Шемариах Елајџа ал-Икрити. Во Египет му бил ученик на Обадиах Мизри кој му бил душевен татко. Потоа бил во Мароко, Италија и Франција, каде што се дружел со Мозес Нарбони и Давид Бонгорон. Љубел филозофија која ја читал на хибру и на арапски, но бил заинтересиран и за метафизиката, па учел од коментарите на Ибн Езра. Не гледаш ли колку еврејски туристи доаѓаат да го посетат неговиот споменик во Охрид , и тоа уште неизграден? Што мислиш ти Настрадине, ние во мариово немаме интернет и гугл?

Настрадин- Го гледам споменикот на Јудах бен Москони, како не го гледам. Ти не прочита на него дека пишува дека го преведувал и Маимонидес, коментирал врз Хипокрит и Аверо? И мислел дека граматиката е многу важна и го иритирале сите кои ја занемарувале. Пејо, извини, како се вели граматички точно, Ирак или Иран?

Пејо- најточно е Плаошник, а ти можеш аку сакаш да си правиш граматички инает, и да ги упатуваш турските туристи каде сакаш, тие и Имарет да тргнат, Плаошник ќе стигнат, а ти ако сакаш, можеш да им даваш правец од минарето на Али Пашината џамија.

Настрадин- Тој споменикот на Јудах бен Москони да не е до Хаџи Кас`м џамијата на Плоштад?

Пејо- Не е, туку е одма до црквата Св.Димитрија на Плоштад, нели сега нам ни е редот. Вие си изградивте секси минаре, сега ние ќе изградиме уште посекси црква на плоштад, и после ви е редот вам…и така во недоглед, дур не го изградиме  балканскиот Ерусалим, сосе зидот на плачот, сосе наоружани полицајци и самораспрснувачки лам-пиони.

Сакав да продолжам, но реков да пишувам после кафето….

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот