Израел крои планови како да ги заштити од апсење офицерите од војната во 2014 година

Фото: EPA-EFE/ALAA BADARNEH

Израелското раководство итно почнало активности за да утврди кои офицери и војници би можеле да бидат цел на обвиненија, за да ги изолира и да им забрани да патуваат во странство за да не бидат уапсени

Ние немаме друга агенда освен со професионален интегритет да ги почитуваме нашите должности од Римскиот статут. Нашата главна грижа мора да бидат жртвите на злосторствата, и Палестинците и Израелците, изјави обвинителката Бенсуда

Израел не го ратификувал Римскиот статут и МКС нема право да гони обвинети за злосторства на негова територија, но има јурисдикција за злосторства на палестинските територии

Израелското раководство категорично ја отфрли како „антисемитска“ и ја осуди одлуката на Меѓународниот суд во Хаг за истражување дали биле извршени воени злосторства при судирите на палестинските територии по 2014 година, но во исто време се обидува физички да ги заштити генералите што може да се соочат со обвиненија.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху оцени дека е „лицемерна и антисемитска“ суштината на одлуката на главната обвинителка на Меѓународниот кривичен суд (МКС) Фату Бенсуда.

– Израелската држава е нападната. Судот во Хаг донесе одлука дека нашите херојски и морални војници, кои се борат против најсуровите терористи во светот, всушност се воени злосторници – изјави Нетанјаху. Тој притоа оцени дека Трибуналот во Хаг „основан за да спречи повторување на нацистичките злосторства против еврејскиот народ сега се свртува против државата на еврејскиот народ“.

– Се разбира, МКС не кажува ниту еден збор против Иран, Сирија и другите диктатури што извршуваат вистински воени злосторства. Само едно можеме да сториме, а тоа е да се бориме за вистината во секоја земја, на секоја сцена, на секој форум. Ние ќе ги заштитиме секој војник, секој командант и граѓанин. И ви ветувам дека ќе се бориме за вистината сѐ додека скандалозната одлука не биде повлечена – порача израелскиот премиер.

Претседателот Ревен Ривлин рече дека одлуката е „скандалозна“ и дека Израел нема да толерира никакви тврдења што ги нарушуваат правото и обврската да ги заштити своите граѓани.

Локалните весници, пак, пишуваат дека Израел веќе почнал активности за да утврди кои офицери и војници би можеле да бидат цел на обвиненија, за да ги изолира и да им забрани да патуваат во странство за да не бидат уапсени. Обвинение може да биде објавено и против Бени Ганц, министерот за одбрана и лидер на партијата Сино и бело, бидејќи тој во 2014 година беше шеф на Генералштабот на израелските воени сили.

Злосторства по 13 јуни 2014

Меѓународниот кривичен суд објави дека ќе бара одговорност за злосторства за крвавата пресметка помеѓу Израел и Хамас пред седум години. Во соопштението на Бенсуда е наведен прецизен датум – 13 јуни 2014 година – како временска појдовна точка по која се извршени воени злосторства и од Израелци и од Палестинци.

Само еден ден пред овој датум на палестинската територија Западен Брег окупирани од Израел милитантната група Хамас грабна и уби тројца израелски момчиња.

По тој сериозен инцидент Израел итно реагираше и по само неколку недели војската навлезе во другата палестинска област, Појасот Газа, каде што Хамас има апсолутна контрола врз власта. Палестинските милитанти возвратија со лансирање ракети врз израелски населби, па конфликтот брзо прерасна во трета меѓусебна војна, најжестока во овој век. Војната траеше 50 дена. Загинаа 2.251 Палестинец, вклучувајќи 1.462 цивили, а беа убиени и 67 израелски војници и шестмина цивили.

За разлика од претходните две војни со Хамас, израелски функционери уште во почетокот на конфликтот во 2014 година предупредија на „сериозен ризик“ од истрага на Меѓународниот кривичен суд при што би биле објавени обвиненија за офицери, војници и политичари во командната структура во врска со потенцијални воени злосторства.

Израелската војска тогаш самата почна истраги за некои од најконтроверзните инциденти за време на 50-дневниот конфликт, со цел да покаже дека настојува да открие евентуални злосторства и да ги казни виновниците без да треба да интервенира некое меѓународно тело.

Внатрешната истрага заврши без потврдување на какво било злосторство.

Палестинскиот потпис важи

Една година подоцна палестинскиот претседател Махмуд Абас го потпиша признавањето на Меѓународниот кривичен суд и на Римскиот статут, иако Израел реагираше дека Палестинците немаат суверена држава и не можат да пристапат на таква организација. Но, со пристапувањето кон МКС Палестинците успеаја да го привлечат вниманието кон инциденти од воениот судир во 2014 година, како и кон израелската политика на експанзија на населбите за еврејски доселеници на територија окупирана од Палестинците.

По долг процес, МКС прво призна дека Палестинците имаат „доволно атрибути на државност“ за да бидат потписници, како и дека Судот има јурисдикција да истражува злосторства при израелско-палестинскиот конфликт. Конечно пред три дена беше објавено дека се отвора истрага за злосторства извршени од двете страни. Се очекува истрагата да биде долга и да трае со години, а не е сосема јасно како би биле спроведени казните врз евентуалните злосторници.

Весникот „Хаарец“ објави дека само неколку часови по соопштението од МКС, израелските сили изготвиле план за сослушување на стотици поранешни и актуелни офицери, војници и други функционери поврзани со конфликтот, за да се утврди потенцијалниот ризик од обвинение за секого. На „најзагрозените од обвинение“ веројатно ќе им бидат наметнати протоколи за однесување, вклучувајќи и предупредување или забрана да не патуваат во странство за да не бидат уапсени.

Професионален интегритет

Меѓународниот кривичен суд има авторитет да ги гони обвинетите за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства на територии на земји што го потпишале Римскиот статут. Израел не го ратификувал овој документ и МКС нема право да гони обвинети за злосторства на негова територија, но има јурисдикција за злосторства на Палестинските територии.

– Ние немаме друга агенда освен со професионален интегритет да ги почитуваме нашите должности од Римскиот статут. Нашата главна грижа мора да бидат жртвите на злосторствата, и Палестинците и Израелците, што се предизвикани од долгиот циклус на насилство и несигурност, кои предизвикаа длабоко страдање и очај на сите страни – изјави обвинителката Бенсуда.

Палестинското милитантно движење Хамас ја поздрави одлуката како „чекор напред на патот кон правдата“, истакнувајќи ги своите дејства во војната во 2014 година како „легитимен отпор“.

Амнести: Крај на „имунитетот“ од гонење

Меѓународните групи за човекови права ја сметаат одлуката на МКС за историска.

– Ова е епохален пробив за правдата, по повеќедецениска неодговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото. Истрагата на Меѓународниот кривичен суд е првата шанса за илјадници жртви на злосторствата да добијат потврдена вистина, правда и отштета. Ова е и историска можност конечно да се стави крај на „имунитетот“ од гонење, што повеќе од половина век поттикнуваше сериозни нарушувања на палестинските територии – оцени Метју Кенок, шеф на центарот за меѓународна правда при групата за човекови права Амнести интернешнел.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот