Изложбата на скулптури „Фамилија“ од Синиша Новески ќе биде отворена во КИЦ-Скопје

Во Културно-информативниот центар – Скопје, во Салон „Империјал 1“, на 2 март, во 19 часот, ќе биде отворена изложбата на скулптури од Синиша Новески, насловена „Фамилија“.

Според историчарот на уметност Владимир Величковски, „Новески е интимист, стилски определен за традицијата и за модернизмот. Преокупиран со хармонијата на компактниот волумен, како и со предизвиците на времето што значи притаен немир на животното пулсирање, а едновремено и со создавање уметничка проекција на една контемплативна голема благост во изразот. Таквиот несекојдневен амалгам на внатрешни импулси е реализиран во цврста форма со уверување дека убавината на традицијата е неисцрпна како и експериментите во доменот на модернизмот (примери од творештвото на Хенри Мур, Коста Ангели Радовани, Франо Кршиниќ, Иван Мештровиќ)“.

– Синиша Новески во разни тематски и стилски варијанти го негува фамилијарниот култ на човекот низ сензибилната претстава на телото и поттиците на внатрешниот живот. Едноставноста, рамнотежата и чистата пластичност на скулптурите и во цртежите, оставаат простор и за проширено толкување на неговите дела. Тоа се значајни квалитети во ова крајно вознемирено време, време полно со страв и неизвесност, време во кое секоја искра на човечност и позитивна проекција на складност и надеж во ликовниот израз делува благотворно и за уметноста, која ја изгуби аурата на емотивност и остана во просторот на својата површна провокативност. Материјалот и чувствата во делата на Новески се неодвоиви компоненти во кои е содржана човечката искра на благост и на присност, но и на отуѓеност, искажани со една непосредност или „изворна едноставност“. Во нив се препознава неисцрпната убавина на минатото – добра основа за наредните творечки истражувања и дела на уметникот – посочува Владимир Величковски.

Синиша Новески (роден на 6 септември 1978 г.) е академски скулптор и искусен педагог. Има повеќе од 20 скулптури изложени во јавни простори во Македонија, Србија, Бугарија и САД. Излагал на 20 самостојни и повеќе од 30 групни изложби.

Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, како и на Друштвото на ликовни уметници од Македонија во Србија, во кое бил член на Управниот одбор од 2014 до 2022 г. Има учествувано во повеќе од десет ликовни колонии и симпозиуми и освоил исто толку награди, како за сопственото уметничко творештво, така и за менторско-педагошкото работење со студенти.

Изложбата ќе може да се посети до 14 март, известија од ЈУ Културно информативен центар – Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот