Оркестарот на „Фаме’с Институт“ ќе одржи камерен концерт во „Котур“

Влезот е слободен, а концертот почнува во 20 часот

Во рамките на програмата на „Фаме’с Институт“ во Скопје од циклусот концерти со наслов „Фаме’с анплагд“ (Fame’s unplugged), на 15 мај, со почеток во 20 часот, ќе се одржи камерен концерт во „Котур“ во Скопје.

Концертот ќе биде предводен од светски познатиот виолист и професор Питер Барсони и е посветен на камерното музицирање. Во рамки на концертната програма ќе бидат изведени дела од Бетовен, Шуберт, Пуланк, Мазас, а диригент е Јоаким Бадиа.

Во рамки на оркестарските курсеви за филмска музика и „кард бланш“, во мај ќе се реализираат три концерти на кои ќе настапат младите музички таленти од оркестарот на „Фаме’с Институт“.

– Значајно е да се истакне дека овие млади музичари учествуваат на оркестарскиот курс за филмска музика, кој се реализира во соработка со еден од најдобрите конзерваториуми во Европа – Музичкиот конзерваториум од Амстердам, предводени од менторот Каве Варес – истакнуваат од „Фаме’с Институт“.

По концертот на 15 мај ќе следуваат уште два исклучително интересни концерти под менторство на реномираната композиторка, диригентка и продуцентка Дајан Луи, а како специјална гостинка ќе настапи сопранот Џони Фиори.

Вториот концерт од циклусот „Фаме’с анплагд“ ќе се одржи на 20 мај во „Лабораториум“. И на овој концерт ќе настапат младите таленти од оркестарот на „Фаме’с“, но овојпат со разновидна програма која ќе претстави различни музички стилови, од блуз, џез, електронска музика, хип-хоп итн.

Финале на овој курс, воедно и завршница на петтиот семинар, ќе биде концертот што ќе се одржи во „Студио Фаме’с“ на 23 мај, со почеток во 20 часот. Под диригентската палка на Дајан Луи, оркестарот заедно со Џони Фиори, ќе изведе композиции од Григ, Чајковски, Елингтон и многу други.

Дајан Луи е композиторка/текстописец и класично обучена диригентка која има работено со некои од најпознатите имиња, вклучувајќи ги Стиви Вондер, Лајонел Хемптон, Снуп Дог, Тони Бенет, Доли Партон, Ненси Вилсон, Боб Дилан, Пласидо Доминго, Кристина Агилера и многу други.

Гласот на Џони Фиори се слуша во филмови, реклами и видеоигри, проекти како кампањите на Кока-Кола и Американ Ерлајнс, темата на Пауер Ренџерс и на Дизниевиот „Херкулес“, како дел од „Трите музи“. Дебитирајќи во Вест Енд во 125-та улица, Џони ја одиграла лондонската улога на Мотормут Мејбел во „Лак за коса“, во режија на Џек О’Брајан.

Концерт на оркестарот на „Фаме’с Институт“ во камерната сала на Филхармонија

Европскиот оркестарски изведувачки институт „Фаме’с“ претставува музички образовен центар создаден во рамките на компанијата „Фаме’с“, која се занимава со професионално снимање и продукција на музика. Со седиште во Скопје, центарот претставува уникатна платформа за професионална музичка едукација, размена на искуства и креативност и е наменет за млади талентирани инструменталисти од Европа во полето на оркестарската музика, како дел од програмата за Пан-европски културни ентитети (CREA CULT 2021 PECE).

Програмата обезбедува едукација во разновидни оркестарски практики, овозможувајќи високо професионално ниво на обука преку новите методологии и технологии во студиото на „Фаме’с“, со цел развој на нова публика, пренесувајќи го културниот диверзитет на европското музичко наследство.

Институтот соработува со еминентни музички имиња, како Тимоти Редмонд, бендот „Колсимча“, Оливие Труан, Алистер Кинг, Луис Иварс, Франческо Тристано, Роб Мазурек, Бенџамин Шварц, Куареим Квартет, Етјен Аблен, Габриел Прокофјев, Игор Корети, Оливие Дежурс, Емили Дејвис, Ирина Мурезану, Јан Банг, „Танго 5/4“, Лука Фаулиси, Пол Марсовски, Чаба Палфи, Петер Барсони, Дајен Луи, Џони Фиори и други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот