Издавачката куќа „Или-или“ го објави романот „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска

Насловна корица на романот

Новиот роман на писателката Фросина Пармаковска со наслов „Сѐ уште можам нешто да сторам“ е објавен како книга бр. 226 во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“.

Станува збор за роман за денешнината, за реалноста која е таква каква што ја гледаме, таква каква што ја живееме со сите недостатоци, предизвици и последици од стапиците што ни ги носи современото живеење. Како и во претходните романи на Пармаковска, и тука се доминантни психологизацијата на главнот и останатите ликови од една страна, но и личните подеми, падови и резултирачкиот раст, созревање на главниот лик, од друга страна.

– Ова е роман за суштинската промена одвнатре, промена која настапува како резултат на силни и длабоки потреси, искрени соочувања со Себеси, долги разговори во себе низ бројни непроспиени ноќи, роман за чудесното, соништата и постојаното поместување на границата помеѓу тие два света: реалното и чудесното – посочуваат од „Или-или“.

Писателката Фросина Пармаковска е родена во Скопје во 1985 година. Дипломирала на Филолошкиот факултет, катедра за Општа и компаративна книжевност при УКИМ во Скопје. Магистрирала на Институтот за македонска литература, на „Културолошки студии“.

Авторка е на романите: „Пишувајќи ги изгубените топки“, „Вишнова хроника“, „Одбројување“ (роман на годината за 2017 г.) и „На враќање“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 211, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30.12.2023 – 02.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот