Иван Туџаров, генерален директор на „Реплек фарм“: Сомнежи за лични интереси за преземање на компанијата

Евентуалниот купувач на големиот пакет акции во АД Реплек (1.783), за кој денес е закажана јавна берзанска аукција, нема да може да присуствува како акционер на продолжената седница на Годишното собрание на компанијата закажано за утре (22 април), но во иднина, секако ќе се здобие со извесно влијание во работата на Друштвото. Доброупатени извори на „Слободен печат“, велат дека цената од 3,9 милиони евра, која се бара за 6,88 отсто од основната главнина на компанијата е превисока и се сомневаат дека ќе има заинтересирани за таа сума.

Во меѓувреме, на седницата на Годишното собрание ќе се види кои од членовите на Управниот и Надзорниот одбор на „Реплек“ ќе добијат доверба од акционерите или пак на нивно место ќе се изберат нови. Оваа фармацевтска компанија влезе во фокусот на јавноста откако пред десеттина дена, мнозинството акционери со гласање против, не ја одобрија работата на УО И НО на Реплек. Иван Туџаров, генерален директор на „Реплек фарм“, за „Слободен печат“ објаснува дека на продолжението на седницата на Годишното собрание очекува акционерите поединечно да се изјаснат за членовите од овие две тела, а според него, зад сета оваа ситуација, стојат „лични интереси за преземање на компанијата“.

-За секој член на одборите треба одделно да се гласа и тоа за 5 лица од УО и за четворица од НО. Дали акционерите не се задоволни од сите или само од некого, треба да се изјаснат и таквата шанса ќе ја добијат на продолжението на акционерското Собрание – потсетува Туџаров.

Без дополнителни објаснувања, генералниот директор на „Реплек фарм“, додава, дека зад сета оваа ситуација околу компанијата се кријат лични интереси за преземање на компанијата.

-Сметам дека се работи за лични интереси, за некој друг да ја преземе компанијата. Не сакам да навлегувам понатаму, само се прашувам зошто ова се случува во рекордната година на „Реплек фарм“? Податоците покажуваат дека во пандемиската 2020 година, имаме пораст од 28 проценти, рекорден извоз, вложувања во суровинска база и инвестиции во нови машини. За првите три месеци од оваа година имаме пораст на производството од 49 проценти во однос на истиот период лани. Акционерите се запознати со овие параметри и затоа не можам да ја објаснам актуелната ситуација и наводите дека се незадоволни – потенцира, Туџаров.

И во однос на незадоволството за последната поделба на дивидендата, Туџаров вели дека освен сегашните 35 евра по акција, ќе има уште една поделба во септември годинава со дополнителни 25 евра по акција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот