Интервју со Стив Вај, гитарист: Татко ми го продаде животното осигурување за да се школувам, а јас за возврат им купив куќа на моите

Фото: Принтскрин/ Јутјуб

Американскиот гитарист со светска слава Стив Вај, в среда ќе одржи концерт во Скопје, во малата сала во „Борис Трајковски“. Вај, иако е дел од листата на десетте најдобри гитаристи на сите времиња, и на студиските албуми на Френ Запа, „Моторхед“, Дејвид Ли Рот и „Вајтснејк“, има осум соло албуми и три награди Греми, е доста едноставен човек. Посветен е на сопругата, поранешната басистка Пија Мајоко и двете деца, произведува сопствен мед и не брза никаде, туку ужива слушајќи класика- време кога како што вели се одвојува од психолошкото време. Интервјуто со Вај го правевме опуштено и без брзање, на Зум од Истанбул, додека Стив уживаше пиејќи го своето попладневно кафе. Во Скопје ќе го донесе и неговото ново „чудо“, гитарата „Хидра“ со три врата кој самиот ја создал во рок од шест недели без притоа ништо друго да не работи.

Фото: Принтскрин/Јутјуб

Дали сте запознаен со македонската традиционална музика и со нашиот специфичен, неправилен ритам и општо со нашата музика?

– Како помлад имав можност да слушнам нешто, но сега не ми е многу познато. Ќе ми препорачате ли нешто, пред да дојдам во Македонија?

Нашиот најдобар гитарист, Влатко Стефановски, би било убаво да слушнете нешто од неговата музика и изведба.

– Како рековте? Влатко Стефановски? Ќе запишам и ќе слушнам, навистина би сакал да знам повеќе.

Што би можеле да ни ветите за концертот во Скопје, дали сте човек кој сака да ветува?

– Не, но сакам да ги исполнувам ветувањата. На ова нешто работам секоја вечер. На турнеи сум веќе 43 години. Но, ова е мојата омилена турнеја затоа што бендот со којшто работам е со мене повеќе од 20 години. Оваа турнеја е промоција на мојот албум „Inviolate“, и кога ќе почнеме да свириме на концерт, гледаме нешто што е многу ретко, а тука мислам на начинот на кој комуницирам со публиката и на видот на музика кој го свирам, и тоа е многу специфично за мене. Шоуто е полно со песни од минатато, но исто така и со песни од новиот албум. Исто така ја носам гитарата „Хидра“, таа необична гитара со три врата. За моите фанови кои ја знаат музиката, има доста различна динамика. Но, она што ќе го видите е личност која е многу поврзана со својот инструмент и бенд кој е многу поврзан со публиката. Тешко ми е мене лично да зборувам за ефектот кој го дава сето ова, но добар е.

Како би го опишале Вашиот нов необичен бренд, гитарата „Хидра“ и целата идеја да ја создадете?

– Тоа е една од работите која многу ме интересира. Кога бев мал го видов Џими Пејџ како свири гитара со два врата. И тоа беше почетокот на мојата фасцинација. И во текот на мојата кариера, направив различни видови на двојни инструменти. Но, никогаш не сонував дека ќе направам инструмент кој ќе ме одбележи мене. И сето тоа дојде како идеја пред околу седум години, да направам инструмент кој со себе ќе носи едно цело парче музика. Беше потребен бас врат, врат со седум жици, потоа жици од харфа. Но, ова е многу специфичен инструмент. Има и гитарски синтисајзер во неа. И знаев дека е тоа е тоа што го сакам. Не знаев како ќе изгледа, но потоа го гледав филмот „Лудиот Макс“, и една сцена кога одат во пустина и еден човек кој „како луд“ свири гитара. И кога го видов тоа, бев инспириран за изгледот на „Хидра“. Ги собрав сите тие идеи и ги пратив во „Ибанез“, и тие почнаа да ја прават гитарата, им требаше околу пет години да ја направат, па во мојата глава се видов себеси како ја свирам. И знаев дека на неа треба да свирам добра песни со мелодија, затоа што јас сум голем фан на мелодијата. Но, знаев и дека песната не може да ми се вклопи со „лудилото“ на гитарата. Па потоа, ги спојував парчињата, како со Рубикова коцка. Беше многу компицирано, но ако го гледате видеото на „Teeth of the Hydra“, изгледа многу елегантно и невозможно. И кога ја гледат луѓето ме прашуваат: „Како ја направи?“ Но, јас одев полека. Ми требаа шест недели на постојана работа, без никој да ме прекинува.

Фото: Принтскрин/Јутјуб

Ако Вашиот нов албум беше приказна, што би рекле за него? Ако замислите дека го слушате, а го свири на пример, некој друг место Вас, како би го оцениле?

– Би рекол дека таа личност е прилично „луда“. Би рекол дека има добра смисла во мелодијата, дека гитаристот кој го свири не е воопшто лош и дека е малку „на своја рака“, затоа што таа музика која ја свири не е популарна по секоја цена, но е музика која многу допира до луѓето и е многу убава, за оние луѓе на кои им се допаѓа тој вид на музика.

Никогаш не сте правеле компромис со музиката?

– Единствен пат кога сум правел компромис е кога сум свирел нешто за коешто знам дека на луѓето ќе им се допадне. Никогаш не можеш комплетно да ги оцениш луѓето. Почнуваш по некој пат во смисла: „Ми треба хит-сингл“. А, јас никогаш не бев автор на поп музика. Но, кога и да сум правел компромиси со некоја музика што сум ја напишал, не сум можел никогаш повторно да ја слушам.

Рековте дека сте голем фан на мелодијата. Што милите за влијанието на социјалните мрежи на младите луѓе? Дали мислите дека кратките видеа на Тик-ток со инстант хитови можат да расипат или да креираат лош музички вкус кај младите?

– Не мислам дека може да расипе нечиј вкус. Технологијата оди напред на различни начини. Ако се вратам назад во времето си размислувам: „Ова не е ни блиску добро до она што ние го имавме“. И јас се чувствувам исто. Никогаш не би се откажал од моето растење во седумдесеттите и во осумдесеттите. Но, децата кои дојдоа сега не го знаат светот без Тик-ток. На тоа се изложени и ја оформува нивната култура, ги оформува нивните интереси, ја оформува нивната емоционална динамика, ги оформува нивните политички гледишта. Но, ова отсекогаш се случува, се случува цело време. Гледав како се случува и кога интернетот беше измислен. Имам 63 години, па бев тука и кога немаше интернет. Но, мислам дека во ова ново време, вниманието и фокусот на младите е дискутабилен. Затоа што се научени на таа некоја моменталност, тој инстант и брзина. Но, е многу убаво искуство, ако си дозволиш себеси да си дадеш време, да слушаш нешто интересно или да гледаш нешто интересно, и мислам дека има млади луѓе кои го гледаат тоа. За мене лично, тоа е класичната музика. Кога ја слушам, го ставам времето на страна. И тоа е убаво, кога ќе можеш да го ставиш психолошкото време на страна и можеш да уживаш во нешто, тоа е голема награда за еден човек.

Фото: Принтскрин/Јутјуб

Ако се вратиме назад во Вашето детство, еднаш рековте дека Вашиот татко го продал своето животно осигурување за да може да Ви плати да се школувате на Универзитетот „Беркли“. Кажете ни повеќе за таа импресивна приказна.

– Јас имав многу среќа, затоа што моите родители многу ме поддржуваа. Нивниот помал син сакаше да стане гитарист, а тоа е голем страв за многу родители. Но, моите родители многу ме поддржува. Никогаш не се сомневаа во мојот избор. Татко ми ме носеше на часови по гитара и секогаш беше до мене. Кога сакав да одам во музичко училиште, немавме многу пари, а бевме пет деца. И тогаш мојот татко го продаде своето животно осигурување за да можам да одам на „Беркли“.

Има ли ветување кое тогаш му го дадовте на татко ви, а го исполнивте подоцна или го исполувате сега?

– Ха, ха, ха. Па, бев многу велокодушен со моето семејство. Им купив на родителите куќа надвор од градот, му купив на татко ми автомобил, ги поддржав на многу начини, па можам да речам дека им се оддолжив на добар начин. Тие никогаш ништо не очекуваа за возврат, но беше многу убаво што можев да им помогнам. Иако ним и не им требаше мојата помош, јас бев многу среќен што сум во можност да им купам куќа, автомобил и уште многу нешта. Тоа е прекрасно.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот