Интервју со Маја Бабиќ: Одбивам да живеам во општество каде личната среќа е поважна од колективната

Како воопшто некој може да биде среќен и задоволен, а притоа да е опкружен со тажни или несреќни луѓе. Јас да имам или да бидам среќен, а другите околу мене не. Тоа е алчност. Алчноста носи завист. Зависта лошотилок. Тоа не се карактерни особини што можам да ги прифатам, вели Маја Бабиќ, прв претседател на Асоцијацијата на Ивент Индустрија ИВАП.

Коронакризата која, за жал, кај многумина создаде чувство на немоќ, претприемачката Маја Бабиќ, напротив, ја активираше. Како претседателка на новата Асоцијација „ИВАП“ иницираше враќање на јавни настани, собири и музички концерти, секако според утврдени протоколи.

Почнав да се убедувам дека кризата морам да ја гледам како предизвик, а не како пречка.

Колку кризата успеа да ги здружи македонските промотори на јавни настани?

– Пандемијата дојде како гром од ведро небо. Како вчера да беше кога ги правев плановите за оваа 2020 и верувајте агендата уште во декември ми беше прилично амбициозна и исполнета. Имавме големи професионални планови, особено што „Баги Комуникации“ оваа година слави 30 години јубилеј. Сакавме да го одбележиме со повеќе интересни настани, но за жал тоа ќе мора да го одложиме за некој друг јубилеј. Многу брзо ни стана јасно дека се бавиме со професија која ќе биде многу засегната и „приземјена“. Се сеќавам дека уште пред воведување на карантинот, морав да мирувам бидејќи имав една повреда и не смеев да се движам. Да знаете колку страшно ми звучеше тоа дека ќе морам да мирувам три недели. Се бунтував и се „пазарев“ со лекарот дека јас никако не можам да мирувам толку долго време, не чекаат концерти што мораме да ги изработиме. Потоа, тоа мирување принудно продолжи со воведувањето на карантинот. Првите недели мислевме дека брзо ќе заврши и дека за максимум два месеца ќе се вратиме во нормала. Интересно беше да се биде повеќе дома, да се обноват некои кулинарски вештини, да се разбудите наутро и да ја нема онаа набиена целодневна агенда. Но тоа кратко траеше, увидовме дека кризата ќе потрае и дека ќе мора да се прави нешто. Талкав со мислите, читав што се случува во светот и тогаш виберот титна и добив покана за група во која почнаа да се приклучуваат колеги од нашата индустрија. Веднаш ми стана јасно зошто се прави таа група и дека сега е моментот за здружување. Додека сите седевме дома ние всушност активно работевме да се собереме, здружиме и да ги артикулираме нашите следни потези. Така настана Асоцијацијата на Ивент Индустрија ИВАП. Се состанувавме виртуелно, со дел се запознававме, разговаравме и всушност повторно организиравме, но овојпат за себе. Сфативме дека имаме многу отворени прашања, кои се напластувале низ годините, но ете од „немукает“ не сме ги решавале. Исто така, увидовме дека колку и да сме ние конкуренција меѓу себе, само заедно и здружени можеме да оствариме некои наши права. Напишавме протоколи, никој подобро од нас не може да знае како се одвива процесот на организација на еден настан, се обидувавме да се слушне нашиот глас и успеавме во тоа. Полека, но сигурно, нашата индустрија станува видлива за државата. Настаните не се само тоа што се случува на сцената, она што публиката го гледа. Настаните се стотици вредни, искусни професионалци зад завесата кои први доаѓаат, а последни си заминуваат. Нè чека уште многу работа, станавме членка на пан европската алијанса „Лајв Ком Алиенс“ (Live Com Alliance) во која членуваат европските асоцијации на ивент индустријата и тоа е одлична можност за црпење на искуства и позитивни практики кои секако ќе ги искористиме за подобрување на условите за работа кај нас. Чест ми е што ја добив можноста да бидам прв претседател на ИВАП, но исто така свесна сум дека тоа носи и голема одговорност.

Кога го договаравме интервјуто ми кажа дека со коронакризата ја почувствува моќта на трансформацијата. На каква трансформација мислеше?

– По првиот период на збунетост и немоќ од пандемијата дојде следната фаза во која увидов дека кризата ќе потрае и дека мора да се бара решение. Не можете само да седите дома и да чекате решението да ви затропа на врата. Тогаш во вас го будите лавот или ако сакате претприемачот. Целиот мој живот работам приватно, никогаш не сум била комотна во однос на платата, дека таа ќе си дојде сама по себе. Така и сега, многу брзо дојде освестувањето дека само од мене зависи како ќе се движам понатаму. Имав две опции – или да седам дома и да се помирам дека ете, за жал, се најдов во професија која е меѓу најзагрозените или да се размрдам, да пробуричкам по скриените мозочни фајлови и да се обидам да добиајм нови идеи за нови решенија. Почнав да се убедувам дека кризата морам да ја гледам како предизвик, а не како пречка. Тоа ме разбуди, ми покажа дека во мене има повеќе сила од тоа што сум мислела дека можам. Не дозволував ниту еден ден да ми помине пасивно, без некоја цел или задача која морам да ја завршам. Комуницирав со луѓе, многу повеќе од било кога претходно, разговаравме за идеи, решенија, нови можни проекти. Во секој разговор наоѓав инспирација или поттик за нешто ново што би можело да се изроди. Така настана ИВАП, а исто така и некои нови соработки и проекти. Кризата ме направи посилна, посвесна за моите капацитети и вредности, ме натера да излезам од комфорната зона и да си ја создавам сопствената микроклима.

Вклучена си во повеќе хуманитарни акции, кога сме на прашањето хуманитарноста и жените, што според тебе е најнеопходно државата да направи?

– Себеси не се сметам за голем хуманитарец, се сметам само за човек со многу емпатија за другите. Ги сакам животните, ја сакам природата, ги сакам и луѓето. Живееме во време кога дефинитивно недостасува емпатија. Чувствувам дека тоа е она што јас треба да го правам. Се обидувам да им помагам на луѓето, да го извлечам од нив дури и она што тие самите не се свесни дека го носат. Помошта не е секогаш материјална. Некогаш е тоа разговор, некогаш вистинска конекција, некогаш само совет. Но убаво се чувствувам кога некому ќе му помогнам. Тогаш знам дека денот не сум го поминала залудно. И да, верувам во карма. Не посакувам никому лошо, не завидувам никому, мислам дека немам непријатели. Не сум безгрешна, сите грешиме, но се трудам тоа да не биде со умисла. Единствено што завидувам е на луѓето што живеат покрај море или езеро. Тоа е посилно од мене! Во однос на жените, јас не би ги издвојувала како посебна категорија, сите сме ние луѓе со емоции. Зошто би очекувала државата да направи нешто за жените повеќе отколку за мажите. Одамна се изборивме за свое место под сонцето. Се додека чекаме некој да направи за нас, така и ќе не третираат, како понежен пол на кој му треба „квота“. Да бидам искрена, никогаш во животот не сум почувствувала дека тоа што сум жена било маана или пречка. Никој не ме дискриминирал, не сум била жртва на сексизам. Можеби сум имала среќа, можеби околностите биле такви, а можеби и јас така сум се поставила. Верувам во еднаквост и рамноправност по секој основ.

Свесна сум за презимето што го носам и јас знам одговорноста кон него. Не само заради татко ми туку и заради дедо ми Бошко. Тоа е бреме кое со текот на времето научив да го претворам во предност и огромна почит.

Ни недостига ли женска солидарност и во што најмногу таа кај нас се чувствува?

– Мислам дека не недостасува солидарност, недостасува емпатија. Не разбирам зошто е тешко да се влезе во чевлите на другиот и да се разбере нечија потреба, став, желба? Престанавме да се слушаме меѓусебе, бркаме некоја замислена агенда, снемавме време за блиските, за пријателите, за себеси. Се поделивме по сите основи, создадовме нездрава средина, болно оштество. И нормално е дека ја снема и солидарноста. Се надевам дека од оваа криза ќе научиме да се солидаризираме со другите. Како никогаш до сега, солидарноста и емпатијата ни се потребни повеќе од било што друго. Упорно одбивам да живеам во општество каде личната среќа е поважна од колективната. Како воопшто може некој да биде среќен и задоволен, а притоа да е опкружен со тажни или несреќни луѓе. Јас да имам или да бидам среќен, а другите околу мене не. Тоа е алчност. Алчноста носи завист. Зависта лошотилок. И така во круг. Тоа не се карактерни особини што можам да ги прифатам!

Сите имаме свои подеми и падови, за подемите – ретко добиваме аплауз, од падовите – сами треба да се избориме, на кој начин ти успеваш да се избориш со своите?

– За подемите сами треба да се избориме, со падовите сами мораме да се справиме. Животот е дефинитивно ролеркостер. И така треба да биде, зашто ако ги нема падовите нема да знаете колку се вредни успесите. Само кога после некој пад ќе успеете да станете, знаете колку навистина вредите или колку сте силни. Мојот ролеркостер добро се забавува. Прилично е стрмен. Понекогаш и опасен. Некогаш тој води, а некогаш јас сум во предност. Предизвиците во животот научив да ги гледам како лекција која мора да се прочита и научи, да се извлечат поуки. Научив дека не смеам да дозволам да ме втурнат во депресивниот агол од кој нештата изгледаат многу безизлезно. Научив дека „кукањето“ не носи ништо добро и дека главата секогаш мора да ја држам исправена, колку и да ми е тешко. И да, ретко кој, освен најблиските, знае за тие мои епизоди. Поминав сериозни здравствени предизвици, имав и некои лоши бизнис одлуки кои сериозно се закануваа да го приземјат мојот ролеркостер. Но сепак, секогаш наоѓам гориво повторно да го вивнам нагоре. И знаете, искачувањето е дури позабавно дури и од самиот врв. Оние што ме познаваат ја знаат мојата девиза во животот, тоа е еден стих од песна на нашите другари Ван Гог кој вели – „Ако застанеме, губиме сé“. Има многу вистина во овие четири збора!

Поминав сериозни здравствени предизвици, имав и некои лоши бизнис одлуки кои сериозно се закануваа да го приземјат мојот ролеркостер. Но сепак, секогаш наоѓам гориво повторно да го вивнам нагоре. И знаете, искачувањето е дури позабавно дури и од самиот врв.

Една си од жените-членки на Здружението „Инер Вил Клуб Скопје Еуропеа“, како функционира ова Здружение и како може да се стане членка?

– „Инер Вил“ е една од најголмите светски женски сервисни волонтерски организации која постои речиси сто години и е распространета во 103 земји ширум светот и брои повеќе од 103.000 членови во 3.900 клуба. Во Македонија има 5 клуба и „Дистрикт а Еуропеа“ е еден од нив. Тоа е клуб во кој членуваат прекрасни дами, лавици, секоја успешна во својата област, реализирани жени кои се подготвени да придонесат за заедницата. Ја имав честа минатата година да бидам претседател на клубот и искрено сум горда на сè она што заедно го правевме и го правиме. По наша иницијатива и во наша организација веќе четири години е светското движење „Продолжи понатаму“ („Pay it Forward”) преку кое ја шириме идејата за правење на добри дела и поттикнуваме голем број на добрини помеѓу луѓето. Се дружиме, се поддржуваме, си помагаме кога ни е потребно, но најмногу од сè и служиме на заедницата. Тоа е нашата мисија. Според правилата, за да се стане член на „Инер Вил“ мора некој да ве предложи, со вашето животно и професионално портфолио треба да докажете дека вашето место е таму, дека сте подготвени да работите волонтерски. Потоа вашата кандидатура оди на гласање и доколку членките се изјаснат позитивно станувате член. Можеби изгледа по малку елитистички, но воопшто не е страшно или комплицирано. Добредојдени се сите дами, храбри жени кои сметаат дека можат да придонесат во општеството и да делуваат волонтерски.

Кои Македонки за тебе се современи хероини?

– Секоја жена е херој во својот балон. Хероини се сите безимени жени кои секојдневно се носат со сите проблеми и предизвици во животот. Хероини се сите самохрани мајки или оние кои одлучно се спротивставиле на неправдата. Хероини се мајките на децата со пречки во развојот, бидејќи нивната борба е лавовска. Познавам такви жени и знам низ што поминуваат, знам колку се даваат себеси за среќата на своето дете. Хероини се сите оние кои позицијата, власта или моќта не ги променила и останале приземјени. Тоа се жени кои ги гледаме секој ден, околу нас се, но врз нив не се вперуваат светлата на рефлекторите и не се ѕвезди. Од таквите хероини учам секој ден, тие се мојата инспирација.

Што научи од твојот татко, Марин Бабиќ?

– Семејството, домот и родителите се база на тоа што сме. Имав среќа што растев со исклучителни родители, ралични по карактер, но исти во ставовите за тоа какви деца треба да изгледаат. Мислам дека и јас и сестра ми сме одлична комбинација на карактерите од нашите двајца родители. Од татко ми нучив да ја сакам уметноста, театарот, музиката, книгите. Научив да ја правам најубавата мусака на свет и највкусниот пинџур. Мајка ми пак, ми ја подари женственоста и ме научи како се однесува вистинска дама. Двајцата ме научија да ги сакам луѓето и безрезервно да се давам на оние кои тоа го заслужиле. Од мене создале родител кој го воспитува своето дете да биде чесен граѓанин, свесен за своите потенцијали и одговорен за своите постапки. Свесна сум за презимето што го носам и јас знам одговорноста кон него. Не само заради татко ми туку и заради дедо ми Бошко. Тоа е бреме кое со текот на времето научив да го претворам во предност и огромна почит.

Маја и домашниот миленик Дилан.

Кои следни проекти ги имаш на ум, а кои се на пат на реализација?

– Имам повеќе идеи отколку што имам капацитет да ги реализирам. Дел од нив остануваат архивирани и ќе чекаат соодветно време. Во наредниот период фокусот ќе ми остане насочен кон Баги Комуникации, потоа мојот ангажман во Здружението „Борка – за секој нов ден“ како проектен менаџер, ангажманот во ИВАП и она што последниов период се „крчкаше“ и за некој ден ќе ја види светлината на денот е нашиот нов продуцентски проект, кулинарското шоу „Готвиме со Маја“ (името е коинциденција), кое ќе се емитува на ТВ 24, секој работен ден во 19:30 часот. Мислам дека и за „воркохолик“ како мене е доволно. Сепак треба да остане малку време и за мојата голема љубов, кучето Дилан, синот, семејството, пријателите, себеси. Но, како велат, никогаш не вели никогаш. Доколку се појави добра идеја или проект не ја исклучувам можноста да се зафатам со уште нешто.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот