Интервју со композиторот Илија Пејовски: Музиката е елитистичка уметност

Новата концертна сезона на ЗЏМ Биг-бенд оркестарот беше отворена со концерт во Големата сала на Филхармонија, на кој премиерно беа изведени 12 авторски дела од џез-великанот, професор, диригент, пијанист и композитор, Илија Пејовски.

Вистински музички раритет беше концертот со композиции од Илија Пејовски во изведба на Биг-бенд оркестарот на Здружението на џез-музичари, што пред 15-ина дена се одржа во Големата сала на Филхармонија. На концертот премиерно беа изведени 12 дела од Пејовски напишани за Биг-бенд од повеќе негови творечки фази.

Ќе потсетиме дека Илија Пејовски е една од најзначајните фигури во македонската џез музика. Во текот на својата музичка кариера бил дел од повеќе музички состави, меѓу кои „Комбо“, „Скопско џез-трио“, „Диксиленд состав“, Биг-бенд при КУД „Мирче Ацев“, Дувачки квинтет при Работничкиот дом во Скопје, Комбо состав при Домот на градежните работници во Скопје (раководен од Драган Ѓаконовски Шпато), ансамблот „АБЦД“, Биг-бенд на Македонската радиотелевизија и други. Најголем дел од својот работен век го минал во Македонската радиотелевизија, подолг период како диригент и аранжер, а во еден мандат и како Главен и одговорен уредник на Музичката продукција на МРТ.

Покрај музичките композиции и аранжмани, Пејовски е автор на музика за филм, но и на особено значајната теориска книга „Хармонски основи на џезот“, која е преведена и на англиски јазик. Својот „официјален“ работен век Пејовски го завршува како професор на Факултетот за музичка уметност во Штип (2006-2013), каде што предаваше на Одделот за џез-студии. Концертот со негови композиции повторно ја обнови релацијата со некои некогашни негови студенти.

Какво значење за Вас имаше авторскиот концерт што со Ваши композиции го изведе Биг-бенд оркестарот на Здружението на џез-музичари?

– Концертот се случи благодарение на иницијативата на некои мои поранешни студенти. Не беше поврзан ниту со некој јубилеј ниту беше дел од програмата на некоја институција. Некои од студентите, сега членови на Биг-бенд оркестарот на ЗЏМ, ги виделе композициите како партитури, но никогаш не ги слушнале како звучат. Тоа нив ги мотивирало да го направат концертот и сето тоа го направија без да бараат некој да им даде хонорар. Почувствував дека концертот беше еден вид обврска од мене кон моите студенти, но нивната обврска кон мене направи до крајот на животот да им бидам должник. Направија таква жртва за мене што никогаш нема да им ја заборавам. Тие го свиреа концертот затоа што им се свиреше, а од тоа нема поголема награда за еден композитор.

На концертот беа изведени 12 композиции селектирани од шеесетина дела и тоа е сериозна работа што бара голем ангажман. Како воопшто концертот се случи?

– Првата селекција содржи 169 композиции, односно толку имам во компјутер, од кои дел се аранжмани, а околу педесетина се мои композиции. Со втората селекција издвоивме 30, од кои се одлучивме на концертот да бидат изведени 12 композиции што се полесни за свирење, бидејќи Биг-бенд не се прави за два дена. Беа избрани тие композиции што беа најсоодветни за изведба во таков состав на оркестарот, иако меѓу членовите на оркестарот има и такви музичари што ги викаме „ѕверови“, во најпозитивна смисла. Тоа се одлични музичари, кои „свират-убиваат“, иако сите не работат континуирано. Дисконтинуитетот е карактеристичен за македонските музичари, но на концертот отсвиреа најдобро што можеа. Меѓу нив, Џијан Емин е еден од најмузикалните диригенти што го имаме во Македонија.

Почувствував дека концертот беше еден вид обврска од мене кон моите студенти, но нивната обврска кон мене направи до крајот на животот да им бидам должник / Фотографија: Татјана Ранташа

Здружението на џез-музичари веќе неколку години наназад пополнува една празнина што беше создадена по укинувањето на повеќе оркестри во вашата некогашна матична куќа. Како гледате на нивната работа?

– Во ова пандемиско време некои од нив немаат никакви приходи. И во ова време тие одлучиле да свират без пари. Тоа многу силно ме погоди. Не стануваше збор за пари, туку желбата беше огромна да се направи добар концерт. Сакаа да свират музика каква што сакаат да слушаат. Во едно интервју го прашале Роман Полански какви филмови сака да снима? Тој им одговорил дека сака да прави такви филмови какви што сака да гледа. Меѓу композициите што ги избраа да ги свират влегоа композиции што сакаат да ги слушнат, а кои се напишани во периодот од 1973 до 2020 година.

Што се однесува на Биг-бендот на ЗЏМ мислам дека е добро што се оформи, бидејќи околу него се создава убава приказна. Од друга страна, Биг-бендот за кој прашуваш почна да се распаѓа уште во 80-те години на минатиот век. Во суштина, тој Биг-бенд никогаш не функционираше како Биг-бенд, туку беше подлога за ревиски оркестар кој свиреше по фестивали и свиреше шлагери. Како самостојна единка тој Биг-бенд работеше само со 3-4 аранжери, меѓу нив беа Шпато, Кире, Глишиќ, што не беше доволно. Потоа дојдоа компјутери и програми кои комплетно ја сменија подлогата. Сега подлогата не чини многу пари, а ја има истата функција. Лично, сакам да го има тој Биг-бенд, бидејќи целото мое творештво е поврзано со таков оркестар.

Илија Пејовски на проба за неговиот авторски концерт со ЗЏМ Биг-бенд оркестарот / Фотографија: Татјана Ранташа

Не се сеќавам во последниве десетина години да имало Ваш авторски концерт. Колку време помина од претходниот?

– Досега сум имал четири авторски концерти. Првиот беше во 1993 година во форма на рецитал што се одржа во КИЦ. Вториот авторски концерт ми го направи Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) и се одржа во некогашното студио М1 на МРТВ. Третиот авторски концерт се случи во 2005 година со Македонската филхармонија. Последниов концерт што го направи ЗЏМ е мојот четврти авторски концерт. Значи сум имал еден рецитал, два концерти со Биг-бенд и еден со филхармонија, што за еден композитор е сосема доволно.

За Вас е познато дека сте композитор и аранжер. Во една друга пригода и со Живојин Глишиќ се обидовме да ја разјасниме дилемата што е композиција, а што е аранжман? Како вие ја дефинирате разликата?

– Аранжирањето е практично неделив процес од процесот на компонирање. „Творештвото е субјективен индивидуален чин, честопати се одвива несвесно“, велеше мојот професор Томислав Зографски. За првпат оваа постапка се јавува кај композиторот Шарл Гуно кон крајот на 19 век. Веќе постојната композиција на Бах („Аве Марија“ напишана пред 200 години) тој ја третира како аранжман и врз неа компонира своја мелодија. Ова е обратен процес од она што денеска го викаме аранжман. Истата постапка ја има направено и Корнелие Ковач со „Месечевата соната“ на Бетовен. Според мене, најприфатлива дефиниција за аранжман е онаа на еден од најдобрите југословенски аранжери Звонимир Скерл. Тој вели: „Сето она што го слушате од пејачот е композиција, а останатото е аранжман. Кога станува збор за џез-музика, секој изведувач интерпретатор во својата интерпретација мора да презентира свое видување или доживување на темата што ја изведува. Измените можат да бидат надградени во мелодијата, во хармонската прогресија, ритамот, формата итн.

Цитиравте еден од Вашите професори, самиот долго време бевте професор, а познато е дека го имате индексот број 1 на ФМУ. Како од денешен аспект гледате на музичкото образование?

– Додека бев студент, моите професори ги гледав како големи авторитети и од нив навистина научив многу. Тоа беа Ладислав Палфи, Томислав Зографски, Тома Прошев, Властимир Николовски. Тие за мене беа светци. И мислам дека такви авторитети денес нема, или, можеби, јас не можам да ги видам.

Публиката со долготраен и громогласен аплауз ги испрати композиторот и музичарите / Фотографија: Татјана Ранташа

Покрај многубројните аранжмани и композиции, сте пишувале и филмска музика. А познато е дека имате напишано и музика за филм, која во последен миг била тргната од филмот. Станува збор за филмот „Црно семе“ на Кирил Ценевски, кој сам по себе беше мистична личност. Потребен ли е посебен метод за пишување филмска музика?

– Секогаш сум кажувал дека музиката е течност. Ако ја ставите во чаша, ќе има една форма. Ако ја ставите во шише, ќе има сосема друга форма. Во пишувањето музика за филм треба да се има чувство, бидејќи музиката треба да го поддржува филмското дејство. Ако тоа не се случува, значи дека таа музика не е добра за тој филм, дури некогаш има и случаи кога музиката му пречи на дејството. Моите синови Александар и Даријан, едниот е композитор, а другиот е филмски режисер, обично кажуваат дека ако режисерот и композиторот се најдат на иста линија, тогаш тоа е добро за филмот.

Не знам за филмските режисери, но сигурен сум дека сите музичари ја знаат Вашата прва книга „Хармонски основи на џезот“. Напишавте и втора книга, која треба да излезе на англиски јазик. Со каква цел?

– Првата книга се занимава со проблемот на музиката што се случува во еден миг, овде и сега, како една бескрајна сегашност. Кога тече музиката во една секунда сакав да откријам што се случува во оркестарот или во инструментот, односно како е поставен вертикалниот звук во една композиција. Втората книга се движи во хоризонтала и во неа се обидувам да откријам како звукот се движи во времето. Нејзиниот наслов е „Џез хармонија и рехармонизација“, што подразбира одење напред во времето на самата композиција. Втората книга требаше да излезе минатата година во март, но пандемијата направи многу проблеми и целата работа остана за оваа година. Процесот околу нејзиното објавување го води мојот поранешен студент и колега, композиторот Мирослав Спасов. Јазичната редакција на книгата ја направивме заедно со композиторката Јана Андреевска, а во Англија се вклучи и редакторот Џејмс Шафлботом. Во очекување сум да се јави новиот издавач кој ќе ја објави книгата. Мислење на повеќе музичари е дека таква книга не може да се најде и дека ќе има своја функција. Јас и во првата книга најавив дека должам уште една книга во која ќе ги вкрстам гледиштата на проблемот.

Во текот на животот имавте среќа да соработувате со Драган Ѓаконовски Шпато. Неговата личност добива митски димензии и кај новите генерации. Каков човек и музичар беше тој?

– Шпато беше чудо. Дури сега како што одминува времето, сфаќам дека беше чудо. Сѐ уште не сум сретнал човек кој е способен да запостави сѐ за да се воодушеви на едно музичко дело. Тој беше во состојба целата плата да ја даде за нови плочи. Таков ентузијаст не сум сретнал досега. А околностите во кои живеел се страшни. Бил исфрлен од музичкото училиште затоа што свирел џез. А потоа сите сме учеле од него. Таков посветен музичар не сум сретнал после него. Важно е да се спомне дека за да живееш од музиката, некогаш треба да пишуваш и работи што не сакаш да ги слушаш, бидејќи тоа се бара на пазарот. Во денешно време ако една работа нема пазарна вредност, тогаш нема никаква вредност, што е сосема погрешно. И тоа не е од сега. И Бах бил сиромашен, но е величина што досега не е надмината. Ќе кажам и дека музиката е еден вид елитизам. Според некои истражувања од минатиот век, дури 40 проценти од населението на земјината топка нема музички слух и не чувствува што е музиката. Бетовен кажал дека за немузикално уво чукањето во канта и музиката се едно исто. Затоа мислам дека музиката е елитистичка уметност.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 86, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 26-27 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот