ИНТЕРВЈУ со Јадранка Мршиќ: Нема зголемување на пензиите, само се одржува нивната вредност

Јадранка Мршиќ/универзитетски професор/Фото: Приватна архива

Најавеното зголемување на пензиите е чин за ублажување на ерозијата на пензиите и е клучен елемент на правото на пензијата како право од социјално осигурување.

Во јавноста се доби погрешна перцепција за тоа колку ќе се зголемат пензиите откако во изминатиов период се зборуваше за рекордно зголемување на септемвриските пензии, а всушност станува збор за законско усогласување, со кое треба да се одржи вредноста на пензијата, вели во интервјуто за „Слободен печат“ универзитетската професорка Јадранка Мршиќ.

Објавениот процент на раст на пензиите од 6,8 проценти, веќе предизвика бурни реакции од пензионерите, кои велат дека не очекувале ваков процент за „рекордното зголемување на пензиите“. Незадоволство има и во однос на тоа што оние со мали пензии, ќе добијат многу помалку дополнителни пари од оние со високите.

Мршиќ беше вклучена во реформирањето на пензискиот систем, односно во неговото трансформирање во три столба – државен, задолжително приватен и доброволен пензиски столб. Таа е и поранешна генeрална директорка на КБ Прво пензиско друштво.

Фондот за ПИОМ објави дека септемвриските пензии се зголемуваат за 6,8 проценти. Во апсолутен износ, како што пресмета „Слободен печат“, ова се зголемувања од 699 до 4.099 денари. Со ова зголемување, повторно ќе имаме многу ниски пензии од приближно 11.000 денари. Праведно ли е вакво зголемување на пензиите со ист процент за сите?

– Најавеното зголемување на септемвриските пензии од ПИОМ е врз основа на нивно усогласување со порастот на трошоците на животот и на просечно исплатената плата, што е во согласност со последните измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Погрешно е толкувањето дека пензиите се „зголемуваат“, всушност се врши усогласување на нивната економска вредност што опаднала во претходниот период заради зголемување на цените и во однос на платите кои растеле во тој период. Од тие причини различен е апсолутниот износ на пораст на индивидуалните пензии затоа што целта на усогласувањето е да се одржи вредноста на пензијата што е утврдена при остварување на правото на пензија, а не таа да се зголеми. Со усогласувањето не се врши корекција на висината на стекнатата пензија која е утврдена врз основа на висината на платите што пензискиот осигуреник ги примил во текот на работењето.

На погрешното разбирање на ова усогласување со пензиите, право што е утврдено со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, влијаеја големиот број објави во медиумите за рекордното зголемување на септемвриските пензии, но и повремените зголемувања во еднаков апсолутен износ на сите пензии што беа практикувани во изминатите години.

Важно е градење свесност кај јавноста дека вака најавеното зголемување на пензиите не е резултат на волјата на власта ниту подарок за пензионерите, туку е законско право за да се надомести изгубената вредноста на пензиите поради порастот на цените во изминатиот период. Тоа е чин за ублажување на ерозијата на пензиите и е клучен елемент на правото на пензијата како право од социјално осигурување.

Од податоците на Фондот за ПИОМ може да се види и дека оние што оствариле право за пензија до 1996 година имаат повисока минимална пензија од оние по 2002 година. На што се должи тоа?

– Износот на пензија се утврдува според законската регулатива што важи во периодот на остварување на правото на пензија и по таа основа настануваат разлики во износот на пензиите на корисниците што тоа право го оствариле во различни временски периоди. Ова е особено забележливо кај корисниците на пензии со минимални износи на пензии, но и кај оние со максимален износ на пензии затоа што Законот посебно ги регулира  износите на минималните и максималните пензии.

Дали оние што доброволно се зачленија во вториот пензиски столб ќе одат со пониски пензии од оние што се само во државниот Фонд за ПИОМ и дали може да преминат само во него?

– Висината на нивната пензија ќе зависи од висината на платата и на придонесите што ги уплатувале во вториот столб, како и должината на времето на уплата и износот на капитализација на средствата на нивните сметки во фондовите од вториот столб. Затоа, ефектот на одлуката за доброволно зачленување во вториот столб е различен за секој од тие осигуреници и не може да се генерализира за сите. Со законската измена се овозможи група доброволни осигуреници во вториот столб, за кои се утврди дека остваруваат пониска пензија од пензијата што би ја оствариле ако останале во првиот столб поради краткиот период на капитализација на нивните придонеси во овој столб, да се вратат во првиот столб.

Како еден од творците учесниците во креирање на двостолбниот пензиски систем, дали сте задоволни од резултатите што ги постигнува системот или можеби е време за нова реформа?

– Пензискиот систем не функционира изолирано сам за себе и не постои идеално поставен систем. Тој е поврзан со состојбата во економијата, со пазарот на труд, со социјалните политики а на неговата состојба може да се влијае со менување на стапките на пензиски придонеси, услови за висина на пензија и за пензионирање. Затоа треба да се следи, да се испитува и да се менува за да се изврши усогласување на констатираните отстапувања на реалните економски и демографски податоци во однос на проектираните врз чија основа беше дизајниран реформираниот систем. Треба да се следат и ефектите врз пензиите во вториот столб и соодветно да се вршат законски измени за да се отстранат евентуалните негативните последици. Позитивно е што овие потреби беа разбрани и прифатени како неопходност, па во последните неколку години се вршат соодветни измени на системот од страна на надлежните институции.

Во иднина ќе се пресметуваат пониски пензии

Професорката Мршиќ во интервјуто открива дека е предвидено постепено намалување на „заменските стапки“ за членовите на првиот столб и за членовите на вториот столб за делот на пензијата што ќе ја добиваат од првиот столб. Ова значи дека на идните пензионери ќе им се пресметуваат помали пензии во однос на сегашната формула.

– Со тоа се намалуваат трошоците за пензии што е една од целите на реформата на пензискиот систем и воведувањето тристолбен пензиски систем. Потребата од мерки за финансиска консолидација на системот произлегува од значителните економски и демографски промени што претходно се идентификуваа, а се заоструваат во текот на овој век и кои влијаат врз намалување на приходите, а во исто време и врз зголемување на трошоците на пензискиот систем. Со инвестирање во доброволно пензиско осигурување, се остваруваат дополнителни приходи за пензионерските денови и се коригира ефектот од намалувањето на пензиите врз основа на првиот столб – вели Мршиќ.

Заменската стапка е законски одреден процент, со кој при остварувањето на правото на користење пензија, се утврдува висината на пензијата.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот