12 C
Скопје

Интервју со градоначалникот на Карпош | Богоев: Не ѝ се погодив на урбаната мафија!

До мене стигаат информации дека некои инвеститори се подготвени да направат сѐ што треба за да не бидам кандидат за градоначалник на следните избори, вели Богоев.

Еден од најперспективните градоначалници во земјава, Стефан Богоев, зборува за тоа што стигна да направи за граѓаните во изминативе три години како прв човек на Карпош, за урбанистичките планови што треба да се реализираат во иднина, за неговата евентуална кандидатура за втор градоначалнички мандат.

Оваа 2021 година е изборна година. Кои се приоритетите што планирате да ги сработите во Општина  Карпош во последниве месеци од Вашиот актуелен мандат?

 – Веќе го донесовме Буџетот за 2021 година. Тој е реален, сервисира долгови од минатото, но одвојуваме средства и за важни проекти. Приоритет и оваа година ни е заштитата на животната средина. Затоа со Град Скопје ќе го продолжиме паркот во должина на Кејот на Вардар (од спортско-качувачката карпа до бунарите на Лепенец). Планираме и 6 милиони денари за засадување дрвја, тревни површини и поставување системи за наводнување по населбите. Следуваат и субвенции за велосипеди, како и чистење диви депонии. Инсистирам да почне реконструкцијата на салата „Партизан“ и од директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски добив гаранција дека тендерот наскоро ќе биде распишан. Со поддршка на Светска банка ќе ги реконструира улиците „Париска“, „Иван Аговски“, „Мирка Гинова“, „Шекспирова“ и „Гиго Михајловски“, а ќе го обновиме и плочникот во Порта Влае. Со поддршка од Владата и Градот Скопје ќе почнат и покапиталните проекти: изградба на мост од ул. „Љубљанска“ (Карпош 4) преку Вардар до клучката кај Бардовци, како и кружен тек кај Криви Дол. Од средина на годината ќе почне и проектот  „Хумани патроли“, кој овозможува грижа за постари и изнемоштени лица во нивните домови, ќе ги поддржиме и младите со стипендии (за талентирани ученици и спортисти), а нема да ги заборавиме и лицата со попреченост. Сѐ на сѐ, ќе биде динамична година во која се предвидени проекти за сите генерации.

Урбанизмот е проблем што најмногу ги засега граѓаните. Кои ви се плановите во делот на урбанистичкиот развој на Карпош и што ќе сторите за конечно да се стави ред во овој сектор?

– Во изминативе три години навистина се трудиме да обезбедиме планска урбанизација за похумано живеење во Карпош. Со оглед на затекнатата ситуација и тоа како спречивме доуништување на урбаното јадро на Општината. Го заштитивме паркот на „Букурешка“ во Тафталиџе, трајно е заштитен делот околу салата „Партизан“ и самата сала, која свесно се оставаше да пропаѓа за да се задоволат интереси на урбаната мафија. Атрактивниот дел во должина на Кејот прераснува во спортско-рекреативна зона, спречивме ново урбанистичко злосторство во Тафталиџе 1 (околу ГУЦ), избришавме две маркички за згради од државно земјиште за да се остави простор за парковско зеленило и објект за државни институции… Денеска има драстична разлика и во носењето на деталните урбанистички планови. Анкетите и презентациите навистина се јавни, отворени и не се организираат на новогодишни празници, туку секој анкетен лист се разгледува и тој може да направи промена. Од почетокот на мандатот зборувам за планска и хумана урбанизација и ширење на Карпош кон периферијата. Веќе имаме донесено план за делот од касарната „Илинден“ за кој веќе постои интересирање. Имаме намера таму да ја насочиме урбанизацијата и тоа е единствениот начин да не се спречи развојот и да се заштити урбаното јадро, кое веќе е презаситено од градби.

Прочитајте и...  Ново рочиште за „организаторите на 27 април"
Стефан Богоев/ Фото: Општина Карпош

Дали во изминативе години имавте притисоци од градежните компании или можеби од своето поблиско политичко опкружување за „кат повеќе“ или за некоја друга отстапка при доделување градежни дозволи и при донесување ДУП?

 – Ако кажам дека немало притисоци, ќе излажам. Притисоци имало, има и, за жал, ќе има. До мене стигаат информации дека некои инвеститори се подготвени да направат сѐ што треба за да не бидам кандидат за градоначалник на следните избори. Затоа што не им се исполнети лични апетити и бизнис-интереси. Очигледно, како градоначалник, не ѝ се погодив на урбаната мафија. Сепак, Карпош не е општина која е раководена од урбаната мафија, туку од градоначалник и советници кои се избрани од граѓаните на непосредни избори. Карпош повеќе не е општина во која инвеститори влегуваат „како каубојци“ и нарачуваат ДУП-ови по свој терк. И мислам дека оваа порака ја испратив недвосмислено уште на почетокот на мандатот, но ја испраќам и сега, во последната година од него. Во ниту еден случај не било и нема да биде загрозено на некој правото да инвестира според она што е важечко, дозволиво и исправно. Нормално е некој да може да гради на сопствено градежно земјиште, но според закони, урбанистички документи и не загрозувајќи го квалитетот на животот на тие околу него. За жал, порано биле поставени други практики, но, како што кажав, тоа сега „не пали“! Изборите во 2017 година ги добив со нешто повеќе од 21.000 гласови. Во ниту еден момент не мислам да ја девалвирам граѓанската поддршка добиена во урбана општина каква што е Карпош само за да задоволам нечии интереси. И да, тие притисоци одземаат време, прават тешкотии при секојдневното работење, но мене совеста ми е чиста. Багаж од минатото не носам, а за постигнатото и за работата не одговарам пред неколкумина, туку пред сѐ кон граѓаните, кои гласале за мене, но и за тие што гласале за друг кандидат или не излегле на избори. Затоа што јас сум градоначалник на сите граѓани.

Прочитајте и...  ВИДЕО | Забавата поради која Неделковски и Пандов завршија во полиција

Некои здруженија на граѓани обвинија за нетранспарентност во работата на општинскиот совет и дека граѓаните не можат да следат што се случува на седниците. Толку ли е тешко во денешно време да се овозможи во живо пренесување на седниците?

 – Секој граѓанин или здружение може да ја следи онлајн седницата на Советот преку видеобим од општинските простории во УЗ „Кузман Јосифоски – Питу“. Во изминативе месеци се одржуваат по електронски пат и апсолутно дека има можност да се следат со присуство во општински простории, под посебни протоколи за заштита од вирусот. Емитувањето на седниците во живо значи и дополнителни средства и ресурси. Сепак, можеби е добра идеја да се направи унифицирано решение за сите општини, а зошто да не и канал каде што би се емитувале седниците од Совет (слично како тие од Собрание). Верувам дека ЗЕЛС може да иницира вакво нешто.

И годинава ги повикавте карпошани да учествуваат во креирањето на општинскиот буџет за 2021 година. Дали некои нивни предлози и идеи беа прифатени?

– Апсолутно дека дел од предлозите се прифаќаат. Преку анкетните прашалници имавме повеќе барања за реконструкција на плочникот во Порта Влае и реализацијата на овој проект започнува годинава. Оваа партиципативност на граѓаните ни помага да се фокусираме на главните проблеми и да ги рационализираме средствата.

Стефан Богоев/ Фото: Општина Карпош

Уште пред една година се спроведе анкета меѓу жителите на Карпош 1 и 2 за регулирање на паркирањето, но до денес нема никаква реализација.  Зошто се уште трае договарањето со „Градски паркинг“, каде е проблемот?

 – Спроведовме анкети за да утврдиме дали карпошани сакаат зонско паркирање или не. Во Карпош 1 и Карпош 2 доминантни се одговорите – да се воведе зонско паркирање. Сакам повторно да истакнам дека паркирањето останува да биде бесплатно за граѓаните резиденти до три нивни возила. А, сите што живеат во подалечните населби или во други општини би плаќале по 30 денари од час. Но, правилникот на ЈП „Градски паркинг“ опфаќа и повеќе бенефиции – пониски цени, месечни билети за почести гости и сл. Но, ќе се соочиме со други проблеми. Имено, во Карпош 1 главно се потесни, сервисни, улици, а зонското паркирање, исцртувањето места подразбира и ослободување на тротоарите од возила, со што значително ќе се намали капацитетот за паркирање во одредени населби (особено во Карпош 1 и кај „Млечен“). Затоа се подготвува нов предлог, кој ги зема предвид спецификите на микро ниво, по населби, со цел и резидентните граѓани да не се соочат со недостиг на паркинг места. Решението мора да биде функционално и одржливо на долг рок.

Од кои досегашни проекти сте најзадоволни? Има ли нешто што сакавте, но не успеавте да го реализирате?

Прочитајте и...  Џонсон за ефикасноста на вакцините на новите видови на ковид-19

– Најзадоволен сум од новиот спортско-рекреативен и зелен центар во Карпош 3, во дворот на основното училиште „Лазо Трповски“. Тука уредивме зона на 11.000 метри квадратни. Имаме ново зеленило, спортски терени, фитнес и детски дел. Заврши изградбата на Спортско-адреналинскиот парк со што добиваме  атрактивна зона, не само за младите. Реконструирана е градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе, а јавната хигиена ја подигнавме на повисоко ниво. Не успеавме да почнеме со изградба на реонските базени по основните училишта, поради административно-технички проблеми во Министерството за образование и наука. Се надевам дека оваа година ќе имаме напредок по ова прашање.

За месец-два неофицијално ќе почне изборната кампања. Вашето име се спомнува како сигурно за Карпош. Дали ќе „трчате“ за втор мандат?

– Некои мои колеги, познајници, па и пријатели веќе се сигурни дека ќе се кандидирам повторно, имајќи ги предвид секојдневните активности кои јас и општината ги преземаме. Но, тие што ме познаваат подобро знаат дека ниту јас ниту мојот тим работи кампањски. Впрочем, најуспешната кампања е секојдневната работа. Веројатно во Македонија, ако се забележи некаде или кај некој поинтензивна работа веднаш се претпоставува дека тоа е заради неговата следна функција. Можеби е чудно, можеби не, но ослободен сум од притисокот дали ќе се кандидирам за градоначалник на Карпош, дали ќе продолжам на некоја друга повисока, пониска позиција или слично. Да, одлуката ќе биде донесена и соопштена навремено. Знам дека ќе ја донесам лесно, затоа што и кога сум се кандидирал за пратеник и кога сум се кандидирал за градоначалник, зад мене стоел искрен тим од млади и од повозрасни граѓани, членови на СДСМ, на коалицијата, а не субјекти кон кои нешто треба да испорачам и да им бидам должен.

Нова атрактивна населба кај касарната „Илинден“

Според Деталниот урбанистички план, кај касарната „Илинден“ се предвидува изградба на станбени згради од приземје, пет ката и поткровје, со височина од 21 метар и со 168.000 квадратни метри бруто-површина за домување. Се планира и изградба на основно училиште и други деловни објекти – маркети, игротеки, аптеки и слично. Има маркички за потребите на Министерство за одбрана, но и простор предвиден за културни установи, за парковско зеленило, кое дополнително го облагородува изгледот на оваа населба во развој. Значи, се креира населба, која на вистински начин ги задоволува потребите на жителите и придонесува за повисок квалитет на живот. Општина Карпош и Градот Скопје се подготвени да пробијат и нова инфраструктура (улици, канализација и водоводна мрежа), за инвеститорите кои ќе вложат во овој дел од општината.

Поврзани вести

Средба на министерот Спасовски со чешкиот амбасадор Мирослав Томан

Слободен печат

До крајот на мај преку Ковакс ќе бидат испорачани околу 237 милиони вакцини во 142 земји

Слободен печат

Заев и Николовски во офанзива против корупцијата: Нема веќе чување предмети во фиоки, да не ни се случуваат „Панами и Белизиња“

Лука Андреев

Во Романија изречени затворски казни за поранешна министерка и ќерката на Басеску

Слободен печат

Мишел: Недвосмислена поддршка на ЕУ за суверенитетот на Украина

Слободен печат

Вакцинирани 2680 здравствени работници, над 118 илјади граѓани се пријавиле за вакцинација против ковид-19

Слободен печат

Остави Коментар