Интервју со Дарко Мојсиќ – македонски шеф со свој ресторан во Катар

Фото: Приватна архива

Дарко Мојсиќ неодамна отвори свој ресторан, „Балканска фабрика за храна“ (Balkan food factory), во Доха, Катар, каде што живее веќе 12 години. Пред тоа работел во неколку интернационални ресторани, создал семејство и со насобраното искуство се одлучил на овој храбар чекор, за кој вели: „Очекувам дека нашата балканска храна ќе биде добро прифатена во Катар“.

Неодамна во Доха, Катар, го отворивте својот прв ресторан „Balkan Food Factory“ и за тоа Ви упатувам честитки. Какво е чувството и какви се очекувањата?

– Најпрво би сакал да ви се заблагодарам за честитките и за интересот да го направиме ова интервју.
Чувството да си имаш нешто свое и да го работиш тоа што го сакаш е неописливо, особено ако се земе предвид дека ресторанот го отворам во друга земја, со многу различен начин на живеење. Важно е да нагласам дека ресторанот го отворам со двајца државјани на Македонија и еден од Босна и Херцеговина.
Што се однесува до очекувањата, тие секогаш мора да бидат позитивни за да се започне каков било бизнис. Познавајќи ја оваа држава во која живеам веќе 12 години, очекувам дека нашата балканска храна ќе биде добро прифатена.

Фото: Приватна архива

Кои балкански специјалитети се на менито на „Balkan Food Factory“?

– Се одлучивме за скара и пити, дел од нив македонски, а дел босански: ќебапчиња, неколку видови плескавици: обична, гурманска, шарска, селска и пилешка, потоа македонски и босански бурек, сирница, зелјаница, кромпируша, балканска пица, пастрмајлија со говедско и со пилешко месо, ајвар, шопска салата, а во план се и готвени јадења: сарма, полнети пиперки, тавче-гравче, мусака, турлитава. Од десертите тука се баклавата, урмашиците, туфахијата. Се надевам дека гостите ќе го прифатат ова мени, а времето ќе покаже кои јадења ќе бидат најпопуларни.

Фото: Приватна архива

Во Доха живеете веќе десетина години, каков беше професионалниот пат во текот на оваа деценија и какви искуства придонесоа за одлуката да отворите свој ресторан?

– Да, во Катар сум веќе 12 години, во кои успеав да работам во „Пол“ (Paul) (француски синџир на ресторани), „Леонтр“ (Leontre) (исто така француски ресторан), „Ла брускета“ (La Bruschetta) (италијански) и „Роџерс дајнер“ (Roger’s Diner) (американски), така што многу видов и научив, се здобив со нови искуства од мојата струка, но во последните четири години почнав да размислувам на кој начин би можел да отворам свој балкански ресторан во Катар.

Катар е муслиманска земја со стриктно шеријатско право, според кое алкохолот и свинското месо не смеат да се консумираат. Како го приспособивте менито на балканската кујна кон овие правила?

– Со оглед на тоа што Катар е муслиманска земја, и свинското и алкохолот се најстрого забранети за консумирање на јавни места, приспособувањето на моето мени беше малку потешко, но со неколку месеци испробување на поврзување зачини и меса, успеав 90 отсто да го доближам оној вкус на нашата позната балканска скара.

Фото: Приватна архива

Каква е традиционалната катарска кујна и има ли сличности со нашата?

– Традиционалната катарска или арапска храна е поедноставна и вклучува најпрво јагнешко, пилешко и месо од камила, кое е многу голем специјалитет што се подготвува во пустина. Бидејќи Катар излегува на Арапското Море или на Персискиот Залив, тука е секогаш и морската храна.
Според зачините што најмногу се користат, можам да кажам дека катарската кујна е на средина помеѓу медитеранската и индиската кујна, така што нема сличности со нашата кујна и нашите вкусови.

Минатата година, за време на СП во фудбал се зборуваше за лошиот однос на катарските работодавачи кон странските работници. Дали сте имале слично искуство?

– Во врска со односот на катарските работодавачи кон странските работници не можам да кажам многу, освен дека како ќе се поставиш со нив, така ќе врви и целата работа. Искрено, јас не сум се нашол во никаква незгодна ситуација и не сум имал проблем со нив.

Таму и се оженивте и создадовте семејство со Вашата сопруга од Филипини. Како се живее во Катар?

– Да, точно така. Тука ја запознав мојата сопруга која е Филипинка и тука се роди нашата прва ќерка, татина принцеза, Кјара. Стандардот во Катар е висок со оглед на тоа што се смета за една од најбогатите држави во светот. И јас и сопругата сме вработени, па со добар месечен економски план може добро да се живее.

Фото: Приватна архива

Има ли Македонци и дали познавате некој во Катар?

– Кога пристигнав во Катар во 2011 година, тука имаше околу 120 Македонци, според податоците од македонската амбасада.
Во моментов има околу 800-1.000 наши луѓе во Катар. Запознав многу наши луѓе за овие 12 години, некои доаѓаат, некои си заминуваат и секако имам некои многу добри пријатели.

Каков беше Вашиот професионален пат пред Катар и каква ѕвезда Ви го покажа патот кон оваа богата пустинска земја?

– По завршувањето на Средното угостителско училиште во Скопје, се запишав на Факултетот за туризам и угостителство, отсек гастрономија. Кога дипломирав, 3-4 години работев во некои од нашите домашни ресторани или, како што ние си ги нарекуваме – кафеани, а потоа ми се отвори можноста да заминам во Катар и си реков „зошто да не, ајде и ова да го пробам!“.

Фото: Приватна архива

Завршивте Средно угостителско училиште и Факултет за туризам во Македонија. Дали знаењата со кои се здобивте за време на школувањето беа добра појдовна основа за натамошниот професионален пат? Што беше најкорисното што го понесовте оттаму?

– Да, како што кажав, Средното угостителско го завршив во Скопје, а Факултетот за туризам и угостителство во Велес. Знаењето што го добивав низ моето школување за готвач, многу ми помогна со леснотија да совладам некои пречки што се појавија на патот за да стигнам до овде каде што сум сега. Најкорисните нешта што ги земав од моето школување се дисциплината, упорноста и креативноста.

Какви врски одржувате со Македонија? Имате ли можност и желба да доаѓате почесто?

– Секако, со мојата Македонија секогаш ќе имам многу силни врски, зашто таму се моите родители, роднини, пријатели. Го повлеков и мојот брат да дојде да ми помогне околу отворањето на ресторанот. Би сакал да можам да одам почесто во Македонија и ја користам секоја можност кога имам одмор да си дојдам дома за да бидам со своите. Како што велат старите, „само ДОМА си е ДОМА“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот