Интервју со архитектот Антонио Грујевски: Градовите мора да се зелени, позитивни и прогресивни

Антонио Грујевски / Фотографија: Приватна архива

Победник на конкурсот „Скопје на новата генерација“, што беше распишан во рамките на прославата на четвртиот роденден на „Јуроп хаус Скопје“, е младиот архитект Антонио Грујевски со проектот „Лотос за Неа: Одржлива оаза во Градскиот парк во Скопје“.

Конкурсот за архитектонски и урбанистички проекти „Скопје на новата генерација“ беше објавен со цел да се потсети на културното наследство што треба да се заштити и негува. Но, и да ги повика младите да погледнат во иднината и да ја претстават својата визија за поинклузивно, поразвиено и поодржливо Скопје.

Централната пошта во Скопје беше избрана како место за прикажување на овие визии, бидејќи претставува значајно национално наследство што го обликуваше постземјотресниот архитектонски идентитет на Скопје. Првото место на конкурсот го освои проектот „Лотус за неа: Одржлива оаза во Градскиот парк во Скопје“ на младиот архитект Антонио Грујевски.

Во просториите на „Јуроп хаус Скопје“ на 16 ноември се одржа и дебата насловена „Скопје на новата генерација: реобмислување на старите јадра и нивна поинаква намена во иднината“, на која учествуваа амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ; Бјорн Габриел, претставник на Европската инвестициска банка; проф. д-р Никос Чаусидис, историчар на уметност; Филип Јовановски од фестивалот „Акто“, архитект и визуелен уметник; и Антонио Грујевски, архитект и победник на конкурсот „Скопје на новата генерација“, а беше модерирана од новинарката Ана Зафирова.

Дебата „Скопје на новата генерација: реобмислување на старите јадра и нивна поинаква намена во иднината“ во „Јуроп хаус Скопје“

Со својот настап на дебатата Антонио Грујевски го пренесе гласот на младите архитекти, истакнувајќи дека диверзитетот на градот Скопје не е проблем, туку потребата од адаптирање на просторот на современиот начин на живот. Модерни, еколошки и инклузивни визии Грујевски понуди и со проектот со кој победи на конкурсот.

Со проектот „Лотос за Неа: Одржлива оаза во Градскиот парк во Скопје“ ја освоивте првата награда на конкурсот „Скопје на новата генерација“, распишан од „Јуроп хаус Скопје“. Со каква цел учествувавте на конкурсот?

– Целта беше да победам! Уште во самиот почеток на проектирањето, знаев дека решението што го имам замислено, ќе биде особено и уникатно за градот, една нова визија за поинклузивно, прогресивно и современо Скопје, за Скопје од иднината. Проектот е кулминација и спој на моето архитектонско и конзерваторско искуство, стекнато со многу работа и пожртвуваност низ пет различни држави во светот. Искрено, срцето и енергијата ја насочив кон овој труд и сигурен сум дека е најдобриот кој сум го креирал до сега во мојата кариера.

Победниците на натпреварот не беа познати до клучниот момент на прогласување во објектот на Централната пошта на 13 ноември, а картата за Скопје веќе ја имав купено еден ден по завршување на конкурсот на 23 октомври. Секако, по победата го искористив краткиот моментум на слава, за да внесам нова свежина и нови теми за дискусија во архитектонската и културна сцена кај нас, како и да ги придвижам процесите напред кон современите трендови во светот. На мислење сум дека во голем дел успеав, особено кај помладата генерација архитекти и креативци во државата.

Архитектот Антонио Грујевски со наградата од „Јуроп хаус Скопје“

Кои се основните карактеристики на Вашиот архитектонски проект?

– Проектот „Лотос за Неа“ претставува спој помеѓу минатото и иднината, комбинација на историјата со природата, еден визионерски пејзажен и реставраторски проект, чија цел е да го зајакне зеленото ткиво на Градскиот парк во Скопје, а притоа да им оддаде почит на жените архитектки и градителки, кои одиграа значајна улога во постземјотресно Скопје.

Проектот предвидува трансформација на клучната локација за младите во градот, просторот околу фонтаната „Лотосов цвет“, дело на архитект Мирјана Милановиќ-Волињец (1938 – 1982), односно негово враќање во оригиналниот изглед со помош на еколошки материјали и инклузивни методи на проектирање. Но, проектот оди и чекор подалеку. Предвидува еколошка реставрација на некогашното езерце околу фонтана, кое изобилувало со лотосов цвет во минатото и кое било инспирација за нејзиниот изглед. Со враќање на еколошкиот диверзитет на местото, ќе се креира и една еко-безбедносна бариера за заштита од вандалство на фонтаната во иднина.

Оригиналната просторна организација е надградена и проширена со нова современа содржина. Воведени се иновативни, зелени решенија, беспрекорно интегрирање на модерната технологија и природата, со цел да се создаде една хармонична и зелена оаза. Инкорпорирани се и обновливи извори на енергија, ефикасно управување со дождовните води и се нуди решение за заштита на пчелите во паркот. Проектот обезбедува одржлива иднина за граѓаните на Скопје и за генерациите кои допрва доаѓаат.

Проектот „Лотос за Неа“ предвидува трансформација на просторот околу фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк

Иако станува збор за конкурсен проект, од што би зависела неговата реализација во реалниот простор?

– Еве, ќе ви споделам еден настан – случка од церемонијата во зградата на Централната пошта. Амбасадорот Дејвид Гир задоцни на својот нареден состанок само од причина за да ги слушне сите презентации на младите архитекти победници, додека, пак, нашите присутни функционери и политичари ги снема во моментот по завршување на настанот. За жал, можам да констатирам дека во нашата држава невладините и меѓународните организации покажуваат поголем интерес и се поголеми поддржувачи на младите креативци и нивните квалитети, отколку самите политичари што ги гласаме.

Од 12 апликации овој проект едногласно е прогласен за победнички и тоа од врвни професионалци во архитектурата, професори од сите архитектонски факултети во државата. Готов, квалитетен продукт, добиен со поддршка на Европската Унија, на чесен и правичен конкурс. На крај и детално разработен во согласност со шесте цели од ЕУ – Таксономијата за зелена транзиција.

Проектот на Антонио Грујевски претставува спој помеѓу минатото и иднината, комбинација на историјата со природата

Скопје во 2028 година ќе ја носи титулата „Европски град на културата“. Апликацијата на градот поседува содржина за минатото, за периодот на модернaта и сегашноста, но нема доволно содржина за иднината. Мојот проект е токму тоа, проект за иднината на градот.

Изложбата на наградените проекти беше реализирана во руинираниот објект на Централната, односно „Пошта 1“ во Скопје. Каква визија за реновирање и заштита имате за тој објект?

– По пандемијата на ковид-19, поштата се покажа како една од најважните алатки во функционирањето на општеството. Дополнително, ако ги согледаме и новите навики кај луѓето, како интернет продажбата и нарачките, ги анализираме процесите околу „Амазон“, поштата ќе биде многу важна институција во глобалниот свет. Според мене, „Пошта 1“ треба да остане пошта во потполна смисла на функцијата, но, не во форма од минатиот век, туку во форма за 21 век.

Просторот мора да се адаптира за потребите на современиот живот. Да се воведат нови технологии за греење и ладење, за безбедност и функционалност. Да се овозможат пристапи за луѓето со тешкотии во движењето, да се дигитализира и роботизира услугата за граѓаните. Единствено нешто што треба да се врати во оригиналниот изглед се муралите на Борко Лазески. Тие се добро документирани, се знаат боите и техниките што авторот ги користел. Нема ништо чудно повторно да се исцртаат користејќи нови, прецизни инструменти. Идејата што е претставена со фреските е вечна и мора повторно да се пренесе на новата генерација.

Амбасадорот Дејвид Гир (во средина) внимателно ги слушаше презентациите на младите архитекти победници

Повеќе објекти изградени во бруталистички стил во Скопје во последниве години се „затскриваат“ со неокласични градби. Дали брутализмот е стил од кој треба да се „срамиме“?

– Како што во повеќе наврати споменав, времето брзо поминува. За еден месец влегуваме во 2024 година и веќе 10 години немаме скриено ниту една бруталистичка градба во државата. Сметам дека сите научија од грешките на тој процес и време е да се придвижиме напред кон современите трендови. Да се фокусираме на решавање на предизвиците, какви што се климатските промени, енергетската независност и загадувањето.

Од ниту еден архитектонски стил не треба да се срамиме. Стилскиот диверзитет е тој што ги прави градовите интересни и убави. Ако владее еден стилски израз кај градбите, ќе владее и потребата за еден унифициран изглед кај луѓето. Диверзитетот е од суштинско значење за ЕУ. Со поттикнување на инклузивноста, промовирање на различните перспективи и етнички идентитети, се збогатува културното, социјалното и економското ткиво на Унијата.

На што личи центарот на Скопје погледнат низ архитектонска призма?

– Мене не ме плаши толку многу централното градско подрачје, колку што ме плашат другите делови од градот. Просторот со неговата содржина, функција и изглед има огромно влијание врз човековата психа и напредок, а во моментов во Скопје имаме простори кои не само што го уназадуваат технолошкиот развој на градот, туку го уназадуваат, пред сé, човековиот развој. Просторот мора да се менува.

Конкурсот „Скопје на новата генерација“ беше повик до младите генерации да покажат какво Скопје сакаат да видат. Покрај наградениот проект, какво Скопје Вие би сакале да видите?

– На конкурсот земаа учество 24 млади архитекти. Сите предложија одлични решенија и идеи за градот. Морам да ги споменам и второнаградениот труд „Reimagining Colorwaves“, како и третонаградениот „SpineX“. Доволно е само да се реализираат овие проекти за Скопје да заличи како град од иднината, како град на новата генерација. Е, такво Скопје би сакал да видам!

Проектот е кулминација и спој на моето архитектонско и конзерваторско искуство, стекнато со многу работа и пожртвуваност низ пет различни држави во светот

Како лично влеговте во светот на архитектурата, каде дипломиравте, а каде планирате да ги реализирате своите визии и замисли?

– Мојата генерација израсна во еден многу комплициран период за нашата држава. Средношколските денови ги поминавме опкружени со теми за проектот „Скопје 2014“ и идентитетот, а факултетските со Шарената револуција и политичките кризи. Сигурен сум дека сите тие процеси имаа влијание врз мојот избор и пристап кон архитектурата.

Во моментов живеам и работам во Загреб, овде ги завршив и своите постдипломски студии. Можеби и генетската компонента, исто така, има некое влијание. Дел од моите предци во Хрватска биле ѕидари и занаетчии, а мојот дедо, архитект Борис Неделков имал многу важна улога во модернизацијата на градот Велес, за која ја добил 9-то Ноемвриската награда на градот. Јас навистина си ја сакам својата професија. Светот е отворен, а моите визии и замисли не се ограничени на територија.

Според Вас, како би требало да изгледаат градовите на иднината?

– Ниту еден архитект низ историјата на професијата кој се потрудил да ги предвиди градовите на иднината, не успеал во намерата. Јас не можам да ви кажам како би требало да изгледаат тие градови, но можам да ви кажам како би требало да изгледаат градовите од сегашноста. Градовите мора да се плански, еколошки и чисти. Отворени за сите жители и посетители, внатрешни или надворешни. Градовите мора да се дигитализирани и едноставни. Мора да се прилагодени за електричните автомобили, велосипеди и ромобили. Градовите мора да се зелени, позитивни и прогресивни.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 206, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот