ИНТЕРВЈУ | Проф. д-р Верица Данчевска: За значајни инфраструктурни проекти се одлучува спротивно на сообраќајната политика

img alt
Проф. д-р Верица Данчевска, продекан за настава на Технички факултет Битола

Факултетот често пати е консултуран за мислење за одредени измени на закони кои ја тангираат оваа проблематика, но не е редок случај и одлуките за одредени значајни инфраструктурни проекти да се донесат спротивно на принципите и начелата на сообраќајната политика, вели проф д-р Верица Данчевска.

При изградбата на автопатот Кичево – Охрид се појавиле одредени места каде растојанието меѓу автопатот што се гради и постојната железничка пруга е помало од 40 метри, како што сега предвидува Законот за патишта. Поради тоа, направени се предлог-измени на Законот, со кои ќе се овозможи во одредени случаи да има исклучок, односно помало растојание од 40 метри.

За ова значајно безбедносно прашање, како и воопшто за актуелната безбедносна состојба во сообраќајот, за вклучувањето на сообраќајните експерти во новите инфраструктурни решенија и за интересот на младите за ова занимање, разговаравме со  проф. д-р Верица Данчевска, продекан за настава на Технички факултет Битола

Што мислите за промена на растојанието од 40 метри меѓу автопат и железница, утврдено во сегашното законско решение?

Република Северна Македонија како земја аспирант за членство во Европска унија е потребно да го превземе и адаптира законодавството од ЕУ во нашата земја. Тоа е огромна работа и процес кој трае долго време и бара одредени промени. Низ нашата земја поминуваат два пан европски коридори: коридорот Исток – Запад број 8 и коридорот Север – Југ број 10. Овие правци во патниот сообраќај пожелно е да се на автопатско решение, но исто така нив треба да ги следат и правци на модерна железничка инфраструктура, што во нашата држава е делумно исполнето.

Што се однесува до промена на растојанието од 40 метри меѓу автопат и железница, тоа не би требало да се намалува од аспект на безбедност во сообраќајот. Меѓутоа, често пати заради условите на терен или пак заради некои други ограничувања неопходно е ова растојание да се намали. Во тој случај ваквото сообраќајно решение мора да биде обезбедено со соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, како и користење на современи транспортни решенија од информатичките технологии.

 Дали Факултетот се консултира за идејни проекти, или пак за иамени на закон, кога се прават значајни инфраструктурни прокети?

 Техничкиот факултет во Битола е високообразовна институција во Република Северна Македонија која едуцира студенти – инженери веќе 60 години. Во рамки на Техничкиот факултет – Битола постои Отсекот за сообраќај и транспорт кој исто така е најважниот во државата во едукацијата на сообраќајните инженери.

Факултетот често пати е консултуран за мислење за одредени измени на закони кои ја тангираат оваа проблематика, но не е редок случај и одлуките за одредени значајни инфраструктурни проекти да се донесат спротивно на принципите и начелата на сообраќајната политика.

Како ја оценувате безбедноста на патишта, има ли се уште критични точки на кои треба да се работи?

Безбедноста на патиштата во Република Северна Македонија е тема на која што треба уште многу да работиме. Во нашава земја се уште бројот на сообраќајни незгоди е многу голем – како и жртвите, повредените и материјалните штети. На патиштата постојат критични места кои се нарекуваат „црни точки“, односно локации каде почесто се случуваат сообраќајни незгоди.

Последнава година ипол имаме незначително намалување во бројот на сообраќајните незгоди како последица на ограничување во мобилноста на граѓаните заради состојбата на пандемијата предизвикана од Ковид -19.

Само со системски пристап од страна на сите фактори кои можат да придонесат во зголемување на безбедноста во сообраќајот можеме да почнеме да делуваме и да зборуваме за менаџирање во безбедноста на сообраќајот. Тука секако не треба да изостанат научните истражувања кај нас и искуствата од развиените земји.

Каков е интересот на младите за  звањето сообраќаен инженер и дали има работа за ова занимање?

– Во тек е пријавувањето на нови студенти на Технички факултет Битола и навистина очекуваме да се одржи постојниот интерес и секако да се зголеми бројот на студенти кои ќе покажат интерес за нашите студиски програми. Професијата „дипломиран сообраќаен инженер“ е примамлива, интересна и барана кај младите, заради секојдневното учество во сообраќајот било како возачи, пешаци, мотоциклисти, велосипедисти. Проблемите кои произлегуваат од мобилноста се секојдневни и истите може да се решаваат само со стручни кадри од сообраќајна струка.

Сообраќајните инженери имаат убави работни места во државниот и приватниот сектор во областа на сообраќајната политика и економика, сообраќајното проектирање, сообраќајното планирање, сообраќајно техничките вештачења на сообраќајни незгоди, автошколите, техничките прегледи, испитните центри. Секако се присутни и во Министерството за транспорт, Министерството за внатрешни работи, локалните самоуправи и.т.н.

Потребен е модерен железнички сообраќај, за да се намали патниот

– Железничкиот транспорт е од витално значење за секоја држава и железничката инфраструктура претставува „’рбет“ во сообраќајниот систем. Овој вид на превоз има можност за превоз на поголеми количини на стоки и патници, помалку негативни влијанија врз околината и истиот е поевтин превоз. Железничкиот сообраќај во нашата земја, за жал не го има заземено приматот во превозот на стоки и патници.

Потребни се големи вложувања во осовременување на сообраќајната инфраструктура и сообраќајната супраструктура, како би се подобрила сегашната ситуација. Само современ железнички сообраќај со модерни и удобни возови, со модернизирани колосеци, со зголемување на брзината на превоз и намалување на времето на патување, по достапни цени на превоз, како и со зголемена безбедност во железничкиот сообраќај, би овозможиле тој да стане стане атрактивен за широките народни маси. Ова секако се постигнува и со одредени субвенции и мерки на сообраќајната политика.

Само така би се намалил обемот на превоз на стока и патници во патниот сообраќај, а со тоа и негативните влијанија од истиот: сообраќајни заситувања и чекање во колони, намалување на загадувањето од сообраќајот, намалувањето на бучавата како и намалување на сообраќајните незгоди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот