ИНТЕРВЈУ: Дарко Саздов, МАПАС: Во приватните пензиски фондови има 2 милијарди евра, инвестиција на идните пензионери

Утре се одбележува Денот на пензиска свесност. Од МАПАС нагласуваат дека особено е важно младите навремено да се информираат за правата, за обврските и за придобивките на членовите на задолжителните и на доброволните пензиски фондови, веднаш по започнувањето на работниот однос.

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување редовно го префрла делот од пензискиот придонес кон задолжителните пензиски фондови и тоа секојдневно се проверува, тврди Дарко Саздов, член на Советот на експерти во Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) во интервју за „Слободен печат“ по повод 15 септември – Ден на пензиската свесност.
Образложувајќи ја новата распределба на парите од Буџетот, министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека 3,5 милијарди денари ќе се одвојат за зголемувањето на пензиите, како и дека ќе се дообезбедат 600 милиони денари за редовно сервисирање на обврските кон вториот пензиски столб, во кој се задолжителните приватни пензиски друштва: Сава пензиско друштво, КБ прв отворен пензиски фонд, Триглав отворен задолжителен пензиски фонд.

Актуелната стапка за пензиското и за инвалидското осигурување е 18,8 процени, така што 12,8 проценти од бруто-платата на секој осигуреник треба да остане во Фондот за ПИОМ, а 6 проценти да се префрлат во Вториот пензиски фонд. Во минатото, пак, имаше повеќе скандали во врска со „дупките“ што се наоѓаа при префрлањето на парите од Фондот за ПИОМ кон задолжителните приватни пензиски друштва, а и државните ревизори пронаоѓаа износи што место на нечија корисничка сметка, лежea нераспределени.

Како надзорна агенција на капитално финансирано пензиско осигурување, какви се Вашите сознанија, дали редовно се префрла делот од пензискиот придонес од државниот во приватните пензиски фондови?

– Агенцијата на дневна основа ги следи задолжителните и доброволните пензиски фондови и имаме секојдневна евиденција за сите побарувања. Во овој момент нема никакви поголеми побарувања кон Фондот за ПИОМ, освен оние редовните што на месечна основа се префрлаат така како што работодавачите ќе ги уплатат придонесите за претходниот месец. Како доаѓаат датотеките од Фондот за ПИОМ, така и побарувањата се затвораат. Целиот процес се одвива електронски. Фондот на ПИОМ генерира електронски датотеки за секој поединечен пензиски фонд, во зависност од тоа кој каде членува. Притоа, информациите одат и до МАПАС и до чуварот на имотот. Врз основа на тие датотеки, Фондот за ПИОМ има рок да уплати пари во рок од 5 дена. Од секој уплатен придонес од 18,8 проценти, 12,8 проценти задржува ПИОМ, а 6 проценти се внесуваат во електронските датотеки. Штом се генерира оваа датотека, веднаш се евидентира уплатата на индивидуална сметка и веднаш парите се инвестираат, во зависност од портфолиото на пензиското друштво.

Колку пари има во моментов во приватните пензиски друштва и дали се тие сигурни?

– Во трите задолжителни приватни пензиски друштва има околу 2 милијарди евра. Тоа се 15 проценти од бруто-домашниот производ и по банкарскиот сектор, ние сме втор по големина финансиски сектор во финансискиот систем на државата. Стабилноста на капиталното пензиско осигурување е неприкосновена. Тоа се пари на индивидуални сметки на корисниците и тоа е нивна инвестиција за во иднина.

Сепак, не беше така одамна кога во 2015 година изби скандалот дека во приватните пензиски друштва има неуплатени 13 милиони евра, пари на идни пензионери. И доцнењето на уплатите значи кусок пари за идните пензионери затоа што додека не се на сметка на пензиските друштва, тие не може да се инвестираат. Во 2019 година, пак, се објави дека за 12.000 корисници воопшто не биле префрлани пари и во просек државата секој од нив ги обесштети со по 6.500 евра. И ревизорските извештаи се полни со слични пропусти….

– Тие констатации беа нови и за Агенцијата. Од 2019 година имаме нова регулатива, а особено е важно е тоа што ако Фондот за ПИОМ има застои во префрлањата кон пензиските друштва, тогаш е задолжен да уплати посебен надоместок за секоја уплата на членот. Исто така, воспоставивме систем во кој пресметката не ја прави Фондот на ПИОМ, туку пензиското друштво според тоа колку се доцни, потоа се испраќа на проверка кај Агенцијата и се задолжува Фондот на ПИОМ да доплати за секој член на кој му е задоцнета уплатата.
Но, ваквите дополнителни уплати може да кажеме дека се инцидентни. Главно се од проектот „Македонија вработува“. Но, поучени од слабостите на овој проект, потоа субвенционирањата на придонесите се уплаќаа директно од Министерството за труд и социјална политика, а не преку работодавачите.
Тоа за што зборувате, во минатото се однесуваше на нераспределени пари на членови од вториот столб. Затоа, сакам да ја подигнам свеста на младите дека со првото вработување, штом ќе потпишат договор за вработување, да бидат свесни дека се членови во Втор пензиски фонд и да направат проверка каде се. Тоа што се случи, беше затоа што тие членови не беа евидентирани ниту во едно пензиско друштво. Но, сите беа обесштетени.

Кога може да се очекуваат првите пензионери што во целиот стаж биле во двата фонда? Првите што доброволно се зачленија во задолжителен приватен пензиски фонд и што отидоа во пензија, не поминаа добро. Излезе дека подобро им било само да бидат во државниот пензиски фонд. Да не излезе така и за тие што мораат да бидат и во приватен фонд?

– Ние како Агенција мора да веруваме од реформата што е воспоставена од Светската банка. Но, параметрите од 2002 година кога се правеше реформата беа поинакви – имаше поинакви стапки на пензискиот придонес и на заменските стапки со кои се утврдуваат пензиите. Системот почна со пензиски придонес од 21,2 проценти и со една третина од таа стапка за приватните пензиски друштва, односно со 7 проценти, а сега со помала стапка на пензиски придонес за нив се издвојуваат 6 проценти од бруто платата.
За да има подобра пензија, некој треба да биде подолго во вториот столб и тоа се покажа со оние што беа доброволно зачленети во вториот столб и кои замина во пензија. Затоа, потоа се овозможи кој сака да се врати само во првиот столб. Но сепак, сè уште има граѓани што сметаат дека подобро ќе им биде еден ден кога ќе се пензионираат ако дел од придонесот им оди и во доброволен пензиски фонд, иако не мора.
Ние гарантираме дека средствата се сигурни и дека капацитетите во четирите пензиски друштва од кои три се задолжителни, се силни – имаат силни управни одбори, советници за инвестирање, силни внатрешни ревизии…
Во пазарната економија ризикот е на индивидуалецот, кој побрзо се вработи, колку поголема плата има, толку поголема пензија ќе има во иднина.
Со цел стаж, со издвојување придонеси во Фондот на ПИОМ и во приватен пензиски фонд, првите вработени би требале да заминат во пензија по 2031 година, ако се задржи сегашната регулатива за пензионирање на 64 години. Тие ќе користат пензија од двата фонда, обединета во единствена исплата. Но, ќе имаат и избор за парите од Вториот столб – или ќе се земат преку програмирани повлекувања, или средствата ќе одат во осигурителните компании и таа ќе исплаќа ануитети.
При смрт или инвалидитет има можност сите средства да се вратат во Фондот за ПИОМ и потоа да се зема семејна или инвалидска пензија.
Ние имаме позитивен став во однос на исплатите на пензиите. Со текот на времето ќе има сè помалку пензионери што ќе примаат пензија само од државниот Фонд за ПИОМ, а сè повеќе кои ќе примаат од двата столба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот