ИНТЕРВЈУ | Бајага реагираше за разводот: Зарем немате некое поубаво прашање?

Фото: Инстаграм/Бајага

Музичарот лани беше во фокусот на вниманието во јавноста, откако потврди дека по 33 години брак се разведува од својата сопруга Емилија, со која се запознал во автобус и за чија љубов наголемо се пишуваше. Регионалните медиумите пишуваа дека Бајага има нова девојка и дека тоа е причината за разводот.

Момчило Бајагиќ – Бајага, еден од омилените пејачи на многу генерации, доаѓа во Скопје. Бајага на 9 декември ќе има голем концерт во СЦ „Јане Сандански“ и со своите „Инструктори“ го најави како голема журка со песни за сите генерации.

Во интервјуто за „Слободен печат“, Бајага ни открива дека не само што се радува што ќе пее пред македонската публика, туку се радува и што ќе седне во македонска кафеана.

„Тука кога доаѓам, освен што сакам да се напијам вино или ракија и да јадам од вашето познато тавче-гравче, искрено се радувам на охридската пастрмка“, ни открива во разговорот Бајага.


Музичарот лани беше во фокусот на вниманието во јавноста откако потврди дека по 33 години брак се разведува од својата сопруга Емилија, со која се запознал во автобус и за чија љубов наголемо се пишуваше. Регионалните медиумите пишуваа дека Бајага има нова девојка и дека тоа е причината за разводот.

На нашето прашање, во каков однос е со поранешната сопруга и како децата реагирале на разводот, Бајага кусо одговори: „Но, зарем немате некое поубаво прашање?“

За музиката, пак, муабетот одеше супер. „Бајага и инструктори“ слават речиси 40 години на музичката сцена и тоа е сериозна бројка да се настапува во континуитет.

„Иако сме малку помлади од ‘Ролинг стоунс’, и ние долго траеме на музичката сцена. Но, тоа е така затоа што јас ја сакам музиката, тоа е она што најмногу сакам да го работам и го работам искрено и од срце. Публиката ми возвраќа со љубов и со дополнителна енергија. Тоа ме прави среќен“, вели Бајага.

Фото: Инстаграм/Бајага

Во време на коронавирусот, Бајага веќе имаше еден концерт во Скопје, на стадионот на АРМ, исто во организација на „Авалон“, но тогаш беше многу интимно, а публиката мораше да држи дистанца и да ги запазува сите мерки. Овој пат ќе биде поинаку.

„Овој пат ќе биде супер. Нема да откријам со која песна ќе го отворам концертот, но ќе пееме без маски, правила и дистанци. Иако, морам да ви признаам дека и тој настап ми беше особено драг, како потсетник на едно време што го поминавме сите“, вели Момчило Бајагиќ.

Фото: Инстаграм/Бајага

Кога се песните во прашање, една од омилените на многу генерации е онаа „442 до Београда“. Во Македонија има еден мит, дека таа песна е за Скопје, бидејќи тоа е дистанцата во километри со Скопје до Белград. Но, вистината за песната е поинаква.

„Прво песната е напишана поради рима и тоа во времето кога не излегувавме од комбе, затоа што постојано бевме на настапи. Е, сега таа дистанца приближно во километри е од Белград и до Загреб и до Скопје и до Сараево. Ние во младоста фолиравме со бендот, па кој како ќе нѐ прашаше, велевме дека таа е песна за градот во кој пеевме. Но, сепак, има некоја поврзаност, па на крај и не е само рима во прашање“, вели Бајага.

Фото: Скриншот/Инстаграм

Да се биде еден од најпопуларните бендови во поранешна Југославија, се спомени за кои секогаш сака да зборува.

„Тоа беа времиња на добра музика. Се сеќавам дека кога го издадовме албумот ‘Са друге стране јастука’, не престанавме со настапи, секаде. Тоа беше општ хаос, каде и да се појавевме со бендот. Бевме млади, среќни… Па ние поминавме сѐ, и убави времиња, но и лоши времиња на санкции и војни, но, ете, сѐ уште траеме“, вели Бајага.

Зад себе има 50 концерти, но и покрај постојаното отсуство од дома, вели дека музиката не влијае врз неговиот приватен живот.„Имам една песна, ‘Ово је Балкан’ и сѐ сум кажал во неа. Но, без оглед на сѐ, Белград мене сѐ уште ме инспирира како музичар, сум напишал дури 11 песни за Белград“, вели Бајага за тоа како ја оценува музичката состојба на Балканот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот