Институциите ќе ги чуваат изборите од потенцијалните ризици

Дискусија за изборниот процес / фото: принтскрин МИА

Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Државната изборна комисија, Антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија и другите релевантни институции ги препознаваат ризиците и слабостите што можат да го нарушат кредибилитетот на претстојните избори, но со меѓусебна координација ќе се трудат тоа максимално да го спречат

Има ризици кои можат да се заканат на кредибилноста на претстојните претседателски и парламентарни избори, но серија од надлежни институции се во постојана координација за навреме да ги препознаат и спречат тие ризици, истакнаа денеска претставниците на Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Државната изборна комисија, Антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија и на други релевантни институции на панел дискусијата за техничките аспекти на изборниот процес што го организираше Институтот „Охрид“ со поддршка на владата на Швајцарија.

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека периодов на интензивни состаноци со сите институции се работи интензивно и фокусирано за да се обезбедат фер и демократски избори. Тој се заблагодари на ОБСЕ и ОДИХР, со чија поддршка е изготвен правилник за постапување на полициските службеници и се врши обука на полицајците за процесот, како што рече, да се издигне на културно и достоинствено ниво. Тошковски се заблагодари и на ДИК и претседателот Александар Даштевски затоа што навреме го запознале со проблемот дека над 100.000 граѓани немаат лични карти, а имаат стари пасоши, па со законски измени се овозможи и овие граѓани да го остварат правото на глас.

– Потребни ни се системски решенија, оти само така може да се има држава. Овие измени во Изборниот законик и во Законот за патни исправи не се системски решенија, но ги решаваат проблемите со документите за идентификација за овие избори. Ни треба многу работа, ангажман и дискусии, за да носиме системски решенија – рече Тошковски.

Тој рече дека ќе даде се од себе за да имаме фер избори, но истакна дека е загрижен дали Владата ќе даде се од себе.

– Загрижен сум, затоа што Владата се дрзна на еден крајно безобразен начин да ја лаже јавноста, граѓаните, нашите меѓународни партнери и мене како дел од таа влада. Сето она што го говорев на таа затворена седница не можам да го изнесам во јавноста заради одреден степен на безбедносна тајна за она што беше тогаш дискутирано. Но, факт е дека не ми беше овозможено да поставам началник на територијалната организациска единица на МВР за Тетово … Побарав смена на сите осум началници, за еден не ми беше дозволено, а не му беше дозволено и на дополнителниот министер да постави дополнителен начелник. Значи, овие како Влада не само на мене, туку и на дополнителниот министер не му дозволија промена во систематизацијата која ќе овозможеше јас и дополнителниот министер да поставиме началници кои требаше да гарантираат фер и демократски процес на територијата на Тетово Гостивар, Брвеница, Јегуновце итн. Притоа ми беше ветено правно образложение зошто Владата смета дека го немам тоа законско право, но не ми беше дадено – рече Тошковски.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски рече дека сите кривични пријави за нарушување на изборниот процес се третираат со приоритет.

– Слободните избори и владеењето на правото се основните сегменти на демократските општества, а одговорноста да ги штитиме овие принципи е огромна. Правото на слободно изразена избора волја на граѓаните е заштитено со цел корпус на закони и норми чија примена ја гарантира цела мрежа на институции и органи кои во тој процес се упатени на меѓусебна соработка и размена на информации. Од кривично-правен аспект кривичните дела против изборите и гласањето се опфатени со глава 16 од Кривичниот законик и тука влегуваат: спречување на избори и гласање, повреда на избирачко право, повреда на слобода на определување на избирачите, злоупотреба на избирачкото право, поткуп при избори и гласање, повреда на тајноста на гласањето, уништување на изборен материјал, изборна измама и злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања. Но, со текот на годините низ изборните циклуси се покажа дека освен вака структурираните кривични дела во текот на изборниот процес може да се случат и многу други кривични дела како насилство, притисоци, заплашувања и злоупотреби кои посредно може да влијаат врз текот на изборите. Затоа во текот на неколку циклуси нанзаад будноста на ЈО е зголемена – рече Коцевски.

Тој повтори дека и во пресрет на овие избори функционира Комисија за следење на сите изборни нерегуларности, која прима пријави по редовен и по електронски пат на izbori.jorm.mk, а во која членуваат републички обвинител, и претставници од четирите виши обвинителства и од ОЈО Скопје. На денот на изборите во обвинителствата во целата држава ќе се организираат вонредни дежурства.

– Позитивна страна е што се забележува одреден тренд на намалување на вкупниот број на пријави против изборите, споредено со претходните изборни циклуси. Ова укажува дека со проактивниот ангажман на ЈО е постигната одредена превентивна улога во одвраќање на потенцијалните сторители, кои, соочени со кривичниот прогон, поретко се впуштаат во кривични дела против изборите. Од друга страна, предизвик е справувањето со кривичните дела говор на омраза, поттикнати од вжештената предизборна реторика, но, и со обидите да се влијае на изборниот процес со злоупотреба на современите технологии и социјалните мрежи. ЈО апелира на воздржаност и разум на сите вклучени во процесот – рече Коцевски.

Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска истакна дека Антикорупциската комисија има значајна улога во процена на ризиците и спречувањето на корупцијата за време на избори.

– И во изминатите процеси ДКСК укажуваше на значајни системски слабости во Изборниот законик кои се однесуваат на повеќе аспекти, особено на рокот на уплата на донации, кој овозможува сите да уплатуваат донации до денот на затворање на трансакциските сметки, што овозможува уплата и по објавувањето на конечните резултати. А ова е ризик од коруптивни постапувања од страна на донаторите. Исто, со последните законски измени не е решено рекламирањето на учесниците во кампањата во електронските медиуми и портали, кои пак, земаат значаен дел, 25 отсто во масата пари. Ако претпоставиме дека 10 милиони евра ќе се за двата изборни процеси, тогаш два и пол милиони евра ќе се трансферираат на порталите, кои со ниту еден закон не се уредени како инструмент за рекламирање – рече Димитровска.

Таа рече дека Комисијата го следи користењето на службените возила за време на кампањата, но немаат можност да постапуваат.

– Од МВР обезбедивме податоци за 1.500 државни институции кои имаат обврска да ни достават податоци за службените возила, кои се државен имот. Тие институции имаат вкупно околу 20.000 службени возила. До ДКСК досега се доставени податоци од само 300 институции, што е малку. Имаме надлежност да поведеме прекршочна постапка за оние субјекти кои немаат доставено вакви податоци, но Изборниот законик не предвидува санкција, па не е овозможено да се спроведе законското решение – рече Димитровска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот