Хрватска ја погодија 39 земјотреси во изминатите 49 часа

Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

Хрватска вчера во 12:19 часот ја погоди силен земјотрес со епицентар, според сеизмолозите, на пет километри југозападно од Петриња на длабочина од 11,5 километри. Јачината на земјотресот била 6,2 степени според Рихтеровата скала, а интензитетот во епицентарот VIII-IX степени од скалата ЕМС.

Во периодот од 12:23 до 12:58 часот, се случија најголем број на последователни земјотреси, дури 10 – со магнитуди поголеми од три степени со епицентар близу Петриња и околината.

Разорниот земјотрес однесе најмалку седум лица. Тоа е бројка што е потврдена и не е исклучено подоцна да бидат откриени повеќе жртви, јавија хрватски медиуми. Најмалку шест лица се тешко повредени, а 20 полесно повредени, соопшти МВР на Хрватска.

Во Петриња, според извештаи на хрватските медиуми, нема објект што не е оштетен од земјотресот. Градоначалникот Даринко Думбовиќ утрово изјави да не се доаѓа неорганизирано во Петриња.

– Се надевам дека веќе нема луѓе под урнатините. Не носете градежен материјал сега. Ќе ни треба за неколку денови, изјави тој за ХРТ.

Градоначалникот на Глина, Стјепан Костањевиќ, денеска изјави дека утрово се тресе тлото во таа област, некои куќи се целосно урнати, а згрижени се оние граѓани кои немале покрив над главата.

– Има многу луѓе кои не сакаа да ги напуштат своите куќи и ја минаа ноќта во автомобили. Ние се погриживме за оние кои немаат покрив над главата, чии куќи беа урнати. Имаме 35-36 населени места погодени од земјотресот и треба да ги посетиме денеска, рече тој.

Тој посочи дека доаѓаат помош од сите страни и потребни се шатори.

Сеизмолозите на сеизмолошката служба на Република Хрватска утрово во 6:15 часот, во 6:26 часот и во 6:29 часот забележаа три силни земјотреси со епицентри недалеку од Петриња.

Интензитетот на земјотресите бил 4,7, 4,8 и 3,9 степени според Рихтеровата скала. Земјотресите утрово беа 38-ти и 39-ти што беа почувствувани во Хрватска во изминатите 49 часа.

Сеизмолошката служба регистрира земјотреси скоро секоја минута, а имаше најмалку 25 до 30 земјотреси посилни од три степени по Рихтер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот