Хоти тврди дека има поддршка од косовските партии за дијалогот со Србија

Продолжувањето на дијалогот, откако Хоти претходно во јуни годинава ги укина санкциите кон српскиот увоз, започна на 10 јули со видео конференција.

Косовскиот премиер Авдулах Хоти по денешниот состанок на Форумот на политички партии, изјави дека добил целосна поддршка од партиите учеснички на Форумот за водењето на процесот на дијалогот со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението од владината служба за информирање се наведува дека Хоти ги информирал учесниците на Форумот за досегашниот тек на процесот на преговори со Србија, кој продолжи месецов, откако во ноември 2018 година беше прекинат поради таксата од 100 отсто, што тогашниот косовски премиер Рамуш Харадинај ја воведе на увозот од Србија и Босна и  Херцеговина.

– Сите претставници на политичките партии во земјата кои чествуваа на овој форум му дадоа целосна поддршка на премиерот Хоти и на Владата на Република Косово за процесот на дијалогот со Србија, се вели во владиното соопштение.

На денешната седница на Форумот присуствуваа претставници на партиите на косовските Албанци од владината коалиција – Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Алијансата за иднината на Косово (ААК), Социјалдемократската иницијатива (Нисма) и Алијансата ново Косово (АКР), но немаше ниту еден од партиските лидери. Поканата за учество на состанокот ја одбија двете најголеми опозициски партии, Движењето самоопределување (ВВ) и Демократската партија на Косово (ПДК).

Продолжувањето на дијалогот, откако Хоти претходно во јуни годинава ги укина санкциите кон српскиот увоз, започна на 10 јули, со видео конференција на која учествуваа германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон, високиот претставник на Европската унија за надворешна политика Џозеп Борел, специјалниот посредник на ЕУ за дијалогот Приштина – Белград Мирослав Лајчак, ксоовскиот премиер Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ.

На 12 јули се одржа втората видео-конференција, со учество на Борел, Лајчак, Хоти и Вучиќ, додека првата директна средба на косовскиот премиер и српскиот претседател се одржа минатиот четврток, на 16 јули, во седиштето на Унијата во Брисел.

Хоти на денешниот состанок на Форумот на политичките партии нагласил дека дијалогот со Србија ќе биде транспарентен и Собранието на Косово, како и целата јавност ќе бидат запознаени со деталите од секоја средба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот