Ѓубрето покрај Маркова Река ги загадува водата и почвата, населението стравува од еколошка катастрофа

Фото: Фејсбук/Дејан Митески

Огромни купишта насобран кабаст отпад, азбестни ќерамиди, стара облека, стакло и пластика, стар мебел во распаѓање. Ова е сликата што може да се види на неколку локации во руралниот дел на Општина Аеродром.

Токму местата каде што голем број несовесни граѓани фрлаат отпад при расчистување на сопствените домови и подруми, честопати, особено во зимските месеци се спалува и притоа се создаваат облаци густ чад, кои дополнително го загадуваат воздухот во оваа скопска општина, која со години наназад е на мапата на најзагадени населени места во земјава.

Некои од најголемите диви депонии на кои со години наназад се складира секаков вид отпад се депонијата кај местото викано „Бановина“, што се наоѓа во непосредна близина на Усјанскиот канал, како и двата брега во должина на течението на Маркова Река во делот на оваа скопска општина. Огромни количества отпад секојдневно се расфрла и покрај пругата во Горно Лисиче односно на патот што го поврзува ова населено место со населбата Пинтија во Општина Кисела Вода.

Како резултат на тоа, во изминативе неколку дена на социјалните мрежи кулминираше револтот кај дел од граѓаните, кои објавуваа фотографии на кои јасно се гледаат купишта ѓубре покрај Маркова Река. Локалното население алармира дека токму поради отпадот, може да се случи еколошка катастрофа, бидејќи истиот придонесува и за загадување на водата од реката, која се користи за наводнување на градинарските култури од страна на земјоделците.

-За жал, коритото на Маркова Река во делот на Општина Аеродром е претворено во мега депонија, а водата е загадена, најверојатно од перење на песок и други минерални суровини, од сопствениците на сепарации во должина на течението на Маркова Река. Еколошка катастрофа најблаго речено е тоа што изминативе неколку години се случува со Маркова Река. По нејзиното течение се формирани огромен број на депонии, а и самото корито е преполно со отпад. Еколошка бомба му се заканува на Горно Лисиче и потребна е итна реакција – стои во една од објавите на социјалните мрежи.

Од Општина Аеродром, пак, излегоа со информација дека веќе започнале со расчистувањето на отпадот од коритото на Маркова Река, но и на насобраниот отпад на депонијата позната како „Бановина“. Од оваа скопска општина информираат и дека, деновиве работеле и на расчистувањето на насобраниот отпад околу стадионот во Горно Лисиче.

-Во тек е чистењето на депониите (Маркова Река и Бановина) во Горно Лисиче. Сечиј придонес е важен! Да ја зачуваме животната средина чиста! – истакна градоначалникот Златко Марин.

Сепак, околу тоа дали и кога ќе се чисти насобраниот отпад кој се наоѓа по патот што ги поврзува населените места Горно Лисиче и Аеродром, од Општина Аеродром не добивме конкретен одговор.

Од Општина Кисела Вода пак, истакнаа дека во наредниот период планираат да го расчистат овој дел, се со цел зачувување на природата и спречување на дополнително расфрлање секаков вид отпад што ја загадува природата.

-На дел од патот што е во надлежност на Општина Кисела Вода, Општината во текот на годината, еднаш месечно врши расчистување на дивите депонии, кои на повеќе места ги создаваат несовесни граѓани.  Последната седмица од овој месец, планирана е акција за расчистување на депониите на патот. Минатата година казнети се неколку лица за одлагање отпад на јавна површина – потенцираат од Општина Кисела Вода.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот