Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ го претстави романот „Суво мастило“ од Владимир Илиевски

Разговор со Владимир Илиевски во библиотеката „Браќа Миладиновци“

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје (ГБСК) продолжува со големата кампања „Читаме современи македонски автори“, во чии рамки книга за февруари е романот „Суво мастило“ од писателот Владимир Илиевски.

По тој повод на 6 февруари, во спомен-собата „Т’га за југ“, се одржа разговор со авторот што го модерираше книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото читаше актерот Андреј Серафимовски.

„Суво мастило“ е роман во кој авторот вешто ја користи историјата како моќна, објективна и вистинита книжевна подлога, а истовремено гради субјективен книжевен однос и перцепција кон таа вистинитост.

– Кога го открив податокот за пронаоѓачот на пенкалото, Едвард Пенкала, прво напишав расказ со него како главен лик, но потоа сфатив дека во неговата биографија има многу нарации и така почнав да истражувам за романот. Читав монографии, енциклопедии, историски книги, сведоштва, истражував мапи на Дрезден, наоѓав две точки во градот и ја премерував далечината помеѓу нив за да откријам дали и за колку време може да се помине со кочија. Потоа го создадов и ликот на Македонецот, најдобриот пријател на Пенкала, кој всушност е целосно измислен – објасни Владимир Илиевски, автор на „Суво мастило“.

Романот „Суво мастило“ е објавен во издание на „Македоника литера“

Владимир Илиевски (1970, Скопје) е прозаист, поет и книжевен теоретичар. Дипломира и магистрира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Романот „Суво мастило“ е издание на „Македоника литера“ и беше финалист за „Роман на годината“ во 2020 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 217, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.02.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот