Град Скопје уреди нов зелен плоштад во Аеродром

Зелен плоштад Аеродром, Фото: Град Скопје

Град Скопје целосно ја преуреди зелената запуштена површина од 2000 метри квадратни на крстосницата помеѓу булеварот Јане Сандански и улицата Владимир Комаров, во општина Аеродром, со цел граѓаните да можат со уживање да ги спроведуваат своите редовни секојдневни активности.

– Денеска сме на новата зелена површина на којашто Градот Скопје работеше изминативе неколку месеци. Станува збор за дел од проектот кој го работевме заедно со УНДП, а во кој беа вклучени луѓето коишто живеат во соседството и по основ на анкетите и нивните потреби го уредивме овој простор. Уредена е зелена површина од околу 2000 метри квадратни, ова е втората од четирите коишто ги започнавме есента. На овој простор во целост го обновивме зеленилото што беше запуштено, се сеќавате овде имаше стари трафики и не беа отстранети нивните темели и столбови. Засадивме 350 нови садници од кои 90 високо стеблести и остатокот околу 250 се ниско стеблести садници, изјави градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов.

Патеките во скверот се облагородени со дрвени елементи наменети за децата кои ќе го користат овој простор да можат да ги развиваат своите моторички способности. Исто така, има и патеки кои се наменети за родители со колички за мали деца и лица со посебни потреби.

На скверот се поставени 14 шаховски табли, стилизирана урбана опрема составена од клупи, корпи за џебен отпад и други придружни елементи, а целиот простор е со лед осветлување.

Просторот е осмислен на начин што целосно ги следи потребите и желбите на граѓаните кои живеат во овој дел од општина Аеродром, а особено е посветено внимание на тоа бетонските елементи да бидат сведени на минимум.

– Градот Скопје посветено работи на обезбедување функционална животна средина за граѓаните во Скопје, која ќе подразбира квалитетна инфраструктура со доволно зеленило, а локацијата за уредување е избрана од граѓаните како една од 7-те локации во Скопје идентификувани во рамките на Иницијативата на Скопје Лаб и УНДП која започна во 2018 година. Во самиот процес беа вклучени различни возрасни групи граѓани преку користење квалитативни и квантитативни методи за утврдување на потребите на граѓаните кои живеат во овој дел од населбата, додаде Шилегов.

Тој, исто така, најави фасади на зградите на Пелагонија и ЕСМ во центарот на градот и рече дека за скоро време ќе излезеле конкурсни решенија за двете.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот