Град Скопје: Аплицирајте за субвенции за чистење оџаци

Град Скопје ги потсетува граѓаните дека е во тек јавниот повик за доделување субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот.

Оваа година Град Скопје има предвидено два милиони денари за оваа мерка, или вкупно средства за доделување на околу 1660 субвенции.

– Со оваа мерка Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје. Изминатите години субвенцијата беше во износ најмногу до 1.000 денари, наведоа од Град Скопје.

Субвенциите важат и за исчистени оџаци од 1 јануари 2020 година, a Јавниот повик трае заклучно со 30 ноември 2020 година, и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен”, односно до реализирање на средствата предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за 2020 година.

Повеќе информации за јавниот повик можете да добиете на следната интернет врска – https://skopje.gov.mk/media/4997/javen-povik-cistenje-odzaci-2020.pdf .

– Целта на овој проект што Град Скопје го реализира континурано е намалување на загаденоста на амбиентниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците, истакнаа од Град Скопје.

Препорачливо е оџаците да се чистат три пати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот