Голферот Вудс одбил саудиска понуда од над 500 милиони долари

ЕPA-EFE/TANNEN MAURY

Американецот одбил вртоглава понуда од повеќе стотици милиони долари за да и се придружи на новата натпреварувачка серија „ЛИВ голф инвитејшенел“

Американскиот голфер Тајгер Вудс наводно одбил вртоглава понуда од повеќе стотици милиони долари за да и се придружи на новата натпреварувачка серија турнири во овој спорт наречена „ЛИВ голф инвитејшенел“, а поддржана од Саудиска Арабија. Ова го изјави Грег Норман, една од големите голферски легенди, а сега заштитно лице на новата серија натпревари.

Оваа серија треба да стартува в четврток во Центурион клубот не многу далеку од Лондон, а наградниот фонд е рекордни 25 милиони долари. Новата серија се труди да привлече што поголем број познати имиња од светот на голфот. Но Вудс (46), чие вкупно богатство се проценува на 1,6 милијарда долари, не подлегнал на искушението кое му го понудил Норман.

– Вудс одби понуда која е неверојатно висока. Ви зборувам за сума од девет цифри, во повисоките сфери – изјавил Австралиецот Норман.

Деветоцифрена сума е најмалку 100.000.000 долари, а повисоките сфери значи сигурно повеќе од 500 милиони долари.

Вудс неодамна се врати на натпреварите откако претходно закрепнуваше од сообраќајна несреќа, но, засега нема некој поголем успех, иако ги истакна амбициите да се натпреварува на најголемите турнири.

Организацијата ПГА, под чија капа се најголемите турнири во голф во светот, предупреди дека оние голфери кои ќе се придружат на новата саудиска серија, ќе добијат доживотна забрана за настапи на ПГА турнирите. И покрај тоа, на првиот ЛИВ-турнир ќе учествуваат некои многу познати имиња.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот