Големата игра во глобалното затоплување

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Шпекулациите се дека идејата за глобалното затоплување како процес предизвикан од човекот е да се предизвика глобално осиромашување преку воведување социјален кредитен систем идентичен или поригорозен од кинескиот, па сè до идеја за наводна глобална контрола и истребување за човечката раса.

Денес, иако има доста жешки теми што вреди да ги продискутираме, ќе се осврнеме на една стихијна борба што се распламтува и за која се токмиме да дискутираме веќе неколку месеци. Така што, драги мои, тоа нема да биде за невообичаениот итен повик на дел од земјите од Голфскиот Залив до своите граѓани да го напуштат Либан. Не, нема да зборуваме ни за еден интересен индикатор што е поврзан со генералниот контекст на важноста на логистиката и на синџирот за снабдување како клучен во стратешката игра и конфликт што потенцијално може да пламне (се надеваме дека нема).

Станува збор за енормното зголемување на вработувањата во секторот за наменска индустрија во Русија, особено во производство на одреден класичен арсенал оружје и муниција, како основа на кој почива нивната воена доктрина – масовноста. Нема да зборуваме за потенцијалната регионална војна во Нигер, особено по дипломатските искри и реакции, или за тоа дека „Вагнер“ слета во Нигер. Нема да зборуваме ниту за наводниот скандал што можеби ќе ја стресе, а можеби и нема, Европа за тоа како Грција е вмешана во „бајпасирање“ на санкциите кон Русија. Имено, викендов одекна напис, истражувачка сторија за тоа како наводно Путин има своја тајна морнарица. Станува збор за напис објавен во „Њу стејтмен“ (The New Stateman) во саботата, кој иронично ја отслика малата група бизнисмени како „морнарицата на Путин“. Според овој натпис, наводно грчки олигарси, преку територијалните води на Грција, му помагаат на Путин во ембаргото и со тоа создаваат сериозен вакуум во напорите на ЕУ преку економските мерки да ја еродира моќта на Русија или да ја врами, како дел од пакетот на т.н. мека моќ. Нема да зборуваме ниту за мошне негативните податоци и индикатори од официјалните документи на ООН кои одат спротивно на тврдењата за тоа дека Кина ќе стане џин или ќе предизвика бум. За дел од овие работи секако ќе стане збор во некој од наредните броеви бидејќи се приказни што нема така лесно да поминат, особено онаа за руските напори да се засили наменската индустрија или оние податоци што делуваат поразително за растот на Кина.

Денес ќе се осврнеме на тема што предизвика сериозни дебати, кои повеќе или помалку се кристализираат во два табора. Оние што тврдат дека ние луѓето преку нашите активности влијаеме врз животната средина толку негативно што предизвикуваме процес на глобално затоплување и од кое или поради што голем број природни катастрофи допрва ќе го тресат човештвото. Наспроти нив се појавува едно движење во кое има и научници што тврдат дека аргументите за нашиот удел во глобалното затоплување се неосновани и научно недокажани. Сепак, за волја на вистината, оваа не е толку нова дебата. Она што е ново, всушност, е дека има научници што не спорат дека глобалното затоплување е проблем, ама имаат малку поинаков став за причините (лоцирајќи ги во цикличните смени каде човекот има многу мало или речиси и да нема влијание) се и оние кои тврдат дека целата оваа приказна за глобалното затоплување е измислица за да се воспостави глобална контрола од глобалистите и од малкумина кои наводно сакаат да завладеат со светот.

Со оглед на тоа што ставот околу глобалното затоплување битно влијае врз рестриктивните политики околу црпење ресурси и енергенси и со тоа има ефект врз целиот социо-економски развој, па дури и политички развој до некаде сметаме дека оваа дебата вреди внимание. Последното во нашиот контекст – геостратегијата и големата трка – е од особено значење бидејќи дел од изворите каде се лиферуваат контра тезите на мејнстрим движењето за борба против глобалното затоплување преку рестриктивни политики, значи не сите, се извори во кои се зазема страна против либералната демократија и конкретно за заштита на одредени групи, како ЛГБТ-заедницата, против напорите Украина да истрае во борбата за зачувување на својот територијален интегритет и, конечно, извори што се против глобализацијата генерално.

Бидејќи има далеку постручни од нас во смисла на тоа да ги објаснат процесите за кои се тврди дека придонесуваат кон глобално затоплување како резултат на човековите дејства – консумеризам и потрага по енергија од фосилни горива пред сè (иако не е ексклузивно само тоа), во делот што следува ќе се осврнеме на контра тезите на овие ставови. Тоа никако не смее да се сфати дека алудираме дека контра тезите што ќе ги разгледаме се точни или не. Тоа значи дека сакаме да ги понудиме како дебата што потенцијално, во главните аргументи, се сели на тековната геостратегиска компетиција што метастазира по многу горливи прашања и од која зависат светските и националните политики или курсот во кој ќе се движат. За нас тоа е исто така битно, бидејќи откако решивме сè и откако нашата тешка индустрија и загадувањата што ги предизвикуваме со сомнителните отпади (за кои сите мудро молчат) дојдовме до таа фаза да воведеме наплата на ќеси – бога ти, како напредна демократија во етаблирана фаза. Нејсе! Ама политиките и одлуките во голем број држави се најверојатно одлучувачки и тоа за внатрешен план. Последното е поврзано со (не)подготвеноста да се премине целосно на обновливи извори на енергија во речиси сите сектори (што е супер како идеја, ама тешко во овој стадиум на развој дека можеме да си ја дозволиме). Тие напори, барем засега, имаат многу подлабок социо-економски ефект што ако се дисбалансира, ако не се менаџира правилно, може да има далекусежни каскадни последици, кои задираат во сржта на националната безбедност.

Оттука, сè погласни се идеите за тоа дека енергетската безбедност, всушност не смее да се гледа само во контекст на „осигурување на снабдувањето“, како што тоа го правеше до скоро ЕУ, туку и во контекст на заштита на критичната инфраструктура, но и на геополитиката. Ако не ни верувате, прашајте го премиерот на Велика Британија, чие столче може сериозно да се разниша по одлуката за давање дозволи за ископи на фосилни горива. Имено, според напис во „Гардијан“ од пред десетина дена со издавањето стотици нови лиценци за нафта и за гас, британскиот премиер Риши Сунак стана „опасен радикал“ кој се занимава со „морално и економско лудило“. Таквиот став, според „Гардијан“ не е само на „Just Stop Oil“, или на која било друга еколошка кампања, туку и на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Проблемот е што Сунак не е сам во приказната. Норвешка која сака да се дефилира како „еко-френдли“ земја и која има развиено голем број програми за јакнење на свеста и на напорите во оваа насока, сепак некако под тепих го стори истото во почетокот на оваа година. Имено,  норвешкото Министерство за нафта и енергетика во јануари годинава додели 47 нови „офшор лиценци“ за истражување нафта и гас на вкупно 25 нафтени компании. Дозволите се доделени како дел од годишниот  круг за истражување лиценци APA 2022. Муабетот не ни е да критикуваме, туку да посочиме дека енергетската безбедност има сериозни сегменти на геополитика и на национален интерес. Само за илустрација, овие мерки се донесени во ек на војната во Украина и ефектите што таа војна ги предизвика по енергетската безбедност или, да бидеме попрецизни, во стабилност во осигурување на снабдувањето. На линија се и смените што во ЕУ се случија во однос на роковите за трансформација кон производство на електрични возила и забрана на возила што користат необновливи извори на енергија за погон. Во оваа насока, дел од аргументите што се нижат против ставот за тоа дека глобалното затоплување е предизвикано од нас одат подалеку од само технички објаснувања или контра аргументи засновани на физика и хемија генерално (или заштита на животната средина).

Шпекулациите се дека идејата за глобалното затоплување како процес предизвикан од човекот е да се предизвика глобално осиромашување преку воведување социјален кредитен систем идентичен или поригорозен од кинескиот (кој, пак, еволуира до таму ако комуницирате со лица со низок кредитен скор ви се заканува и вам губење на социјални кредити па со тоа и бенефити од државата), па сè до идеја за наводна глобална контрола и истребување за човечката раса. Последните екстремни сфаќања, повторно ќе кажеме, имаат малку наука во нив и повеќе се засноваат на дезинформации и ширење глобален опортунизам против постојниот систем. Но, има и такви ставови кои тврдат дека се засноваат на наука, како на пример ставовите на геологот и професор Иан Плимер, според кого „политиката и напорите за т.н. нето нула политика нема да има никакво влијание врз климата“. Според него, тоа „ќе предизвика масовно осиромашување  на населението“. Некои, пак, тврдат дека „зголемениот волумен на CO2 во атмосферата е последица на затоплување на планетата, а не причина што го предизвикува затоплувањето. Досетливите компарации во овој контекст се дека на овој феномен можете да гледате како на количка влечена од коњи и да заклучите дека тоа е количката што го турка коњот, а не обратно.

Дополнително, авторите кои се опортунисти на генералниот став околу затоплувањето на планетата како резултат на човековите дејствија тврдат и дека зголемениот CO2 всушност влијае врз поттикнување на растот на растенијата и со тоа ја претвора планетата во плодна и зелена, а не лута и црвена. Иако за волја на вистината има покреативни начини за позеленување на планетата дебатата во контекст на нашиот интерес е од значење бидејќи оваа линија на опортунизам најверојатно ќе станува сè понагласена во големата трка и во националната безбедност. Ние со ќесите што ги плаќаме и ги полниме џебовите некому оти, нели, сè си решивме во тој дел, засега сме на сигурно. За натаму ќе видиме.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот