Голем тениски скандал: Романката Симона Халеп суспендирана поради допинг

Романската тенисерка Симона Халеп/фото: EPA-EFE/KIERAN GALVIN

Меѓународната агенција за тениски интегритет (ИТИА) објави дека Симона Халеп е суспендирана поради допинг. Романката е позитивна на тест направен за време на грен слем турнирот „УС Опен“ во Њујорк.

Според ИТИА, во нејзиниот примерок е пронајдена недозволената супстанца роксадустат. Тоа е лек против анемија, кој го зголемува ендогеното производство на еритропоетин и го стимулира производството на хемоглобин и црвени крвни зрнца.

31-годишната тенисерка моментно се наоѓа на деветтото место во светот, а најголем успех и е првото место, до кое стигна во октомври 2017 година. Во кариерата освои 24 титули, меѓу кои и два Грен слем (Ролан Гарос и Вимблдон) и од награди заработи над 40 милиони долари.

Откако ја дозна лошата вест, тенисерката се огласи и се обрати до јавноста и фановите.

– Денес започнува мојот најтежок меч во животот: борбата за вистината. Бев информирана дека сум позитивен на супстанцата наречена роксадустат во исклучително мала количина, што е најголемиот шок во мојот живот. Во текот на мојата кариера, идејата за изневерување никогаш не ми падна на ум бидејќи тоа е целосно против вредностите за кои ме учеа. Се најдов во ситуација која не е фер и се чувствувам целосно збунето и изневерено. Ќе се борам до крај да докажам дека никогаш свесно не сум земала забранети супстанци и верувам дека порано или подоцна вистината ќе излезе на виделина. Не се работи за титули и пари, туку за чест и љубовна приказна што ја развив за тенисот во последните 25 години – вели Халеп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот