Голем прилив на пациенти во грчките болници, мал одзив на приватните лекари

Фото: EPA-EFE/YANNIS KOLESIDIS

Речиси целосно се исполнети ковид капацитетите на Одделите за интензивна нега во областа Атика, поширокиот регион на Атина, со хоспитализирани над 2.000 пациенти, додека, пак, мал е бројот на приватни лекари кои се пријавиле да помогнат, јави дописничката на МИА од Атина.

Притисокот врз здравствениот систем секојдневно се зголемува, а денеска на полноќ истекува и повикот на министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас до приватните лекари за доброволно вклучување во борбата со ковид-19, бидејќи во спротивно ќе бидат мобилизирани.

Според грчката телевизија „Мега”, досега се пријавиле 55 доктори, додека Кикиљас во средата повика барем 200 пулмолози, општи лекари и сл.

Во онколошката клиника во Атина, потврдена е раширеност на коронавирусот кај 24 здравствени работници и девет пациенти, а директорот на медицинската служба во болница, Павлос Сароф за телевизијата „Опен” вели дека се вакцинирале само 55 отсто од лекарите и медицинските сестри.

Со одлука на министерот за здравство на Грција, за сите здравствени работници и вработени во болниците кои не се вакцинирани, задолжителен ќе биде рапид тест двапати неделно.

Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, во изминатите два дена има над 3.000 новозаразени, додека пак вчера, вкупно 645 пациенти беа приклучени на апарати, што претставува рекорден број.

Еден случај на мутација на ковид-19 што е комбинација на британскиот и јужноафриканскиот сој е регистриран во Грција, во областа Атика, поширокиот регион на Атина и според грчките медиуми, предизвикува загриженост кај епидемиолозите.

Комисијата на епидемиолози од Министерството за здравство на Грција денеска одржува состанок за актуелната ситуација со пандемијата во земјата, а не е исклучена можноста на Владата да ѝ препорача олабавување на мерките, како на пример намалување на полицискиот час, односно од 19 да почнува од 21 часот за викендите во деловите што се во темноцрвената зона, но и можноста од понеделник да се отворат фризерските и козметичките салони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот