Годо ќе дојде кон крајот на месецов

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Така, седиме и само чекаме, како Владимир и Естрагон од драмата на Бекет, да дојде некој нов Годо што ќе му даде каква било смисла на ваквото преживување во апсурдната ковид-пустелија.

Македонија ја фати нов бран корона, овој пат со поопасниот, британскиот сој на вирусот, кој се пренесува побрзо и полесно од вообичаениот, а кој не ги заобиколува ниту најмладите, ширејќи се во градинките и во училиштата. Болниците повторно почнаа да се полнат, луѓето се во потрага по слободен кревет за да добијат болничка нега. Се мобилизираат сите клиники во борбата против ковид-19, места во болниците нема, иако од Министерството за здравство не убедуваат во спротивното.

Лекови за разредување на крвта и натаму се бараат на социјалните мрежи, а министерот за здравство Венко Филипче нѐ убедува дека лековите ги има во аптеките. Граѓаните и натаму плаќаат големи пари – за да се тестираат на приватно, за крвни анализи, за лекување… Оние што страдаат од други болести се оставени, „одложени“, да чекаат во неизвесност дали ќе добијат термин на клиниките за преглед или, пак, термин за операција. Здравствените работници повторно не може глава да кренат. Бројот на новозаразени и на починати расте ли расте. Сликата, како и историјата, се повторува. Само, не како фарса, за жал.

А државата што прави? Ништо. Владата овој пат имаше време и тоа како да се подготви за новиот бран следејќи ги трендовите на ширење на вирусот во другите европски земји. Наместо да се преземат мерки со време, здравствените власти во Македонија пред една недела одлучија да воведат некаков полициски час, мерка на која тешко може да и се одреди смислата на постоење, освен колку за да се рече дека нешто се презело. Залудни се повиците на дел од градоначалниците од внатрешноста за заострување на мерките. Тие сега се оставени сами на себе да се справуваат како знаат и умеат со вирусот, исто како што едно време беше оставен градоначалникот на Куманово.

Наместо да ги засукаат ракавите, надлежните и натаму за ваквата состојба ги обвинуваат граѓаните. Луѓето многу шетале и седеле по кафеани, не ги почитувале протоколите за заштита, не држеле дистанца и слично. Е, па, немаат сите пари за да одат во Дубаи или во Мексико за да се опуштат за момент и да излезат од прангите на пандемијата, која цела година нѐ затвори дома, ни постави секакви ограничувања, нѐ остави без работа и егзистенција, ни влеа страв и психички нѐ ослабна.

А да не зборуваме за тоа дека вакцини сѐ уште нема. Олку дози нарачани, онолку дози само што не стигнале, се изнаслушавме цифри и термини и на крајот ништо. Да не беше донацијата од Србија, немаше ниту здравствените работници да ги вакцинираме. Сѐ уште ги чекаме долгонајавуваните вакцини од КОВАКС, за кои е неизвесно кога ќе ги добиеме. Имало услови што треба да се исполнат. Којзнае кога и дали воопшто ќе ги исполниме некогаш. Ги чекаме и вакцините од Кина, за кои се појавија информации и обвинувања дека имало обид да се набават на сомнителен начин, но колку има вистина во сето тоа ќе покаже времето, или судот.

Така, седиме и само чекаме, како Владимир и Естрагон од драмата на Бекет, да дојде некој нов Годо што ќе му даде каква било смисла на ваквото преживување во апсурдната ковид-пустелија. Мнозинството се надева дека државата од некаде конечно ќе донесе вакцини, властите дека ќе им ги испорача „солидарната“ ЕУ, малцинството дека вирусот, кај и да е, ќе го снема… Главно, сите чекаме и се надеваме  – надежта, нели, последна умира – дека некако ќе се спасиме од корона-кризата, ама не како бројка во секојдневните црни статистики.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот