Гоце Делчев нема да не раздвојува, ќе најдеме решение прифатливо за сите

Зоран Заев / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Низ отворен процес на соработка покажавме дека можеме да ги надминеме спорните прашања од минатото и да се сплотиме околу она што е заедничко за иднината на двете држави, а тоа е засилена соработка, партнерство и заемна доверба, изјави премиерот Зоран Заев.

Македонија, според официјалните изјави, ја има поддршката од земјите-членки на ЕУ до крајот на годината да ги почне преговорите за членство, а наскоро ќе стане појасно и дали соседна Бугарија навистина може да го успори процесот, бидејќи се очекува усвојувањето на преговарачката рамка за нашата земја. Од денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи во Брисел ќе го претставува европското досие на Македонија и ќе може подиректно да испита каква поддршка има меморандумот на Бугарија меѓу највисоките претставници на ЕУ. Ставот на државниот врв е дека досега Бугарија официјално не побарала одложување на првата меѓувладина конференција, а од МНР очекуваат дека нема да го промени ставот и ќе го поддржи почетокот на преговорите.

Заев не очекува кочница од Бугарија

Премиерот Зоран Заев очекува спорните прашања со Бугарија, особено она за идентитетот на Гоце Делчев да бидат надминати. Тој потенцира дека односите со Бугарија се темелат на Договорот за добрососедство и соработка, кој е добра појдовна точка за затворање на сите отворени прашања.

– Убеден сум дека постои добра шанса, за секое отворено прашање, па и во однос на Гоце Делчев, да најдеме решиме на начин на кој и двете страни ќе бидат задоволни. Низ отворен процес на соработка покажавме дека можеме да ги надминеме спорните прашања од минатото и да се сплотиме околу она што е заедничко за иднината на двете држави, а тоа е засилена соработка, партнерство и заемна доверба. Делчев не може да не двои, Делчев дејствувал за напредни идеи кои поврзуваат – вели Заев во интервју за „Локално“.

Тој е уверен дека во чест на Делчев и на неговите големи идеи и дела и македонскиот и бугарскиот народ и двете држави ќе го следат„ патот кој води напред, а кој веќе е јасно исцртан и со Договорот и низ евроатлантските процеси.“

И според претседателот Стево Пендаровски треба да се најде компромис со Бугарија во врска со Гоце Делчев кој нема да ги наруши националните и државните интереси. По средбата со словенечкиот колега Борут Пахор, од кој доби недвосмислена поддршка преговорите со ЕУ да почнат веднаш и без одлагање, тој најави дека ќе отвори комуникациски канал со Софија и не сакаше да ги коментира почетните позиции на Бугарија, додека не заврши преговарачкиот процес кој моментно се одвива во ЕУ околу усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија. Минатата недела, пак, во своето обраќање на Генералното собрание на ОН, шефот на македонската држава порача дека регионот се уште се соочува со нерешени политички и историски спорови што имаат потенцијал да не вратат во деведесетите години на минатиот век и дека решението за овие проблеми лежи само во надминување на историските митови, а не во идеологиите од 19-от век за етничка и верска доминација.

Комисијата решена да го „реши“ Делчев

Додека политичарите најавуваат компромис, историчарите од двете страни предупредуваат дека во науката компромиси не се прават. Според бугарскиот претседавач со Мешовитата комисија за историски прашања Ангел Димитров се додека не се реши прашањето за Гоце Делчев, комисијата нема да премине на решавање на друго прашање, а самиот Делчев си го определил идентитетот. Новата средба на Комисијата треба да се  одржи кон средината на октомври во Скопје.

– Кога еден човек, една значајна историска личност како Гоце Делчев искажал јасно што е, не е историски коректно со задоцнет датум да се расправа и да бараме некакво објаснување на неговите зборови.

Според него, објаснувачкиот меморандумот на Софија до Брисел воопшто не го негира македонскиот национален идентитет.

– Разликата во односот кон идентитетот е во фазите во кој тој се формира. После 1944 никој не го оспорува тоа што се случило во Вардарска Македонија, она што сега го претставува Република Северна Македонија. Но, подалеку во минатото тоа е веќе спорно прашање, и тоа, секако, не е некоректно од гледна точка и на меморандумот и на бугарската историска наука и на работата на Комисијата. Вистината е дека се создадени специфични услови во услови на една тоталитарна држава во кои се моделирала една нова свест. Тоа е многу сложена тема – вели тој.

Според историчарот Тодор Чепреганов, историските настани и личности не се работа на политичарите и на комисиите, а тие со изјавите и ја диктираат работата.

– Апсурдно е во една личност да има два револуционера и за што тој се борел. Како бугарски револуционер би требало да се бори за Санстефанска Бугарија без Македонци во неа, а како македонски тој се борел за автономна Македонија со признаени Македонци – вели Чепреганов.

Досега мешовитата комисија со Бугарија одржа девет средби, а постигна договор за шест историски личности. Остануваат прашањето за Гоце Делчев, за Илинденското востание како и прашања од средниот век.

Османи во офанзива во Брисел

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска и утре во Брисел ќе се сретне со високи претставници на европските институции каде, спред најавите од МНР „ќе го претстави европското досие на Македонија“. Фокусот на Османи е до крајот на оваа година, за време на германското претседателство со Советот на ЕУ да биде усвоена преговарачката рамка и да се оджи првата меѓувладина конференција межу Македонија и Европската комисија со која традиционално почнуваат преговорите за членство.

Министерот Османи ќе ги претстави приоритетите на својата мандатна мисија, со посебен осврт кон добрососедските односи и придонесот кон регионот, при ште ќе ги реафирмира: силната проевропска програма на новата влада, продолжување на реформските процеси со ЕУ предзнак, особено во делот на владеење на правото, како и социо-економските мерки за справување со последиците од пандемијата“, соопшти МНР.

Османи ќе се сретне со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на ЕК Жозеп Борељ, со потпретседателката на ЕК задолжена за демократија и демографија Дубравка Шуица, со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеи, како и со потпретседателката на Европскиот парламент, Клара Добрев, копретседавачот со Заедничкиот парламентарен комитет помеѓу ЕУ и Маледонија, Андреас Шидер, известителот за Македонија Илхан Кјучук, како и со посебен претставник на ЕУ за Западниот Балкан и дијалогот Белград – Приштина,  Мирослав Лајчак.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот