Георгиевски: Срамно – одлуката за ваучери цели да го понижи мојот олимписки успех!

георгиевски
фото: facebook/Dejan Georgievski

Агенцијата за млади и спорт (АМС) ги објави добитниците на ваучерите за спортските федерации, клубовите и спортистите.

По тој повод, се огласи и олимпискиот вицешампион од Токио, македонскиот таеквондистот Дејан Георгиевски (кој доби ваучер во износ од 350.000 ден.)

Тој преку социјалните мрежи уште еднаш ја изрази желбата повторно да ја израдува нашата земја со нов медал на следната Олимпијада за три години во Париз, но и воедно не може да разбере како било кој друг спортист во овој момент може да има поголема финансиска добивка со спортски ваучер од неговиот успех.

Целосната листа на активни спортисти кои добија ваучери можете да ја погледнете ТУКА

Фото: Принтскрин/Агенција за млади и спорт

– Почитувани драги пријатели, Фала му на Господ тренирам како никогаш до сега, живеам за моментот кога повторно ќе ја израдувам Македонија, роднините, пријателите, целиот народ! Тренерите, клубските другари сите сме фокусирани на Париз, ние сме одлучни, Господ ќе реши.

Овој пат сакам да се обратам токму на мојот народ, на новинарите, на сите оние кои се радуваа заедно со мене кога стигнавме до историскиот сребрен медал, се обраќам до сите оние кои конечно по долгиот олимписки мрак видоа светлина за македонскиот олимписки спорт, до сите што се почуствуваа горди и исполнети, до сите оние кои кога го видоа македонското знаме на олимпискиот трон се почуствуваа македонски!

Очекувано бев прогласен за најдобар спортист во 2021 година, но ни малку не очекувано денес дознав дека спортските ваучери кои ги доделува АМС т.е вчерашната одлука за ваучери се надевам не свесно цели да го понижи мојот НАШИОТ олимписки успех, мојот олимписки сребрен медал, прв во историјата на независна Македонија.

Георгиевски го оствари најголемиот успех на ОИ од осамостојувањето на Македонија/ фото: EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Никогаш нема да си дозволам да нападнам било чив спортски успех, најпрво затоа што така ме воспитале моите тренери, а потоа затоа што многу добро знам што значи спортскиот витешки мегдан, без разлика за кој спорт станува збор.

Но, никако не можам да разберам како било кој друг спортист во овој момент може да има поголема финансиска добивка со спортски ваучер од мојот успех, никој здраворазумен во нашата држава нема да најде здрава логика во ова што беше направено вчера од страна на комисијата за доделување ваучери при АМС. Срамно!
Не сакам ни да помислам дека станува збор за намерно и свесно напаѓање на сребрениот олимписки медал, уште помалку не сакам да помислам дека во сето ова е вмешана политика или нешто слично.

Само сакам уште денеска оваа неправда да биде решена, ова го барам исклучително од принципиелни причини, барам за да го одбранам со крв донесениот историски сребрен медал од Токио, барам јас Дејан Георгиевски олимпискиот сребрен медалист, но сакам заедно со мене да побарате и СИТЕ ВИЕ затоа што овој успех, овој олимписки медал, овој остварен олимписки сон ни припаѓа на СИТЕ НАС, и никој, апсолутно никој нема право да фрли сенка на истиот.
Од принцип сега за сега не сакам да навлезам и да посочам на јавноста низ какви премрежија од институциите поминував пред да го освојам олимпискиот медал, веројатно ќе дојде момент и за тоа.

Почитувани,
Никогаш парите не ми биле мотив, мотивот ми е Македонија! Одиме во Париз, одиме по ЗЛАТО! – стои во објавата на Георгиевски на Фејсбук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот