Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Вафли со карамел

Фото: Приватна архива

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за вистински деликатес – вафли со карамел.

Фото: Приватна архива

– Овие вафли се бисквитни и крцкави, внатре со тенок слој карамел, кој го надополнува прекрасниот вкус. Пробав во тостер за вафли, но вафлите не може да се сечат за да се филуваат, најубаво ми излегоа кога ги печев на класичен тостер – порачува Бобе.

Фото: Приватна архива

Состојки за тесто:

• 2 јајца
• 170 г шеќер
• 110 г путер
• 2 лажици сув квасец
• 100 мл топла вода
• 430 г брашно
• лажица цимет
• прстофат сол

Фото: Приватна архива

Карамел:

• 150 г кафеав шеќер
• 80 г путер
• 350 мл слатка павлака
• лажица цимет
• ванилин шеќер

Подготовка:

Карамел:

Прво се подготвува карамелот за да се излади на собна температура.

Во тенџере се сипува шеќерот и на тивок оган се остава да зарумени, да се карамелизира, па се додава путерот, се меша се заедно и постепено се додава слатката павлака со постојано мешање. Првиот контакт на слатката павлака го здрвува карамелот, затоа првин се додава малку и се чека да се растопи и да стане течна смеса, потоа се додаваат циметот и ванилата, па постепено се додава останатата слатката павлака. Кога ќе се сврзе целата смеса, се тргнува од оган и се остава на собна температура да се излади и да се згусне карамелот.

Фото: Приватна архива

Тесто:

Во длабок сад се матат јајцата и шеќерот, потоа им се додава омекнатиот путер, па брашното претходно помешано со квасец и цимет, прстофат сол и постепено додека се меси со раце, се додава водата. Тестото се формира во топка, се обвиткува со растеглива фолија и се остава во фрижидер 30 минути.

Од изладеното тесто се прават топчиња од 30 грама, за да бидат сите исти и се печат во загреан тостер, додека не добијат убава боја. Кога се вадат од тостерот, додека се сè уште топли, се сечат на половина по должина и се филуваат. На едната половина во средина се става една мала лажичка карамел, што од топлината се растопува насекаде, па се преклопува веднаш со другата половина и се оставаат да се изладат и да се здрват.

На здравје!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот