Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Мафини, меки како памук

Фото: Приватна архива

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес – мафини.

– Овие мафини се сунѓерести, меки како памук и многу вкусни. По овој рецепт подготвувам и овошни мафини со сезонско овошје, но овие ги подготвив со домашен џем од јагоди. Рецептов е за подготовка на 24 мафини – порачува Бобе.

Фото: Приватна архива

Потребни состојки:

– 4 јајца
– 250 грама шеќер
– 300 грама брашно
– прашок за печиво
– ванилин шеќер
– 200 мл јогурт
– 50 мл масло
– 100 грама чоколадни топчиња
– џем од јагоди/ овошје
– шеќер во прав за посипување

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Јајцата, шеќерот и ванилиниот шеќер се матат со миксер додека не станат пенливи. Мешајте додека шеќерот не се раствори и убаво не се измеша. Се додаваат јогуртот и маслото. Намалете ја брзината на миксерот на минимум. Постепено, лажица по лажица, додавајте го просеаното брашно измешано со прашокот за печиво и продолжете да матите уште малку додека смесата не се соедини и грутките не исчезнат. На крај се додаваат чоколадните топчиња (и овошјето).

Во намастени модли за мафини се сипува смесата и се печат петнаесет минути на 220 степени, малку да заруменат.

Се вадат од модлите и се редат во хартиени модли, а кога ќе се изладат, во средина се прави длабнатинка и во неа се полнат со џем. Потоа, мафините се посипуваат со шеќер во прав.

На здравје сладење!

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот