Францускиот предлог алатка за малтретирање на Македонија

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Европската интеграција веќе не служи да се трансформира и да се стабилизира соседството на ЕУ, туку стана механизам за потчинување на помалите земји и нивна дестабилизација – вели полската политичка аналитичарка Марта Спала.

Втора недела по добивањето на „непристојниот“ европски предлог за македонските преговори со ЕУ, не стивнуваат ниту протестите ниту критиките ниту пак повиците од европските политичари „да се зграби шансата“ и Македонија конечно да ги почне преговорите со Унијата. Додека Владата чека пратениците во Собранието да ѝ дадат насоки како да постапува поматаму, на скопските улици граѓаните и натаму протестираат, со поддршка на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица, со барање да се одбие предлог-преговарачката рамка како нечесна, неизбалансирана и уценувачка за Македонија. Од друга страна, владејачките СДСМ и ДУИ прават пат за прифаќање на европскиот предлог, а Централниот одбор на СДСМ завчеравечер едногласно одлучи дека европскиот предлог е прифатлив за нив.

Морален колапс на европската идеја

Експертката од Полска за евроинтеграции Марта Спала смета дека  евроинтеграцијата се користи за потчинување на малите земји, во случајов на Македонија. Во интервју за полското издание на Њузвик таа посочува дека Бугарија тврди дека македонската нација не постои, а Македонија треба официјално да го признае тоа за да се приклучи на ЕУ, при што Унијата пасивно гледа на сето тоа.

– Бугарија ги користи сите алатки што ѝ стојат на располагање како членка на ЕУ да ги потчини Македонците и да ја напише одново историјата на Македонија како што ѝ одговара. Според бугарската интерпретација на историјата, Македонците се всушност Бугари кои биле доведени во заблуда од Тито, создавајќи македонски идентитет. Според Бугарија, Македонија како држава е комунистичка творба, а македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот јазик – вели аналитичарката од Центарот за источни студии од Варшава.

Спала оценува дека поради апсурдните барања на Бугарија евроинтеграцијата  во случајот со Македонија служи за дестабилизирање, а не за стабилизирање.

– Европската интеграција веќе не служи да се трансформира и да се стабилизира соседството на ЕУ, туку стана механизам за потчинување на помалите земји. Процесот на интеграција сега се користи да се исполнат апсурдни услови на земјите членки. Ова е многу опасен феномен и покажува капитулација на европските политики. Оваа криза трае со години. Нема доволно политичка волја да се сфати сериозно Западниот Балкан и да се комплетира проектот за проширување на ЕУ – вели таа.

И при презентирање на компромисниот предлог, додава Спала, францускиот претседател направи многу грешки кои се последица на игнорантскиот пристап на суперсилите, како на пример, зборуваше за „северномакедонци“ што многу ги иритираше луѓето и стана една од причините за протестите во Македонија.

Спала предупредува дека случајот со македонските евроинтеграции ќе стане опасен преседан за во иднина.

– Случајот со Македонија е тажен затоа што сериозно го сфати проширувањето на ЕУ. Во име на европските интеграции Македонците ја урнаа автократската влада на Никола Груевски, го сменија името на државата, но испадна дека тоа не е доволно. Затоа и не е изненадувачки што кредибилитетот на ЕУ падна значително на Балканот, дури и во такви традиционално проевропски земји како Косово и Албанија, каде што евроинтеграциите беа поддржувани од 99 отсто од населението. Она што сега се случува во Македонија, потчинување на процесот на проширување на интересите на една земја, е опасен преседан за иднината. На пример, интеграцијата на Украина, која неодамна доби кандидатски статус. Сведоци сме на морален колапс на европската идеја – вели Спала.

Во интервјуто таа потсетува дека Бугарија нема расчистено со својата историјата од 20 век, посебно за време на Втората светска војна. Според неа, проблем во соседските односи е што во Бугарија комунистичките архиви не се отворени и никој не се занимава со улогата што ја одиграла оваа земја на Балканот во 20. век.

Ковачев му се заканува на Пендаровски

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев вчера на Фејсбук го повика македонскиот претседател Стево Пендаровски „да престане со манипулативните и двосмислени изјави за историски личности како што се браќата Миладиновци, Гоце Делчев и други, кои ќе дојдат на ред за расправа во Мешовитата историска комисија“. Пендаровски завчера, при посетата на спомен-куќата на браќата Миладиновци во Струга, напиша дека нивното дело е „од од суштинско значење за македонската култура и традиција“, во што Ковачев виде провокација.

– Ова треба да биде последната објава што Пендаровски и кој било друг функционер на Северна Македонија ја пишува на овој начин. Со францускиот предлог почитувањето на Договорот за добрососедство ќе биде клучен, хоризонтален критериум за напредокот на Скопје во преговорите за членство. Во самата преговарачка рамка упатувајќи на протоколите од членот 12 од Договорот се бара македонските функционери да се придржуваат во своите официјални настапи до наративите што се веќе дефинирани од историската комисија. Со сигурност браќата Миладиновци наскоро ќе дојдат на ред за расправа и потоа Пендаровски нема да може да биде поштеден од фактот дека тие имаат исто значење и за бугарската култура. Најмногу од сè, нема да може да премолчи дека тие самите ја нарекуваат својата колекција „Б’лгарски народни песни“, јазикот на кој е напишана – бугарски, а самите тие Бугари – пишува Ковачев.

Со манифест против францускиот предлог

Манифест против францускиот предлог, во кој се вели дека со него македонскиот народ станува предмет на омаловажување и понижување,  потпишаа 844 македонски интелектуалци – наставници, професори, лекари, научници, уметеници, педагози и новинари. Во манифестот се бара владата и претседателот Пендаровски јасно да го отфрлат предлогот.

Предлогот предвидува, велат потписниците, билатералните протоколи со Бугарија да станат составен дел од преговарачкиот процес, што македонскиот народ и македонскиот јазик ќе ги сведе на еднострана изјава, која нема важност пред институциите на ЕУ.

– Со овој предлог, уште пред да почне преговарачкиот процес, Македонците ќе бидат сведени на вештачки конструкт од 1944 година. Македонскиот јазик, според овој предлог, ќе биде историски непостоечки за ЕУ. Предлогот наведува дека „ЕУ ќе ги земе предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и на Македонија за македонскиот јазик“, а содржината на декларациите за македонскиот јазик не се соопштува – се наведува, меѓудругото во Манифестот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот