Француски предлог и бламажа на ЕУ

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, зборуваше во македонското Собрание и им посака на Македонците и на македонскиот јазик добредојде во Европа, но не беше целосно искрена кога рече дека билатералните разговори за историјата не се услов за македонските преговори за членство. Не, не се за да започне процесот на преговарање, но се претпоставка за негов позитивен исход.

Глас за Европа. За посигурна македонска иднина, деблокирана преку „францускиот предлог“, кој беше проследен со контроверзна дебата, но наиде и на низа критики пошироко во Европа, со предупредување дека национализмот и историскиот ревизионизам не би требало да имаат местото во ЕУ.

Софија не чекаше долго за да го изрази своето задоволство дека ЕУ преку предлогот на Француското претседателство ги прифатила гледиштата на Бугарија за „нерешените прашања“ во однос на „минатото и заедничката историја“. Зошто Бугарија воопшто би протестирала и би се спротивставувала на овој предлог, кога ЕУ практично и овозможи отворен простор да продолжи да инсистира да се прифатат нејзините максималистички барања за ревизија на историјата, јазикот, образованието, и не помалку од внесување промени дури и во Уставот на Македонија.

Каде тоа француското претседателство виде можност дека некој, според еднострани гледишта и ставови, може да ја „корегира и исправи“ историјата, а со што би се постигнал договор за градење добрососедски односи? Некои европски познавачи на приликите на Балканот ги нарекоа француските заложби „катастрофа“.

Што се однесува до ставовите во Скопје – како што забележа Шјел Магнусон, еден од најпознатите шведски истражувачи на балканските конфликти,  македонската Влада се изјасни позитивно, очигледно наговорена од ЕУ според принципот „сега или никогаш“, тврдејќи потоа дека македонскиот јазик практично е признат, како и дека историјата и идентитетот не се дел од преговарачката рамка, а што, според Магнусон, „е во спротивност со текстовите во договорот“.

Непобитен факт е дека ЕУ никогаш порано не инсистирала прашањата поврзани со јазик, идентитет и историја да бидат дел од преговорите за членство, а поради потребата од градење “добрососедски односи“. Укажувајќи на апсурдноста на јазичниот спор што го наметнува Бугарија, шведскиот истражувач понудува интересна перспектива за соодветни споредби во поширок контекст, нагласувајќи дека бугарскиот и македонскиот јазик во добар дел се засновани на сосема различни дијалекти, така што доколку би земале „српскиот јазик да одговара на шведскиот, тогаш македонскиот би бил норвешки, а бугарскиот дански“. Да се ​​тврди денес дека македонскиот е бугарски дијалект е како да се тврди дека норвешкиот е всушност дански.

Бугарскиот фактор упорно продолжува со обидите да се наметне  во иднината на македонската држава и нација. Но македонскиот национален идентитет сепак стигнал значајно да еволуира по 1944 година. Инаку, како што  многумина во Европа веќе укажаа, слична логика би можела да се бара и пошироко во Европа и светот, вклучувајќи го и наведниот пример од Скандинавија.

Данската монархија долго време владеела со Норвешка, но никој не бара норвешкиот јазик да се прогласи за „севернодански дијалект“, без оглед што остатоци од данското културно и јазично влијание се уште се присутни меѓу Норвежаните. И Шведската круна била суверен во Норвешка се до распадот на шведско-норвешката кралска унија во 1905 година, (што не е временски толку далеку од „коминтерновско-титовска“ 1944-та, на која се повикува Софија), но денес шведскиот и норвешкиот се два самостојни, соседни јазици во две самостојни држави. Што би се случило во ЕУ ако некоја од овие скандинавски држави настапи агресивно, барајќи ревизија на националните истории на своите соседи, а во интерес на сопствените државни интереси?

А што се однесува до „францускиот предлог“, веројатно не е соодветно да се нарече „диктат“, но што е тој ако не е „прикрпен“ предлог (набрзина преправен за само една недела по првата верзија), како израз на историски типично политичко-дипломатско лицемерие од позиција на моќна европска сила? Имало спорни прашања во преговорите за ЕУ-членство и меѓу други источноевропски земји, како, на пример, во крајно тензичните преговори меѓу Унгарија и Романија околу Трансилванија и унгарското малцинство, но ниту Франција, ниту, пак, некоја друга важна европска земја не барала тоа да влезе во нивната преговарачка рамка. Токму напротив, бил извршен притисок врз Унгарија и Романија тие прашања, колку и да биле чувствителни за националните интереси на двете земји, да бидат оставени настрана, додека траеле нивните преговори за зачленување во ЕУ.

Следствено на тоа, од каде сега толкаво интересирање на Париз, билатералните бугарско-македонски прашања поврзани со историја, јазик, национална посебност и самоопределување, да бидат вградени во преговорачката рамка? Секако дека тука тешко би можела да се бара некаква теорија на заговор, но дали нема ни бламажа на ЕУ околу идентитетските прашања, како и историско повторување на потценувачката политика со паричето за поткусурување за промашените и неостварени геополитички идеали?

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, зборуваше во македонското Собрание и им посака на Македонците и на македонскиот јазик добредојде во Европа, но не беше целосно искрена кога рече дека билатералните разговори за историјата не се услов за македонските преговори за членство. Не, не се за да започне процесот на преговарање, но се претпоставка за негов позитивен исход.

И по Франција Претседателството со ЕУ не ги смени своите позиции ни за милиметар. Шведска во изминатите децении важеше за еден од најзначајните приврзаници на процесот на ЕУ-проширувањето, но како претседавач во првата половина на годинава ниту со еден збор не го спомена проширувањето, ниту, пак, иницираше каква било дискусија околу можна ревизија на францускиот предлог, со отстранување на билатерланите прашања за јазикот, историјата и идентитетот од преговарачката рамка, чиј фокус главно треба да бидат владеење на правото и судството, функционална демократија и економија, човечки права и права на малцинствата. Ниту од актуелното Шпанско претседателство со ЕУ не доаѓаат поинакви сигнали.

Од Претседателството со ЕУ се очекува да го осигура континуитетот на ЕУ-агендата и да се заложи законодавните процеси и соработката меѓу земјите-членки да се одвиваат непречено. За да се постигне таа цел, Претседателството мора да дејствува како чесен и неутрален посредник. Во спротивно, од придонесот на Брисел во развојните процеси на ЕУ би можело да има помалку полза, а повеќе штета.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот