Фрацускиот печат за пристапните преговори: Патот кон полноправно членство во ЕУ ќе биде долг и тежок

Францускиот печат во освртот на одлуката на министрите за европски прашања на ЕУ потсетува дека по зеленото светло за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, одлуката утре треба да биде потврдена утре на виртуелниот самит, оценувајќи дека сепак патот за двете земји кон полноправно членство во Унијата ќе биде долг и тежок, посебно за Албанија, јави дописникот на МИА.

Редакцијата на Ројтерс на француски јазик потсетува дека проширувањето длабоко ги подели земјите членки на ЕУ. Франција и Холандија посебно беа скептични за отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија, забележувајќи на функционирањето на демократските институции и борбата против корупцијата. Париз и Хаг стравуваа и за кохезијата на заедничкиот европски блок, но по омекнувањето на нивната позиција сега е дадено зелено светло, оценува Ројтерс на француски јазик.

„Бурсорама“ нагласува дека ЕУ се приближува кон преговори за членство со Албанија и Северна Македонија, додека „Медиапарт“ потенцира дека земјите членки на ЕУ се договорија да го започнат преговарачкиот процес со двете земји.

Неделникот „Ле Пуант“ ја пренесува изјавата на комесарот за проширување Оливер Верхеји дека „е среќен што земјите членки на ЕУ успеаја да постигнат политички договорот за почеток на преговорите“. Притоа тој испрати и искрени честитки до двете земји, оценувајќи дека е испратена јасна и силна порака до Западниот Балкан дека неговата иднина е во ЕУ, наведува „Ле Пуант“.

Политичкиот договор на министрите за европски прашања, за почетокот на преговорите, сега треба да биде потврден од страна на шефовите на држави или влади на утрешниот виртуелен самит, потсетува „Ле Пуант“, оценувајќи дека патот на двете земји кон ЕУ ќе биде многу тежок, посебно за Албанија, бидејќи Германија и Холандија побараа од Тирана да направи реформи пред формалниот почеток на преговорите, како и да гарантира транспарентно финансирање на политичките партии и на изборната кампања.

Првиот канал на францускиот национален радио сервис „Франс Интер“ коментира дека патот ќе биде тежок и несигурен за Северна Македонија и Албанија, бидејќи по барањето на Франција и Холандија процесот на проширувањето е реформиран и отсега земјите членки на ЕУ можат да ги суспендираат преговорите и да вратат од почеток некои политички поглавја, во случај на неисполнување на барањата.

„Франс Интер“ потсетува дека повеќе држави членки на ЕУ побарале од Албанија и Северна Македонија дополнителни напори во борбата против корупцијата, обезбедување на независноста на судството и почитување на правната држава.

– Ова посебно важи за Албанија, која треба да го потврди напредокот пред првата рунда преговори, наведува радиото, додавајќи дека иако датумот за стартот на преговорите се уште не е познат, по утрешното формализирање на одлуката, Самитот ЕУ – Западен Балкан во Загреб ќе се одржи во поопуштена атмосфера.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот