ФОТО+ВИДЕО: Радост на лицето на Ембла, гостин ѝ беше претседателот Пендаровски

Пендаровски ја испрати Ембла до училиштето/Фото: ПРСМ

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Гостивар го посети семејството на 11-годишната Ембла Адеми и основното училиште „Единство” каде што таа следи настава во четврто одделение. Ова девојче со Даунов синдром  го почна со задоцнување второто полугодие поради бојкот на родители на нејзини соученици што минатата недела предизвика бурни реакции во јавноста и од надлежните институции.

Со родителите на Ембла, Пендаровски разговараше за предизвиците со кои таа и нејзиното семејство се соочуваат секјдневно, фокусирајќи се на можностите за нивно надминување.

Пендаровски со Ембла/Фото: ПРСМ

– Пендаровски ги охрабри и поддржа родителите во нивната борба за заштита на правата на децата со атипичен развој и ја поздрави брзата реакција на Народниот правобранител и одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација да отвори постапка за случајот со Ембла. Претседателот ја нагласи важноста од запазување на законските одредби на инклузија во образованието, потенцирајќи ја општествената одговорност особено кон ранливите групи. Претседателот истакна дека се неприфатливи однесувањата на оние кои на кој било начин ги загрозуваат правата на децата, дотолку повеќе кога станува збор за деца со атипичен развој, соопшти Кабинетот на Пендаровски.

Претседателот Пендаровски во домот на Ембла/Фото: ПРСМ

Не само што треба да ги уживаат правата кои им следуваат, наведе шефот на државата, туку и да се чувствуваат еднакви и добредојдени во училишните клупи и училишниот двор.

-Тоа е наша обврска, како држава, но и како поединци, а клучниот елемент во оваа заедничка мисија е емпатијата. Таа ќе им помогне на децата како Ембла, но ќе ни помогне и нам, да научиме од нив како искрено да се радуваме, да споделуваме и да бидеме солидарни. Во ова општество сите сме еднакви. Дојдов да ја дадам мојата поддршка и да ја кренеме свеста дека инклузијата е основен принцип, рече претседателот Пендаровски.

Пендаровски се осврна на инклузивноста како стремеж кој не треба да остане само декларативен, туку преку пракса да се користат потенцијалите на лицата со атипичен развој. Предрасудите во тој контекст, додаде тој, се главната пречка за изградба на еднакво и праведно општество за сите.

Претседателот посочи  дека ресорните министерства и надлежните институции имаат законска, но и морална обврска да овозможат инклузивно образование, во кое главниот фокус ќе биде развивање вештини и способности кај децата со различен развоен процес, нагласувајќи ја потребата од сензибилизирање на јавноста по овие прашања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот