ФОТОГАЛЕРИЈА: Скопје од некогаш блескаво накитен град, годинава стигна до град за потсмев

Елката во Скопје некогаш и сега / Фото Колаж на Слободен печат

Една поднакривена платнена елка со залепени ѕвончиња и гранчиња, неколку големи светкави лампиони околу фонтаната на Градскиот плоштад, дрвени куќички на кои сѐ уште не им се знае намената и светлечки ленти, чадорчиња и украси на дрвјата по неколку улици и булевари низ Скопје – тоа е новогодишната „магија“ која на скопјани им ја вети и ја добија од градоначалничката Данела Арсовска.

Елката веќе стана предмет на потсмев во целиот регион. „Кога мислите дека сте во лоша состојба, помислете на несреќната елка во центарот на Скопје“, е насловот што осамна во еден од српските портали, додека, пак, социјалните мрежи вријат од реакции и шеги на сметка на елката, која всушност е само одраз на сето она во што се претвори главниот град во изминатиот период.

И навистина, елката што е поставена на плоштадот е далеку под очекувањата на скопјани.

„Мојата домашна елка е повисока од оваа на плоштадот, а плус тоа исправена е и понакитена е. Да кажеа, ќе им ја позајмев“, се шегува граѓанин на социјалните мрежи.

Градоначалничката најавувајќи го блеснувањето на новогодишната магија, рече дека годинава украсувањето ќе чинело 30.000 евра, а не како досега што се трошеле помеѓу 90.000 и 240.000 евра. Повторно потсети дека минатата година градот бил накитен без дополнителни трошоци. Но, до ден денешен Арсовска не објасни како се кити град за „беспари“, со која општествено одговорна компанија и како било договорено бесплатното украсување. Исто како што деновиве нема одговор на која фирма ѝ се платени 30.000 евра, пари на граѓаните, како е избрана фирмата без да се објави јавен оглас и од кои средства од буџетот се одлеани парите. И конечно, дали ова што го гледаме, годинешното новогодишно украсување на градот, навистина вреди 30.000 евра.

Градоначалничката Арсовска годинава дури ни на својата фејсбук-страница, ниту пак на официјалната веб-страница на Градот не објави ниту една фотографија од новогодишно украсеното Скопје и од централната елка, што не се случило никогаш порано. Градоначалниците низ годините секогаш со граѓаните ја споделувале радоста и претпразничната возбуда. Се подгревала новогодишната атмосфера со најави на настани, со заедничко „светнување“ на елката на плоштадот, со настап на дечиња, со претстави и концерти кои траеле со денови пред заедничкиот дочек на Новата година. Арсовска со граѓаните не споделува ништо, па ниту тоа дали се планира некаква празнична програма.

Скопјани паметат многу поубави години во Скопје, кога задоволство било да се прошета по украсените улици и низ градскиот центар, кога им се восхитувале на високите светкави елки. И кога градоначалниците се труделе градот да биде вброен меѓу најубаво украсените метрополи во регионот, а не да служи за мајтап и потсмев, поради негрижа на надлежните. Тоа не го заслужиле ни Скопје, ни неговите жители.

За оние што подзаборавиле мало потсетување како изгледаше новогодишно ускрасеното Скопје во изминатите десетина години.

Новогодишно украсено Скопје во 2012 година/ Фото: Град Скопје
Новогодишно украсување во 2013 година/ Фото: Град Скопје
Бела блескава елка во Скопје во 2014 година/Фото: Град Скопје
Предновогодишно Скопје во 2015 година/ Фото: Град Скопје
Новогодишна атмосфера во 2016 година/ Фото: Град Скопје
Новогодишната елка на плоштад во 2017 година/Фото:Град Скопје
Скопје во 2018 година/ Фото: Град Скопје
Новогодишно Скопје во 2019/Фото: Град Скопје
Новогодишно украсување во 2019 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
Новогодишна атмосфера во 2020 година/Фото: ЕРА-EFE/GEORGI LICOVSKI
Новогодишно украсување во 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
Скопје во 2021 година/ Фото: Furkan Abdula / AFP / Profimedia
Новогодишна атмосфера во 2022 година/ Фото: Furkan Abdula / Abaca Press / Profimedia
Новогодишна атмосфера во Скопје годинава/Фото: Слободен печат-Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот